/ Прочитано:

3.715

ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ ЗА ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА: Oбврска јавните претпријатија на својата веб-страница да ги објавуваат извештаите за работењето

Министерството за економија подготвува измени на Законот за јавните претпријатија. Целта на предложениот закон, велат од Министерството, е целосно почитување на принципот на транспарентност преку обезбедување јавен надзор и контрола во финансиското работење на јавните претпријатија, како и обезбедување услови за полесен пристап до слободни работни места за давателите на јавни услуги, со воведување на АПТИС, како доказ за познавање на странски јазик при избор на органите на управување во јавните претпријатија и бришење на условот за положен психолошки тест.

Законските измени, посочуваат од Министерството, се во насока на обезбедување целосно почитување на принципот на транспарентност во работењето на јавните претпријатија. Во согласност со одредбите од овој закон, ќе биде пропишана законска обврска за јавните претпријатија на својата веб-страница да ги објавуваат усвоените тримесечни извештаи кои содржат показатели за финансиското работење, годишната сметка и извештајот за работењето на јавното претпријатие за соодветниот период.

„За да се даде поголем примат на стручноста и ефикасноста во работењето на органите на управување во јавните претпријатија, неопходно е да се изврши промена и во условите при нивното именување, со тоа што ќе се изврши дополнување на сертификатите за познавање на англиски јазик со АПТИС, како и бришење на условот за положен психолошки тест“, истакнуваат од Министерството за економија.

Во Законот за јавните претпријатија се пропишува дека овие претпријатија можат да се основаат заради вршење на дејности од јавен интерес. Република Македонија, општините и градот Скопје можат да основаат јавни претпријатија во согласност со овој закон, со цел вршење дејности од јавен интерес на територијата на Република Македонија. Јавни претпријатија во име на Република Македонија основа Владата на Република Македонија, во име на општината, Советот на општината и во име на градот Скопје, Советот на градот Скопје.

M.В