/ Прочитано:

3.594

Анализа за видливоста на Уставниот суд при носењето одлуки со посебен фокус кога одлучува за заштита на слободите и правата

Денеска Центарот за правни истражувања и анализи ја презентираше анализата „Видливоста на Уставниот суд на РМ при носењето одлуки со посебен фокус кога одлучува за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот“.

Во своето воведно обраќање, Оливер Митов од Центарот за правни истражувања и анализи истакна дека целта на анализата е добивање подобра слика за видливоста на Уставниот суд и активностите што се преземаат во согласност со Деловникот на Судот во врска со неговата јавност во работата, како и за обврската за одржување на јавните расправи пред Уставниот суд во постапки по поднесени барања за заштита на слободите и правата. Истражувањето на Центарот било подготвено со податоци добиени од правни експерти, познавачи на областа, а било презентирано пред уставните судии.

За анализата „Видливоста на Уставниот суд на РМ при носењето одлуки со посебен фокус кога одлучува за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот“, говореше Александра Цветановска, правен истражувaч која работеше на анализата.

Според стручната јавност која беше консултирана, посочи Цветановска,  потребно e Уставниот суд да даде дополнителни напори за зголемување на својата улога во општеството преку зголемената видливост за својата работа. Така, тие укажуваат дека е потребна подобра соработка со медиумите од причина што тие се гласноговорници на институциите и доколку нема интерес од страна на медиумите, самиот Суд е потребно да иницира одржување средби со новинарите со цел да ја запознае јавноста со својата работа.

Според податоците кои ги презентираше Цветановска, Уставниот суд од 1992 година, кога е донесен Деловникот за негова работа, досега одржал само пет јавни расправи по барања за заштита на човековите права и слободи, иако јавната расправа е задолжителна за донесување одлуки во вакви предмети, во согласност со деловничките правила. Уставен е должен во согласност со Деловник да одржува јавни расправи, кога одлучува по барања за заштита на човековите права и слободи, односно по барања во согласност со Уставот, член 110, алинеја три. Во согласност со членот 50 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата, утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставен суд во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

Во периодот од октомври 1992 заклучно со 31 јули 2017 година се одржале вкупно пет јавни расправи, што споредбено со бројките на годишните извештаи на Судот за тоа по колку вкупно барања поставувал Судот, значи дека само во 3,8 отсто тој одржал јавна расправа. Првата јавна расправа е одржана во 2007 година.

„Во најголем број случаи, на барања за заштита на човековите слободи и права не се одлучувало по јавна расправа, која е мошне важна затоа што на неа може да се утврди фактичката состојба. Судот најголемиот број вакви одлуки ги носел без јавна расправа, изјави Александра Цветановска.

Во анализата се наведува дека во периодот од 2007 до 2016 година, Судот одлучувал по 132 вакви барања, од кои 16 биле одбиени, а само по едно барање утврдил повреда во 2010 година и за истиот тој предмет одржал јавна расправа. Дел од уставните судии сметаат дека Деловникот е потребно да се унапреди и подобро да се доуреди од причина што при секојдневното работење се забележуваат празнини, кои со Деловникот не се уредени затоа што тој не навлегува во детални решенија. Во тој дел воедно е и одржувањето на јавните расправи и прашањето по кои предмети ќе се одржува јавната расправа. Дел од судиите сметаат дека, иако е уредено со правило да се одлучува на јавна расправа, таа е потребна само во некои случаи кога очигледно има недостаток на факти и поради тоа е потребно да се одржи.

 

Во таа насока, Цветановска ја спомена пресудата на Европскиот суд за човековите права во случајот„ Селмани и други против РМ“, во која меѓу другото се утврдува дека Уставен не одржал јавна расправа по барање на Селмани и други за заштита на слободите и правата.Барањето до ЕСЧП беше поднесено од шест апликанти: Насер Селмани, Тони Ангеловски, Билјана Дамеска, Фросина Факова, Снежана Лупевска и Наташа Стојановска, акредитирани новинари-репортери од Собранието на РМ, а во врска со собраниските настани од 24 декември 2012 година.

Со оваа пресуда првпат се утврдува повреда на правото на слобода на изразување од страна на Република Македонија, која слобода е заштитена со членот 10 од Европската конвенција за човековите права. Според ЕСЧП, оваа повреда настанала како последица на отстранувањето на апликантите од собраниската галерија од страна на собраниската служба за обезбедување. Истовремено, ЕСЧП констатира и повреда на правото на правично судење од членот шест од Конвенцијата поради неодржувањето усна расправа пред Уставниот суд.

Во анализата се вели дека Уставниот суд на РМ навремено ги објавува сите одлуки и решенија на својата интернет-страница. Одлуките и решенијата се лесно достапни и системот за пребарување е целосно функционален, што значително придонесува за зголемување на видливоста на судот.

Во годишните извештаи на Уставниот суд на РМ недостасуваат информации за организирањето конференции за печат, во согласност со обврската во Деловникот за организирање по потреба, а најмалку двапати во годината.Нема информации за издадените билтени и збирки на одлуки како трајни извори за запознавање на јавноста со неговите одлуки, стручни мислења и ставови. Од страна на Уставниот суд постои недоволен интерес за неговата застапеност во медиумите.Во дел од годишните извештаи е наведено дека Судот по секоја завршена седница, преку средствата за јавно информирање, овозможува медиумите сеопфатно да се информираат за одлуките и решенијата на Судот, а не се наведени начинот и формата на споделување на информациите.

Мал број граѓани се одлучуваат да побараат заштита од страна на Уставниот суд во однос на заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот и постои намалување на трендот на поднесени барања. Причината е што во Уставот на РМ не е целосно опфатена заштитата од страна на Уставниот суд на сите лични и политички права, како и на економските, културните и социјалните права и слободи на човекот и граѓанинот.

Податоците добиени од Уставниот суд на РМ укажуваат дека во најголемиот број од постапките по поднесените барања за заштита на слободите и правата, не се одржува јавна расправа. Ваквото постапување е спротивно на член 55 од Деловникот на Судот, во согласност со кој, по правило, по барањата за заштита на слободите и правата се одлучува по одржана јавна расправа.

„Со назначување на лице за односи со јавноста, кое ќе ги спроведува активностите за претставување на работата на Уставниот суд на РМ, во јавноста ќе се надминат недостатоците на Судот во однос на проследувањето информации преку средствата за јавно информирање и ќе се подобрат начинот и формата на споделување на информациите“, се препорачува во анализата.

Работата на Уставниот суд е јавна и медиумите треба да имаат можност да ги снимаат седниците. Поради тоа што Судот смета дека тоа ја отежнува неговата работа, потребно е да се пронајде начин со кој не би се попречувала работата на судиите, со обезбедување на потребните технички услови. Потребно е Уставниот суд самоиницијативно да иницира заштита кога има груби повреди на уставните начела, а со тоа ќе постигне подобрување на јавниот имиџ, зголемување на довербата во Судот и ќе се придонесе за зголемувањето на видливоста на Судот.

Потребно е проширување на листата на права и слободи кои ги заштитува Уставниот суд, во согласност со член 110, алинеја 3 од Уставот на Република Македонија по барања за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, со што би се овозможила поголема заштита од страна на Уставниот суд. Исто така, потребно е дополнително да се разработи можноста за воведување правни лекови кои ќе овозможат разрешување на суштината на засегнатото право и  потребно е почитување на членот 55 од Деловникот на Уставниот суд и одржување јавни расправи по барања за заштита на слободите и правата, со што ќе се овозможи правилно утврдување на фактите во поединечен случај“, се вели во анализата.

М.В