Груевски со критики за македонските судови кои работеле спротивно на праксата во Стразбур
Наместо унапредување на судскиот систем, Македонија има уназадување. Судот и обвинителството се користат како политичка алатка на владата заради остварување на своите политички цели и уцени, наведува поранешниот премиер Никола Груевски во објавата на социјалните мрежи, во која истакна дека добил политички азил во Унгарија.
„Во Македонија се соочив со судии кои за секое мое или на мојата одбрана барање, чекаат инструкции како да одлучат од владата или од специјалниот јавен обвинител, од кого и самите судии се плашат, и кого го гледаат како претставник на актуелната влада“, посочува поранешниот премиер.
„Посебно ги објаснив неколкуте фундаментални прекршувања на законите, меѓу кои, спротивно на закон користењето на нелегално стекнати аудио матерјали кои под надворешен притисок судот ги прогласи за легални, користењето на копии кои не се споредени со оргиналот како докази врз основа на кои се носат пресуди, користењето на вештаци кои спротивно на закон прават вештачења без лиценца за вештачење, флагрантното кршење на законот за приватност и игнорирањето од страна на судот на сето ова, работењето на македонските судови спротивно на праксата на судот во Стразбург, како што е примерот со отфрлањето на актите за прекин на постапка издадени од страна на Претседателот на Македонија во два конкретни случаи, и нивно прифаќање во земја членка на ЕУ, недавањето можност и доволно време за подготовка на одбраната преку свесно набивање на судења секој ден, понекогаш и по цели денови, издаденото мислење на Комисијата за заштита од дискриминација која наведе дека сум предмет на директна дискриминација од страна на судијата Добрила Кацарска и од страна на Основниот суд Скопје 1, објавувањето на пресудата за случајот ,,Тенк,, во смисла дека ќе бидам прогласен за виновен, од страна на актуелниот премиер околу 10 дена пред судијата да ја објави одлуката, и огромен број други факти и докази кои ги образложив и од кој се состави огромен записник од над 30 страни“, вели Груевски.
Поранешниот премиер Груевски вели дека пред надлежните унгарски институции објаснил како започнало сè, со почетокот на објавувањето на нелегално стекнатите аудиоматеријали, назначувањето на специјален јавен обвинител кој станал партиска алатка на партијата СДСМ, исто како и судот.
„Ги опишав сите неправди, нерегуларности, незаконско работење, дискриминација, конструирани судски процеси и пресуди, конкретните судски постапки против мене и тортурата која по формирањето на новата влада ја трпам јас но и голем број други мои соработници, давајки конкретни примери и конкретни докази и завршив со бројните закани по мојот живот со кои се соочуваав во последните денови пред да ја напуштам Република Македонија. Посочив и приложив конкретни примери дека во Република Македонија непостојат услови за фер и законски судски процес, ниту пак начин во една ваква атмосфера на политичка хајка од страна на владата да го заштитам мојот живот од бројните закани кои ми беа упатени“, вели Груевски.
Владата на Унгарија не е сигурна дека експремиерот Груевски добил фер судење во Македонија. Шефот на Кабинетот на Орбан, Гергели Гулаш, изјави дека за ситуацијата во македонското правосудство говорат и извештаите на Европската комисија и Советот на Европа, кои редовно даваат лоши оценки.
„Треба да се земат предвид и условите во македонските затвори, како и ситуацијата со македонското правосудство, кои добиваат лоши оценки во извештаите на Европската комисија и Советот на Европа при разгледување на барањето на осудениот експремиер Никола Груевски за азил во Унгарија“, изјави Гергели Гулаш, шеф на Кабинетот на унгарскиот премиер.
Министерството за правда соопшти дека го испратило барањето за екстрадиција на поранешниот македонски премиер Никола Груевски до Министерството за правда на Унгарија.
„Барањето за екстрадиција се однесува за извршување правосилна пресуда изречена во траење од две години и за водење на четири кривични постапки кои се пред домашните судови, а укажуваме дека за него се водат и четири истраги како и една предистражна постапка, за коишто надлежните органи можат да започнат и судски постапки во зависност од истрагата“, се вели во соопштението.
Од Владата велат дека очекуваат дека властите во Будимпешта безусловно ќе го прифатат барањето за екстрадиција и ќе овозможат враќање на Никола Груевски во Македонија со цел да си ја отслужи казната затвор и да одговара за останатите дела за коишто е обвинет.
Граѓанските организации бараат темелна истрага за бегството на Никола Груевски
Кривичниот суд: Судот не е виновен за бегството на Груевски
M.В