/ Прочитано:

928

За мерките предложени против четворицата осомничени во „Тврдина“, Судот ќе одлучува в среда

Во меѓувреме, тече рокот од 48 часа кој Кривичниот совет го има да одлучува по жалбата на одбраната на првоосомничениот, вработен во Управата за безбедност и контраразузнавање, во однос на мерката притвор во траење од 30 дена која му беше определена во средата.

Osnoven-sud-Skopje-1

Специјалното јавно обвинителство добило покана од Кривичниот суд да ги образложи причините поради кои предлага мерки за претпазливост за останатите четворица осомничени во предметот „Тврдина“ в среда, 6 април, пред судија на претходна постапка.

Во меѓувреме, тече рокот од 48 часа кој Кривичниот совет го има да одлучува по жалбата на одбраната на првоосомничениот, Горан Грујовски, вработен во Управата за безбедност и контраразузнавање, во однос на мерката притвор во траење од 30 дена која му беше определена во средата.

Кривичниот совет може да ја потврди одлуката на судијата на претходна постапка или да му определи друга мерка за претпазливост.

Рокот истекува утре напладне.

За второосомничениот, за четвртоосомничениот и за петтоосомничениот е предложена мерка за забрана на напуштање на место на живеалиште и престојувалиште, одземање на патната исправа и обврска да се јавуваат во судот, како и забрана за вршење определени работни активности кои се поврзани со извршување на кривичното дело бидејќи лицата се сè уште во работен однос.

За третоосомничената, поранешната министерка за внатрешни работи, е побарано да ѝ бидат изречени мерки за претпазливост, одземање на патната исправа, јавување во судот и забрана за напуштање на живеалиштето.

Предметот „Тврдина“, кој го отвори Специјалното јавно обвинителство, се однесува на незаконско уништување на опрема на Министерството за внатрешни работи за следење на комуникациите.

„Во овој предмет осомничени се двајца началници на оддели при Управата за безбедност и контраразузнавање и министерката за внатрешни работи, кои, во првата половина од 2015 година, со искористување на службената положба и овластување и со пречекорување на границите на нивното службено овластување, со умисла, помогнати од осомничениот началник на една од единиците во Управата, ги уништиле системите за следење на комуникации, со што нанеле штета на средствата на државата и на Буџетот на Република Македонија во износ од 10 милиони евра“, истакна обвинителката Ленче Ристоска.

М.С.