/ Прочитано:

1.048

Законски измени за месечниот надоместок на Советот за граѓански надзор над мерките за следење на комуникациите

Група пратеници во Собранието поднесоа измени на Законот за следење на комуникациите, а во врска со паричниот надоместок на членовите на Советот за граѓански надзор и на техничките експерти. Измените се предложени по скратена постапка.

„Со предложените законски решенија ќе се доуредат правото и висината на месечниот надоместок за техничките експерти за постојана поддршка во Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите и на претседателот и членовите на Советот за граѓански надзор и постапувањето на Советот по сопствена иницијатива или по претставка поднесена од граѓанин“, се вели во законското образложение.

Со техничките експерти за постојана поддршка, се предлага во законските измени,  Собранието склучува договор, по предлог на Комисијата, за ангажирање, целта, очекувањата и за извршената работа, врз основа на кој им следува месечен надоместок во висина од една просечна месечна нето-плата исплатена во претходната година во Република Северна Македонија, кој се исплатува од буџетот на Собранието на Република Северна Македонија.

Со дополнителните национални или меѓународни експерти Собранието склучува договор, по предлог на Комисијата, за ангажирање, целта, очекувањата и за извршената работа, врз основа на кој им следува надоместок определен од Комисијата, кој се исплатува од буџетот на Собранието на Република Северна Македонија.

На претседателот и членовите на Советот за граѓански надзор, се пропишува понатаму во измените, им следува месечен паричен надоместок што се исплаќа од буџетот на Собранието на Република Северна Македонија.

„Месечниот надоместок го определува Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Северна Македонија и не можe да  бидe повисок од две просечни месечни нето-плати исплатени во претходната година во Република Северна Македонија“, се пропишува во предложените законски измени.

Совет за граѓански надзор

Во Законот за следење на комуникациите се пропишува дека Советот за граѓански надзор има за цел остварување на граѓански надзор на законитоста на спроведување над мерките за следење на комуникациите.

Советот е составен од претседател и шест членови кои ги назначува Собранието на Република Македонија за период од три години, без право на повторен избор.

Собранието на Република Македонија распишува јавен оглас за назначување на претседател и шест членови од кои тројца се експерти и тројца се претставници од невладините организации (здруженија) од областа на заштитата на основните човекови права и слободи, безбедноста и одбраната.

 

М.В