/Прочитано:

774

„Фајнанс тинк“ за извештајот на ММФ во врска со даноците, пензионирањето, минималната плата и социјалната помош

Меѓународниот монетарен фонд го објави Извештајот по извршените консултации за членот 4 за Република Македонија. „Фајнанс тинк“ го оценува овој извештај како реален и соодветен одраз на состојбата во економијата, како и на планираните потези на Владата во однос на економските и социјалните политики, со нагласена критичка нота. Во таа насока, истакнуваме одредени подетални коментари.

  1. Како и ММФ, и домашната експертска јавност го поздравува потегот за постепена фискална консолидација. Во таа насока, „Фајнанс тинк“ силно го поддржува ставот на ММФ, според кој воведување прогресивно оданочување или други значајни корекции на приходната страна, особено ако се избрзани, може да бидат контрапродуктивни. Наместо тоа, проширување на даночната база, особено таа за ДДВ, на пример, преку сузбивање на сивата економија, треба да биде чекор кој претходи на други позначајни корекции кај даноците. Неодамнешната анализа на „Фајнанс тинк“ – „Плата во плико“ покажа дека 17.8% од лицата што примиле плата преку сметка, истовремено, примиле и плата во готовина. Притоа, 62% од лицата осигурани на минимална плата примиле и плата во плико. Воведувањето мерки во насока на сузбивање на оваа појава, исто така, ќе ја зголеми даночната основа.
  2. „Фајнанс тинк“ го поздравува ставот на Фондот за подобрување на ефективноста на социјалните парични помошти, преку нивно подобро таргетирање, како и преку јакнење на компонентата за активација на пазарот на труд. Овој став може да се толкува како поддршка на намерата на Владата да воведе гарантиран минимален доход. Неодамна, „Фајнанс тинк“ ги процени ефектите од ваквата потенцијална реформа и понуди дизајни за оптимизирање на овие ефекти.
  3. „Фајнанс тинк“ се согласува со Фондот дека пензискиот систем бара реформа што поскоро, бидејќи дефицитот во пензискиот фонд (ПИОМ) се искачи на 4.4% од БДП. Но, препораката за зголемување на старосната граница за пензионирање е преуранета, особено што не постои длабинска анализа за ова прашање.
  4. Извештајот остава впечаток дека ММФ не го поддржува или е воздржан во однос на Планот за економски раст (види слика подолу, преземена од стр. 10 во Извештајот). „Фајнанс тинк“ смета дека овој став е премногу ригиден, имајќи предвид дека Планот беше објавен неодамна што не дава доволно време да се спроведе каква било анализа на трошоци и бенефити. Концепциски, Планот ги поддржува создавањето и растот на домашната додадена вредност и како таков е солидна основа за развој на македонската економија. „Фајнанс тинк“ смета дека ваква анализа треба да спроведе самата Влада и да ја претстави на јавноста, со цел разбивање на потенцијалните нејаснотии околу трошокот на овој План.
  5. Ставот на Фондот за порастот на минималната плата е коректен. Сепак, „Фајнанс тинк“ смета дека неодамнешното зголемување на минималната плата на 12.000 денари главно е во линија со продуктивноста на економијата (види го Брифот за политиките бр. 13 од октомври 2016, „Време ли е да ја зголемиме минималната плата?“), иако Владата одлучи да го минимизира ризикот од отпуштања преку субвенционирање на порастот на минималната плата. Но, ставот на Фондот дека понатамошни зголемувања на минималната плата до 16.000 денари може да предизвикаат зголемување на невработеноста и на неформалните вработувања, ако тоа не е во линија со порастот на продуктивноста, е коректен и треба да се сфати со највисока сериозност од носителите на политиките. Оттука, понатамошното зголемување на минималната плата треба да биде контролирано.
  6. „Фајнанс тинк“ се согласува и со ставот на Фондот дека е потребен нов поттик за структурните реформи и ургентни чекори за решавање и понатамошно подобрување на состојбата на пазарот на труд, особено во поглед на високата неактивност на жените и невработеноста на младите.

М.В