/ Прочитано:

1.331

Врховниот суд го комплетирал предметот „Монструм“. Се очекува закажување на јавна седница за разгледување на жалбите

Жалбите на одбраната се однесуваат на пресудата во целост. Тие биле поднесени уште на 4 јануари годинава. Погрешно утврдена фактичка состојба, погрешна примена на материјалното право, висината на казните, се само дел од наводите во жалбите, велат од одбраната.

????????????????????????????????????

Во Врховниот суд се разгледува предметот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковското Езеро, за кое шестмина обвинети беа осудени на доживотна казна затвор од страна на Кривичниот судот, а за едно лице беше изречена ослободителна пресуда.

По жалбите на одбраната, предметот е пред врховните судии. Како што информираше претседателката на Судот, Лидија Неделкова, станува зор за обемен предмет и на судиите им е потребно време детално да го проучат предметот.

Жалбите на одбраната се однесуваат на пресудата во целост. Тие биле поднесени уште на 4 јануари годинава. Погрешно утврдена фактичка состојба, погрешна примена на материјалното право, висината на казните, се само дел од наводите во жалбите, велат од одбраната.

Како што потврдуваат од Јавното обвинителство, на Врховниот суд веќе му го испратиле мислењето што го побарал од нив и очекуваат да биде закажана седница за жалбите изјавени за предметот.

„Судијата известител веќе го проучува предметот и според досегашната пракса, бидејќи станува збор за предмет во кој има досудено казни доживотен затвор, ќе биде закажана јавна седница“, велат од Врховен.

Апелациониот суд минатата година во декември ја потврди првостепената пресуда на Кривичниот суд во Скопје.

„Со цитираната пресуда на Апелациониот суд Скопје, по одржаната јавна седница и сеопфатната анализа на доказите и оцена на жалбените наводи, жалбите на обвинетите А. И., А. Д., А. И., Ф. А. и С. Љ., огласени за виновни за кривичното дело – тероризам од членот 394-б став 1 од Кривичниот законик како соизвршители, и обвинетиот Х. А. огласен за виновен за кривичното дело – тероризам од членот 394-б став 1 од Кривичниот законик како помагач, кои се осудени на казна доживотен затвор изречена од страна на првостепениот суд, се одбиваат како неосновани“, стоеше во одлуката на Апелациониот суд.

Со одлуката на Апелациониот суд Скопје, жалбата на јавниот обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, изјавена во ослободителниот дел на првостепената пресуда, со која обвинетиот Р. С. е ослободен од обвинението за кривичното дело – тероризам од членот 394-б став 1 од Кривичниот законик како соизвршител со останатите обвинети, беше одбиена како неоснована.

Со пресудата од 30 јуни 2014 година, на доживотна казна затвор за тероризам беа осудени Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Единствено петтообвинетиот, Сејди Рами, доби ослободителна пресуда бидејќи Судот не пронашол цврсти докази што посочуваат на негова инволвираност во настанот. Алил Демири и Африм Исмаиловиќ сè уште не се екстрадирани од Косово.

Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски, Александар Наќевски, Филип Славковски и Борче Стевковски беа убиени на 12 април 2012 година, на Велики четврток,  додека ловеа риба кај Смилковското Езеро. Според Обвинителството, мотивот за свирепото убиство е предизвикување чувство на страв и несигурност кај македонското население.

М. С.

„Монструм“