/Прочитано:

1.247

Законот за ратификација на Истанбулската конвенција пред пратениците

Владата го поднесе во Собранието на Република Македонија Предлог-законот за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство.

Минатата недела Владата на Република Македонија го  усвои Предлог-законот за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, позната како Истанбулската конвенција, со што се создаваат услови за еден поширок и сеопфатен пристап во борбата против насилството.

Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство од 11.5.2011 година, позната како Истанбулска конвенција, претставува најзначајниот меѓународен документ за борбата со семејното насилство. Истанбулската конвенција е првиот сеопфатен инструмент на европско ниво кој се однесува на насилството врз жените.

Ратификацијата на Конвенцијата подразбира низа обврски за владите што ја имаат ратификувано, да преземат конкретни чекори за спречување на сите форми на насилство врз жените: од демнење и сексуално вознемирување до домашно насилство, принуден брак и женска генитална мутилација. Притоа, правата на жените што поминале низ насилство треба да се во центарот на сите мерки кои се спроведуваат по пат на ефективна соработка и координација со сите надлежни органи, институции и организации.

Во Конвенцијата се поставуваат цели за ефективна борба против насилството врз жените и домашното насилство, а она што е особено значајно е што во Конвенцијата насилството врз жените се дефинира како кршење на човековите права, додека пак домашното насилство ги означува сите акти на физичко, сексуално, психичко, односно економско насилство, кои се случуваат во рамките на семејството или домаќинството.

М.В