/ Прочитано:

1.871

Дел од услугите на Катастарот ќе поевтинат

Поевтинуваат дел од услугите на Катастарот. Ова денеска го најавија министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на Катастарот, Борис Тунџев.

„Во таа насока, се работи на адаптирање на електронскиот шалтер кој треба да ја овозможи реализацијата на оваа мерка. Ова значи дека во случај кога од Агенцијата за катастар на недвижности е одбиен предметот по кој било основ, при повторното поднесување на истата таа пријава за тој предмет, граѓаните нема да плаќаат никаков надомест“, рече Тунџев, кој најави намалување и во сегментот на користење на податоците од Агенцијата за катастар на недвижности, како и на надоместокот кој граѓаните го плаќаат при запишување на одредени права.

Во однос на чинењето на имотниот лист, директорот Тунџев додаде дека сè уште се прават анализи за цената на чинење и очекува по извештајот од службите да се види како тоа ќе се одрази врз финансиската конструкција на Катастарот. По направените анализи, Катастарот ќе излезе со информација дали ќе има намалување на цената на имотниот лист.

На денешната средба  помеѓу министерот за транспорт и врски и директорот на Катастарот, било утврдено дека е неопходно да се вратат и дел од овластувањата што приватните геодетски фирми ги имале претходно во однос на правото за вршење на теренски работи за потребите на единиците на локалната самоуправа и институциите на централната власт кои досега ги имаше Агенцијата за катастар на недвижности.

„Со ваквиот пристап ќе се забрза давањето услуги и ќе се зголеми конкуренцијата. Во однос на пазарната цена на услугите што ги нудат приватните геодетски фирми, се согласивме долната граница на цената на услугите да остане регулирана како и досега, додека горната цена ќе биде регулирана во согласност со пазарните услови“, рече министерот Сугарески.

Како што посочија Сугарески и Тинцев, на средбата било разговарано и за потребата од ублажување на казнената политика и воведување на мерката опомена.

М.В