/ Прочитано:

555

Зголемен бројот на посебните истражни мерки за следење и снимање на телефонски и други електронски комуникации

Со примена на посебните истражни мерки зголемена е ефикасноста на органите на кривичниот прогон во борбата против организираниот криминал и корупцијата. Забележливо е дека примената на посебните истражни мерки во текот на 2020 година има тренд на намалување на бројот на случаи во однос на 2019 година, но затоа пак имаме зголемување на бројот на лица опфатени со мерките, што значи дека тие биле насочени кон организирани групи кои се занимаваат со криминал, се вели во извештајот на Обвинителството за посебните истражни мерки.

Во однос на случаите опфатени според видот на посебни истражни мерки видно е зголемување кај мерката од чл. 252 ст. 1 т. 1 (Следење и снимање на телефонски и други електронски комуникации во постапка утврдена со посебен закон) и кај мерката од чл. 252 ст. 1 т. 3 (Тајно следење и снимање на лица и предмети со технички средства надвор од домот или деловен простор означен како приватен), додека кај другите видови мерки е присутно намалување.

Забележливо е дека последните истражни мерки во најголем број случаи се применувале за кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори од чл. 215 од КЗ, а потоа кај кривичното дело Злоупотреба на службена должност и овластување од чл. 353 од КЗ и кривичното дело Криумчарење мигранти од чл. 418 б и 418 в од КЗ, а потоа следуваат кривичните дела кои се наброени погоре во извештајот. Според извештајот за примена на посебни истражни мерки на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, во извештајниот период водени се постапки во 35 случаи, од кои во 15 случаи Јавното обвинителство се јавува по сопствена иницијатива, додека во 20 случаи иницијативата потекнала од Министерството за внатрешни работи.

„Од примената на посебните истражни мерки за јавното обвинителство не произлегуваат финансиски импликации со оглед дека мерките ги спроведува Министерството за внатрешни работи и истото не доставува извештај за трошоци произлезени од примената на овие мерки. Карактеристично е дека во однос на 2019 година примената на овие мерки во 2020 година била поефикасна, времетраењето на примената на мерките е намалено и поголем број случаи завршиле со понатамошно процесирање, отворање на истрага и подигнување на обвинение. Мерките се применувани само во ситуации во кои не може со конвенционални методи да се прибават докази.

Детерминираноста на примената на посебните истражни мерки во борбата против организираниот криминал и корупција произлегува од потребата за сузбивање на дејствијата во една претходна постапка и обезбедување квалитетни докази за кривичен прогон. Во спротивно борбата против овој тежок криминал би била неефикасна. Потребата од овој вид на мерки за обезбедување на докази се потврдува и со фактот што значителен број истраги во кои биле користени завршиле со покренување обвинение и осудителни пресуди“, се посочува во извештајот на Обвинителството.

ИЗВЕШТАЈ ЗА ПРИМЕНАТА НА ПОСЕБНИ ИСТРАЖНИ МЕРКИ ВО 2020 ГОДИНА

Годишен извештај на Јавното обвинителство: Постапувано е против 45.073 сторители на кривични дела

М.В