/ Прочитано:

2.509

Германија ги враќа мигрантите: По 1 200 евра за секој што доброволно ќе замине во матичната земја

Владата осмисли финансиска шема според која секој дојденец постар од 12 години ќе ја добие споменатата сума доколку го повлече своето барање за азил и доколку доброволно замине од Германија, а на оние чии барања се веќе одбиени им се нудат 800 евра доколку не поднесат жалба во судот. За доброволно заминување на семејствата кои бројат пет или повеќе членови, на основната сума им се нудат уште дополнителни 500 евра за секој член од семејството, вклучувајќи ги и децата помлади од 12 години. Програмата предвидува и финансиска помош за заминување од Германија дури и на оние што со години живеат во земјата, а кои имаат привремени дозволи за престој, но не ги исполнуваат условите за азил. Сепак, програмата има извесни ограничувања, што подразбира дека финансиска помош нема да добијат државјани на Сирија бидејќи татковината им е во  војна, како и државјани на земјите од Западен Балкан, бидејќи овие земји се сметаат за стабилни.

И покрај политиката на отворени врати која се однесува на бегалците и мигрантите и која веќе со години ја спроведува германската канцеларка Ангела Меркел, оваа изборна година во Германија ќе биде во знакот на враќање во матични земји на голем број од луѓето што пристигнаа во Германија во текот на 2016 година за време на бегалскиот бран. Точно пред една недела, Меркел им наложи на своите министри и на државните службеници да бидат што поефикасни во депортацијата на сите баратели на азил чии документи се сè уште во процедура, како и на оние што не ги исполнуваат условите. Програмата на враќање вклучува помош од 1 200 евра за секој барател на азил чие барање сè уште не е обработено и кој сака да го повлече доброволно и да се врати во својата татковина. Оваа програма за финансиска награда на барателите на азил е започната од страна на Сојузната служба за миграција и бегалци (БАМФ) во соработка со Меѓународната организација за миграција, за што се издвоени 40 милиони евра.

„Во текот на 2016 година околу 55 000 мигранти и бегалци доброволно се вратија во своите матични земји, што е за 20 000 повеќе во однос на претходната година, кога се вратија околу 35 000. Сега имаме подобри услови бидејќи располагаме со поголем буџет наменет за реализација на оваа програма“, потенцираше директорката на Сојузната служба за миграција и бегалци, Јута Корт.

Според последните податоци, во изминатите две години во Германија пристигнаа точно 1 милион и 170 илјади луѓе без никакви документи. Одлучувањето за добивање азил, што е во надлежност на БАМФ, тече многу бавно, така што не се обработени уште околу 430 илјади барања.

„Токму затоа почнавме да ја спроведуваме програмата за враќање на бегалците. Сметаме дека со парична помош од 1 200 евра ќе успееме да мотивираме дел од мигрантите и бегалците да заминат од Германија пред БАМФ да донесе каква било одлука во однос на барања за азил поднесени од нивна страна. Владата осмисли финансиска шема според која секој дојденец постар од 12 години ќе ја добие споменатата сума доколку го повлече своето барање за азил и доколку доброволно замине од Германија, а на оние чии барања се веќе одбиени им се нудат 800 евра доколку не поднесат жалба во судот. За доброволно заминување на семејствата кои бројат пет или повеќе членови, на основната сума им се нудат уште дополнителни 500 евра за секој член од семејството, вклучувајќи ги и децата помлади од 12 години. Програмата предвидува и финансиска помош за заминување од Германија дури и на оние што со години живеат во земјата, а кои имаат привремени дозволи за престој, но не ги исполнуваат условите за азил. Сепак, сакам да нагласам дека програмата има извесни ограничувања, што подразбира дека финансиска помош нема да добијат државјани на Сирија бидејќи татковината им е во  војна, како и државјани на земјите од Западен Балкан, бидејќи овие земји ги сметаме за стабилни“, појаснува Корт.

Министерот за внатрешни работи, Томас де Мезиер, кој пред крајот на 2016 година предложи низа безбедносни мерки, кои беа целосно прифатени од Владата, вели дека за сите оние кои немаат никаква шанса да останат во Германија, односно кои нема да добијат дозвола за престој по ниту една основа, доброволното заминување е многу подобра опција од депортацијата, мислејќи при тоа на државјаните на Мароко, на Тунис и на Алжир.

„Ова е само една од мерките со кои планираме враќање на дел од мигрантите и бегалците. Инаку, што се однесува до безбедноста, јас уште еднаш ќе потсетам дека по нападот во Берлин за време на божиќните празници предложив мерки за јакнење на безбедноста во Германија и заштита на граѓаните, меѓу кои и: основање сојузни центри за депортација во близина на големите аеродроми, како и ставање електронски лисици за следење на секој мигрант за кој постои сомневање дека има поврзаност со терористички организации. Во овој контекст би нагласил дека отсега па натаму оние што се сомнителни ќе бидат многу полесно депортирани бидејќи тоа е одобрено и од страна на Европскиот суд на правдата“, истакна Де Мезиер.

Според економските аналитичари во Германија, со спроведување на оваа програма, Владата ќе потроши многу помалку пари отколку трошоците што ѝ се наметнуваат при присилна депортација. Но, како што велат, оттука произлегува и прашањето дали сумата ќе биде доволна мотивација за мигрантите од Блискиот Исток и од Северна Африка да заминат доброволно, бидејќи анализата на БАМФ покажува дека на секој бегалец на пат кон Германија му биле потребни 35 дена, за што потрошил околу 7 100 евра.

Истовремено, оваа програма наиде на остри критики од страна на хуманитарните организации, меѓу кои е и „Диаконија“ која функционира во рамките на германските протестантски цркви. Дитрих Екберг, еден од експертите на организацијата, смета дека парите што им се даваат на бегалците претставуваат своевиден политички притисок.

„Сметам дека програмата е спорна бидејќи е конструирана во насока на тоа да ги спречи да се жалат барателите на азил чии барања се одбиени. Освен тоа, сметам дека на овој начин се подгреваат предрасудите за мигрантите и бегалците. Оваа иницијатива всушност нема за цел да им помогне на луѓето да се реинтегрираат во сопствената земја на потекло, туку целта е Германија да се ослободи од нив“, изјави Екберг за германското радио Дојчландрундфунк.

Програмата е главно насочена кон државјани од африканските држави, но и кон оние кои потекнуваат од земјите од Блискиот Исток, меѓу кои најбројни се Авганистанците. Во Германија нема да може да останат ниту ако се жртви на некој расистички напад, особено поради фактот што Владата го одби предлогот на левоориентираната опозиција која бараше заштита, односно привремена дозвола за престој на бегалците во случај да бидат евентуални жртви напади и насилства од страна на десничарските екстремисти.

Исклучок од ова е само покраината Бранденбург која одлучи да не ги депортира нападнатите мигранти кои не добиле азил сè додека трае истрагата и судскиот процес против нивните напаѓачи.

Во секој случај, Сојузната влада ја заострува политиката во однос на мигрантите и бегалците, па за решавање на бегалската криза, Германија, која е во изборна година, ќе потроши 21 милијарда евра.

А. Б.