/ Прочитано:

1.296

„Фајнанс тинк“ за порастот на просечната плата

Просечната плата во 2019 година порасна за 3,9% на годишно ниво, и изнесува 25.213 денари.

Овој раст, се образложува во анализата на „Фајнанс тинк“, е понизок од растот во 2018 година, кога просечната плата порасна за 5,9%.

„Сепак, споредено со периодот 2010 – 2017, кога просечниот раст на платите изнесуваше само 1,8% годишно, растот во последните две години значително забрзa. Ваквото забрзување на растот на платите се должи на неколку фактори:

Порастот на минималната плата во септември 2017 година, од 10.080 денари (и 9.690 денари во три сектори) на 12.000 денари, односно зголемување од 19%, усогласувањето до 12.507 денари (4.2%) во 2018 година и порастот на 14.500 денари (15.9%) во ноември 2019, или кумулативен пораст од 43.8%.

Порастот на платите во јавниот сектор, и тоа кумулативен тригодишен раст 2016 – 2019, во јавната управа и одбраната од 7,7%, во образованието од 10,8% и во социјалната заштита од 19,7%.

Порастот на платите во приватниот сектор, предизвикан од подобрувањето на состојбата на пазарот на труд, преку намалување на невработеноста и засилувањето на оскудноста на бараните вештини коишто работодавците сѐ потешко ги наоѓаат на пазарот.

Ваквиот пораст на платите е остварен во услови на стабилни цени, односно годишна стапка на инфлација од 1,5% и 0,8% во 2017 и 2018 година, соодветно. Тоа значи дека реалниот пораст на платите и, оттука, реалниот пораст на животниот стандард на населението изнесува 4,4% и 3,1% во двете години соодветно, или просечен кумулативен пораст од 7,6%.

„Фајнанс тинк“ ги нагласува своите наоди во однос на две важни прашања сврзани со платите:

-Мерата во која порастот на минималната плата поттикнал пораст на останатите плати и

-Ефектите од мерката за субвенционирање на платите.

Статистичките анализи на „Фајнанс тинк“ укажуваат дека порастот на платите во приватниот сектор повисоки од минималната плата е многу малку или воопшто не е воден од притисокот што го создава минималната плата. Имено, наодите од нашата Студија за политиките 17: Анализа на ефектите од измените во Законот за минимална плата укажуваат дека наместо т.н. „спирала на плати“, настанало концентрирање на платите околу новото ниво на минималната плата, т.н. „урамниловка“, при која помалку продуктивните работници се изедначиле со попродуктивните работници.

Како одговор на ваквата концентрација на платите околу новото ниво на минималната плата, Владата започна да го субвенционира порастот на платите, преку преземање на даночниот товар од социјалните придонеси при пораст на плата во опсег од 600 до 6.000 денари. Ваквата мерка беше воведена паралелно со порастот на минималната плата на 14.500 денари.

Според проекциите на „Фајнанс тинк“, оваа мерка ќе ја поддржи формализацијата на „платата во плико“, чиј вкупен ефект се проценува дека ќе додаде околу 750 денари на просечната плата.

Ефекти од субвенционирањето на платите преку формализација на платата во плико.

Симулацијата на ефектите од мерката за субвенционирање на платите е вршена на просекот од платите за месеците јануари – јуни 2019 година од 24.788 денари.

Првичните пресметки покажуваат дека мерката за субвенционирање на платите, на својот почеток во ноември 2019 година придонела кон пораст на просечната плата во рангот од 100 до 200 денари.

Понатамошниот и евентуално целосниот ефект од оваа мерка, како и ефектот од зголемувањето на минималната плата на 14.500 денари, ќе може да се согледа во текот на 2020 година. Остатокот од зголемувањето на просечната плата во ноември и декември 2019 година е резултат на ефектите споменати погоре, кои значајно не се разликуваат од ефектите врз просечната плата што во овие месеци се набљудуваат во претходните години“, се вели во анализата на „Фајнанс тинк“.

Просечната нето-плата според ДЗС изнесува 26.836 денари