/ Прочитано:

1.185

Центарот за правни истражувања и анализи ја презентираше Функционалната анализа на основните судови

Денeска Центарот за правни истражувања и анализи (ЦИПА) ја презентираше Функционалната анализа на основните судови во Република Северна Македонија.

Поздравни обраќања на денешниот настан имаа: Беса Адеми, претседател на Врховниот суд; Бојан Маричиќ, министер за правда; Рејчел Галовеј, амбасадор на Обединетото Кралство; Илир Сулејмани, претседател на Основниот граѓански суд; Сашо Темелковски, претседател на Здружението за судска администрација и Лидија Стојкова -Зафировска, претседател на ЦПИА.

Говорниците во своите обраќања го истакнаа знаењето на анализата која има за цел да се идентификуваат предизвиците со кои основните судови се справуваат во остварување на судските надлежности и вршењето на судската власт.

Презентација на клучните наоди на анализата имаа Жарко Хаџи Зафиров, раководител на програма во ЦПИА; Елена Мујоска Трпевска, научен соработник во МАНУ и Југослав Георгиевски, правен есперт.

Говорниците во презентацијата истакнаа дека анализата ги опфаќа клучните сегменти на работа на судовите, преку призмата на неколку области: независност и непристрасност, ефикасност, транспарентност и отчетност, квалитет на судска пракса, човечки ресурси, просторни капацитети, компјутерска поддршка во основните судови, финансирање на судската власт и родови перспективи.

Нотирани системски недостатоци и слабости 

Општиот заклучок за работата на основните судови е дека постојат определени системски недостатоци и слабости во функционирањето на целокупната судска власт, екипираност на стручен судски кадар и достапни технички и финансиски средства. Но, и покрај тоа може да се
констатира дека основните судови максимално ги користат расположливите капацитети за обезбедување на минимум услови за функционалност на судот.

Законската рамка воведена со реформскиот процес во правосудството е соодветна за да ги подобри резултатите за работата на судовите, но од анализата произлезе дека правосудните институции не ја применуваат во целот поради ненавремено донесување на подзаконските акти и уредување на поединечни процедури (информирање на јавноста, содржини на веб страните, оценување на вработените во судот). Воедно, во сите аспекти од работењето на судовите се констатираше дека ефикасноста и економичноста во основните судови значително ќе се подобрат со користење на информатичките алатки особено во делот на комуникација со странките преку електронско доставување на документи, веб услуги за работата на судот, онлајн пристап до судските одлуки и судската пракса, автоматска обработка на податоци за судските предмети и следење на ефектот од работата на судиите и судските службеници.

Проблематичен е нередовниот избор на судии

Од анализата за независноста и непристрасноста на судиите се утврди дека уставните и законските гаранции се доволни за заштита на судиите во вршењето на судската функција, но проблематичен е нередовниот избор на судии и по упразнување на судиските места. Според анализата, во сите основни судови недостасуваат избрани судии кои се предвидени согласно одлука на Судскиот совет на РСМ и мислење на Врховниот суд на РСМ.

„Од анализата произлезе дека природниот одлив на судии по основ на пензија е непропорционално повисок во споредба со избраните судии
во основните судови што упатува на заклучокот дека нема механизам за баланс во старосната застапеност на судиите со повеќегодишен стаж и новоизбраните судии. Анализата истакнува дека постојат ризици врз независноста на судската власт поради условеноста од извршната власт во делот на планирање на судскиот буџет и потребните вработувања, што како практика претставува ризик по уставното начело на поделба на власта“, се посочува во анализата.

Судиите во основните судови решаваат во просек 5 предмети на ден

Анализата на ефикасноста на основните судови ја опфати динамиката во движењата на предметите во судовите низ годините и преку односот на решени предмети и вкупно предмети во работа во судот. Се утврди дека сите основни судови покажуваат висока стапка на ефикасност во решавањето на предметите, но со оглед на недостатокот на избрани судии и вработени судски службеници може да се констатира дека постои висока оптовареност на судиите во вршењето на судската функција. Имено судиите во основните судови решаваат во просек 5 предмети на ден преку целата година.

„Со цел да помогне во носењето на заклучоци и мерки за потребните материјални и кадровски ресурси за ефикасно постапување на судовите, во анализата се направени проекции за справување со обемот на работа во моментални услови и во услови на исполнети судиски
места и позиции за судските службеници. Од анализата произлезе потребата при следењето на ефикасноста на основните судови да се вклучат и оние параметри кои влијаат врз квалитетот во работењето на судот, како што е утврдување на суштински и несуштински персонал во основните судови, процесните рокови и достапните ресурси и опрема кои им требаат на судиите во тековното вршење на судската функција“, се истакнува во анализата.

Основните судови функционираат со намален судски буџет

„Од аспект на финансирањето на судската власт, беа анализирани судските буџети за период од 5 години со што беа опфатени тековните трошоци во судот, платите на судиите и износите на капиталните инвестиции во судовите. Преку анализата се утврди дека постојниот модел
претставува препрека за ефикасно функционирање на судовите бидејќи не дозволува самостојност на основните судови во планирањето и распределувањето на судскиот буџет, па така основните судови функционираат со намален судски буџет од предвиденото и со ненавремени јавни набавки и вработувања во судот. Од анализата произлезе дека извршната власт дава согласност за судскиот буџет спротивно на Законот, но и дека не се почитуваат законските ограничувања за потребниот износ на судскиот буџет. Според анализата финансиските податоци не дозволуваат подетална анализа за работата на судот во насока на планирање на финансиски политики со стратешко значење, а се констатираа и недоволно капитални вложувања во судските капацитети што според анализата е неопходно да се третираат како приоритети за сите основни судови“, се вели во Анализата.

Речиси сите судови имаат потреба од реконструкција

Во Анализата се нотира дека човечките ресурси се сериозен недостаток и дека основните судови имаат потешкотии во примена на правилата за односи со јавноста. Компјутерската поддршка во основните судови е недоволна. Анализата утврди дека речиси сите судови имаат потреба од реконструкција, обновување на инфраструктурата и санирање на постоечки дефекти кои можат да бидат опасност по вработените и граѓаните во судот.

М.В