/ Прочитано:

1.304

За поголеми економски ефекти во туризмот неопходни се и измени на законската регулатива

Македонија сè уште нема стратегија за туризам. Во моментов постои финална верзија на Предлог-стратегија, која веќе 2 години е во фаза на таков документ. Сепак, и во неа е констатирано дека туризмот во Македонија се соочува со повеќе проблеми, како што се: класификација на хотелите, туристички ознаки, субвенции за туроператорите, субвенции за авиопревозниците, визната политика или генералната инфраструктура. За таа цел, потребно е да се подобри општата инфраструктура, што подразбира, освен патишта, струја, отпадни води, канализации и сл., да се дефинираат идни тела одговорни за развој на туризмот на национално ниво, како и тело за координација на сите активности поврзани со туризмот заради избегнување паралелни активности. Ова беше истакнато на денешната прес-конференција на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија на тема „Неопходни интервенции во законската регулатива за поголеми економски ефекти во туризмот“.

Од Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија велат дека се неопходни интервенции во законската регулатива за поголеми економски ефекти во туризмот. Интервенциите, истакна Даниела Михајловска-Василевска од Стопанската комора на Македонија, се потребни во неколку области особено во туристичката дејност и во угостителството.

Во делот на законските измени се предлага:

1) Во Законот за туристичка дејност:

– лиценцата за туристичка дејност да се реобновува на периодот од две/три години;

– да се оневозможи туристички агенции со „Б“ лиценца да вршат услуги како да имаат „А“ лиценца;

– наместо лиценци „А“ и „Б“, да постојат туроператори, односно организатори на патувања и продажни агенти или туристички агенции кои само ќе ги продаваат аранжманите изработени од туроператорите, односно организаторите на патувањата;

– да постои само банкарска гаранција како услов за давање лиценца, не и осигурителна полиса;

– да се воведе осигурување на аранжманите за да се обезбеди уште поголема самоконтрола на работата на туристичките агенции;

– усогласување на Законот за туристичка дејност и Законот за превоз во патниот сообраќај;

– промена на Правилникот за субвенционирање, односно допрецизирање на одредени членови од Правилникот за начинот, видот и висината на субвенциите;

– измени и на општите услови за патување, следејќи ги меѓународните прописи и стандарди во согласност со трендовите;

– легитимацијата за туристички водич да прерасне во лиценца, за чие добивање ќе бидат потребни многу поголемо познавање во областа, завршени обуки.

2) Во Законот за угостителска дејност:

– категоризација на сите угостителски објекти за сместување во согласност со дефинирање на поимот угостителски објекти за сместување (хотел, мотел, пансион, туристички апартман, планинарски и ловни домови и сл.). Во Македонија постои само Правилник за категоризација на хотели, мотели и пансиони. Оттука, драстично расте интересот за регистрирање апартмани за кои не постои категоризација;

– промена на моделот на категоризација;

– категоризација на сите угостителски објекти за исхрана (ресторани, гостилници, ресторани за самопослужување, експрес-ресторани, киосци, млечни ресторани, ресторани бавчи, летни бавчи, ќебапчилници, бистро, пицерии, објекти за брза храна и слично).

Постои Регистар на категоризирани ресторани (во согласност со кој има регистрирани 88 национални ресторани), но нема регистар на гостилници, ресторани за самопослужување, експрес-ресторани, киосци, млечни ресторани, ресторани  бавчи, летни бавчи, ќебапчилници, бистро, пицерии, објекти за брза храна и слично. Нема ниту достапна информација колку угостителски објекти се регистрирани за исхрана надвор од моделот на категоризација.

Поради посочените слабости, се бара промена на моделот на категоризација на објектите за вршење угостителска дејност, особено на гостилници, ТП друштва и сите други видови угостителски објекти за исхрана, како и решавање на проблемот со кетеринг-компаниите, кои работат во несоодветни услови, нерегистрирани и кои им се сериозна нелојална конкуренција на правните субјекти кои работат во угостителската дејност.

Истовремено се укажува дека постојат различни казнени одредби за различни форми на правни субјекти кои се занимаваат со угостителска дејност, поради што се бара нивно усогласување, односно за сите форми на правни субјекти да постојат исти обврски и казнени одредби.

– Со цел регулирање на работата на правните субјекти во насока на елиминирање на нелојалната конкуренција и „сивата“ економија, да се работи на соодветен модел на контрола на инспекциските служби во продажбата на аранжмани преку системите „Booking“, „Airbnb“ и другите форми на онлајн продажба на угостителски услуги;

– освен поради несоодветна категоризација на сите угостителски објекти, проблемите настануваат и поради отсуство на соодветен систем на следење на работата на физичките лица кои се регистрираат за вршење угостителска дејност за сместување на локално ниво и продажбата на аранжмани и услуги за ноќевање од некатегоризирани правни субјекти.

М.В