/ Прочитано:

3.330

Законските новини за полагањето на лекторскиот испит

По четири години застој, се откочува постапката за полагање на лекторскиот испит, која беше оневозможена со досегашната регулатива за начинот на полагање донесена во 2013 година, истакна министерот Алаѓозовски на денешната прес-конференција во Скопје. Министерот Алаѓозовски ја извести јавноста дека веќе е именувана Комисијата за полагање лекторски испит, во состав: проф. д-р Искра Пановска-Димкова (претседател), проф. д-р Олгица Додевска- Михајловска (член) и проф. д-р Симон Саздов (член). Со овие и со други постапки, Министерството започна практично да ги спроведува измените на Законот за употреба на македонскиот јазик што стапија во сила на почетокот на оваа година.

Во подготовката, пак, на законските измени од Министерството за култура посочија дека, при анализа и увид на состојбите од спроведувањето на Законот за употреба на македонскиот јазик, се утврдиле повеќе проблеми. Начинот на полагање на испитот за добивање лекторска лиценца по пат на електронски тест на компјутер, истакнаа од Министерството, е неприменлив за полагање на лекторскиот испит и доведува до апсурдна ситуација во која се полага испит за лектор, а притоа воопшто нема лекторирање во самиот испит.

„Имено, ваквиот утврден начин на полагање испит за лектор не понуди релевантни мерила/критериуми за проверка на знаењето на кандидатот. Дополнително што делови од граматиката на македонскиот јазик, како што се синтаксата, лингвостилистиката, зборообразувањето, е невозможно да се контролираат од страна на компјутерска програма, колку и да е таа совршена, од едноставна причина што јазикот е жива материја и е поврзан со мислата, а компјутерот ‘размислува’ на бинарен систем 1:0:1. Човечкиот фактор не може да се исфрли од полагањето лекторски испит од причина што јазикот е единствена човечка дарба и не може да биде проверувана или контролирана од компјутер. Доколку и би се програмирала одредена компјутерска програма, таа би требало да биде заснована врз вештачка интелигенција, која би била прескапа за обезбедување, односно програмирање“, посочија од Министерството за култура по повод законските измени.

На денешната прес-конференција, на која се говореше за изгласаните измени на Законот за употреба на македонскиот јазик, освен министерот Алаѓозовски се обратија и проф. д-р Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик, и проф. д-р Искра Пановска-Димкова, претседател на новоизбраната Комисија за полагање лекторски испит.

Советот, беше посочено на денешниот настан, веќе достави предлог-правилник за начинот на полагање на испитот, кој се очекува да биде усвоен во текот на оваа недела, а Министерството за култура веќе назначи лице кое ќе ја обезбедува техничко-административната поддршка за оваа Комисија.

„Измените на Законот за употреба на македонскиот јазик обезбедуваат услови за полагање и утврдуваат дека лекторскиот испит се полага пред Комисија составена од претседател и двајца членови – стручњаци од областа со мандат од четири години, со можност за повторно именување. Министерот за култура, на предлог на Советот за македонски јазик, ја именува Комисијата и ги донесува конкретните подзаконски акти – правилникот за начинот на полагање на испитот и програмата за испитот, што ќе го овозможи практичното спроведување на Законот и полагањето. Во Законот е специфицирано дека сите неопходни подзаконски акти треба да се донесат во рок од 3 месеци од стапувањето на Законот во сила“, посочи министерот за култура Алаѓозовски.

Како што ѝ е познато на јавноста, нагласи Алаѓозовски, лекторскиот испит не се спроведуваше од 2013 година, кога Владата на РМ донесе Заклучок со кој го задолжи Министерството за култура, по урнек на полагањето на правосудниот испит, да изготви измени во овој закон и лиценците за лекторите да се добиваат по пат на компјутерски испит, со софтвер обезбеден од Владата.

Стручните лица задолжени за подготовка на софтверот, беше истакнато на денешниот настан,  од самиот почеток беа согласни дека електронското полагање на испитот не е соодветен инструмент за проверка на знаењето, односно не нуди објективна оцена за знаењето на кандидатот.

„Сепак, таков софтвер беше изработен, но по изработката се утврди дека е неприменлив и несоодветен, односно дека проверката на познавањето на граматиката, синтаксата, лингвостилистиката, зборообразувањето не може да се врши преку компјутерски тест, по пат на заокружување на веќе понудени одговори, во однапред уредена компјутерска програма, колку и да е таа совршена“, беше посочено на денешниот настан.

„Иако решението беше неспроведливо, преку Владата на Република Македонија досега за изработка на софтверот се исплатија средства во износ од 327.918 ден., а за негово одржување за 17 месеци се исплатија средства во вкупен износ од 71.502 денари, односно износ од 4.206 денари месечно. Покрај овие средства, Министерството за култура исплати и 40.781 денари за обука на Комисијата за изготвување бази на прашања за полагање испит за добивање лекторска лиценца и за Комисијата за верификување на прашањата од првиот дел од испитот и на прашањата и практичните примери од вториот дел од испитот за добивање лекторска лиценца“, информираше Алаѓозовски.

Професорот Спасов говореше за идните активности за реализирањето на 11-те предлог-мерки на Владата на РМ за унапредување на состојбата со македонскиот јазик, додека пак претседателката на Комисијата за полагање лекторски испит д-р Искра Пановска-Димкова го елаборираше конкретниот начин на спроведување на полагањето на лекторскиот испит од аспект на новите законски решенија.

Пановска-Димкова, која беше член на Комисијата пред Законот од 2013 година, истакна дека електронското полагање воведено со цел да се исклучи човечкиот фактор е  невозможно во практика.

„Очекувам дека полагањето лекторски испит на стариот начин ќе почне од следниот месец, а новитет ќе биде влезниот тест пред  писмениот и усниот испит. На влезниот тест кандидатите ќе покажат најосновни знаења. Дали, едноставно, заслужуваат да влезат да го полагаат лекторскиот испит. Тука би биле, евентуално, прашањата од теорија. Потоа ќе биде тестот со текстови каде што тие ќе лекторираат и доколку успеат да го положат влезниот тест и писмениот, мора да дојдат на устен испит кај лекторската комисија, зашто токму тогаш се доуточнуваат финесите и деталите, она што компјутерот не може да го направи – се образложуваат решенијата што ќе ги применува идниот лектор“, рече Пановска-Димкова.

М.В