/ Прочитано:

2.578

Потребни се измени и усогласување на законите за да можат да го остварат правото на работа барателите на азил

Барателите на азил не можат да го остварат своето законски загарантирано право на работа поради проблеми во практичното спроведување на прописите и поради законската неусогласеност. Од Македонското здружение на млади правници велат дека правните празнини во врска со остварувањето на овие права на барателите на азил се директно на нивна штета, но и спротивни на она што е законски регулирано.

За еден од случаите младите правници имаат поведено и судска постапка за утврдување на дискриминација и повреда на правото на работа на еден барател кој чекал доволно долго за реално да го стекне загарантираното право на работа. Како што појаснуваат од Здружението, се работи за млад човек кој сака да остане во Македонија, кој говори светски јазици, кој е образован и за кого покажале интерес повеќе субјекти од приватниот сектор за да го вработат.

Загарантирани законски права

„Македонското здружение на млади правници веќе неколку години наназад се обидува да направи исчекор и активно работи на темата на правата што им се загарантирани на барателите на азил, кои не можат да ги уживаат бидејќи постои проблем во нивното спроведување во пракса. Едно од тие права, кои се суштински за интеграцијата во едно општество, е и правото на работа на барателите на азил. Кога зборуваме за правото на работа и ограниченоста во практикувањето на ова право мислиме исклучиво на лицата кои се баратели на азил, значи, не и на оние лица кои веќе се здобиле со статус на меѓународна заштита, туку оние чијашто постапка за добивање на таков статус сѐ уште трае“, вели Бојана Божиновска-Силјановска од Македонското здружение на млади правници.

Правото на работа на барателите на азил, додава Божиновска-Силјановска,  беше загарантирано и со стариот Закон за азил и привремена заштита, но загарантирано е и со новиот Закон за меѓународна и привремена заштита.

„Во стариот Закон за азил и привремена заштита, членот што го регулираше правото на работа и пристапот до пазарот на труд укажуваше дека доколку постапката трае повеќе од една година (чл. 48 од стар ЗАПЗ), на барателот на азил му се дава можност да има пристап до пазарот на труд надвор од прифатниот центар за баратели на азил. Од самиот старт на постапката за азил барателот на азил има право на работа, но тоа е ограничено во рамките на прифатниот центар за барателите на азил и, секако, доколку самиот прифатен центар има потреба од тоа, додека пак по истекот на една година доколку постапката за признавање на правото на азил е сѐ уште во тек, барателот има право на пристап до пазарот на труд и надвор од ПЦ“, образложува Божиновска-Силјановска.

„Исто така, според законското решение, се даваше правото на работа и доколку таквата постапка се одолжи. Ова право е загарантирано и со новиот Закон. Вака  барателот на азил може да работи и да биде активен и продуктивен и второ, да има некакви финансиски средства и доход. Од тие причини законски е предвидено дека, доколку постапката трае над 9 месеци, може да има слободен пристап до пазарот на труд“, додава таа.

Само со единствениот матичен број може да се влезе во регистарскиот систем

Сепак, и покрај оваа можност и законски загарантираните права, проблемите се јавувале во практиката најмногу поради неусогласеноста на прописите. Имено, правото на работа, односно можноста за работа беше ограничена поради фактот дека за да може еден човек да се вработи легално и да биде заведен во Агенцијата за вработување, потребно е да поседува единствен матичен број.

„Само со единствениот матичен број може да се влезе во регистарскиот систем. Од друга страна на барателите на азил не е предвидено да им се назначува ЕМБ, и тоа е потврдено со Законот за матичен број. Целиот проблем, всушност, се јавува тука. Правото на работа е предвидено во Законот за азил, но Законот за матични броеви не зборува за доделување матичен број на баратели на азил. Воедно, и самиот Закон за азил и привремена заштита, сега Законот за меѓународна и привремена заштита не зборува за доделување на матичен број. Тоа значи дека доделено е правото на слободен пристап до пазарот на труд, но бегло е прескокнат делот како да се спроведе тоа во пракса“, образложува Божиновска-Силјановска.

„Како Македонско здружение на млади правници се обидуваме на повеќе начини да интервенираме и да ги алармираме институциите за законската неусогласеност што предизвикува проблеми. Постојат реални ситуации од конкретни баратели на азил кои се соочиле со проблемот“, нагласува Божиновска-Силјановска.

„Ние се обидувавме да правиме интервенции на повеќе начини, преку претставки и дописи до МВР, како надлежно министерство, но одговорот од МВР беше дека едноставно за нив не постои опција тие да издадат матичен број во согласност со постојната легислатива за азилот. Од друга страна, од самата Агенција за вработување истакнаа дека не можат да го заведат барателот на азил во системот поради тоа што не постои матичен број. Исто така, и народниот правобранител се огласи дека има повреда на правата на барателите на азил поради тоа што не може да се практикува ова загарантирано право“, вели Бојана Божиновска-Силјановска.

Проблематични одредби и во новиот Закон за меѓународна и привремена заштита

Таа посочува дека, и покрај тоа што е веќе донесен новиот Закон за меѓународна и привремена заштита, повторно се појавиле проблеми во врска со законската неусогласеност, но и со дополнителното усложнување на постапките.

„Во новиот Закон, во членот 61, кој зборува за правата на барателите на азил и кој е многу сличен на членот од претходниот закон, има една измена која вели дека барателите на право на азил до донесување на конечна одлука во постапката за признавање на правото на азил имаат право на работа само во рамките на прифатниот центар или друго место за сместување, определено од Министерството за труд и социјална политика, и право на слободен пристап на пазарот на труд за барател на право на азил за чие барање за признавање на право на азил не е донесена одлука од страна на Секторот за азил, во период не подолг од девет месеци по поднесувањето на барањето. Што се измените? Прво, измената е дека рокот е намален од 1 година на 9 месеци, што  е во согласност со европската регулатива. Втората новина е дека луцидно во членот е додаден Секторот за азил и дека тој треба да донесе одлука. Имено, погоре во истиот член се вели дека барателите на право на азил имаат право на работа до донесување на конечна одлука, а понатаму се додава дека донесувањето на одлука е од страна на Секторот за азил. Тоа не е сообразно бидејќи одлуката на Секторот на азил не е конечна одлука, односно постои право на правен лек. Дополнително самата формулација ‘конечна одлука’ претставува проблематичен термин и секогаш би требало да се практикува ‘правосилна одлука’, што има јасно значење“, истакнува Божиновска-Силјановска.

Другиот проблем, покрај оваа несообразност на членот, додава таа, е што Законот, иако е донесен со европско знаме, не е во согласност со членот 15 од Директивата на ЕУ за стандарди за прифаќање на баратели на меѓународна заштита, во кој се вели дека пристапот до пазарот на труд нема да биде попречуван и условуван за време на жалбената постапка.

Постапка за утврдување на дискриминација и повреда на правото на работа

„Ова се однесува на нашата управна постапка и за постапката која се води пред Управниот и Вишиот управен суд затоа што се работи за постапка по редовен правен лек. Меѓутоа, намерно или ненамерно законодавецот го има прескокнато овој став од Директивата и тоа може да доведе до заблуда при читање на членот како што е транскрибиран во нашиот закон, а особено ако се земе предвид дека додаден е моментот со Секторот за азил“, вели Божиновска-Силјановска.

Ова дополнително го отежнува пристапот до пазарот на труд, посебно ако се земе предвид дека и со претходниот закон имало проблеми, а не постоеле вакви дополнителни усложнувања како во постојниот закон.

„Во моментов Македонското здружение на млади правници има поведено постапка за утврдување на дискриминација и повреда на правото на работа на еден барател кој чекал доволно долго за реално да го стекне загарантираното право на работа, со тоа што постапката е поведена уште по стариот Закон. Она што е многу важно, според нас, е дека државата прави јасна дискриминација на оваа категорија луѓе поради тоа што можеби несвесно ги издвојува од другите граѓани, а реално правото на работа е слободно право, кое дополнително е уредено и со лекс специјалис за барателите на азил, односно со Законот за меѓународна и привремена заштита или претходно Законот за азил“, посочува Божиновска-Силјановска

„Дополнително е тоа што во овој случај се работи за млад и образован човек и за кого пројавиле интерес фирми со кои имал контакти и од кои добил понуда за работа. Тој сака активно да придонесе во општеството и да остане да работи во државата“, додава таа.

Од Македонското здружение на млади правници, кои се избориле за повеќе пресуди кои значат иницирање на општествени промени, велат дека донесувањето на конкретната пресуда во корист на барателот на азил  би значело позитивен преседан.

„Тоа  би значело судска одлука со која ќе се предизвика општествена промена која ќе се проследи низ целиот систем, што е и крајна цел на таа правна битка“, велат од Здружението.

Во врска со надминување на проблемите во реалното остварување на загарантираното право на работа на барателите на азил, младите правници подвлекуваат дека решението е во законските измени или во системските промени.

Да се реши проблемот на законодавно ниво

„Решението е во законските измени или да се смени системот на внесување во Агенцијата за вработување, но прашање е дали и тоа би било решение, со оглед на тоа дека тука и УЈП има надлежности. Имено, системот на РСМ се базира на единствениот матичен број. Сите ние влегуваме во системот со матичниот број. За да се вклопи некој човек во системот и правно да се интегрира, без разлика што станува збор за рана фаза на интеграција, значи дека мора да му се даде некаков број. Во други држави постојат практики на давање на т.н. социјален број, кој е пократок и кој се разликува од нашите 13-цифрени матични броеви. Треба да се види кое е најобјективното решение за да можат барателите на азил да ги остварат своите права“, вели Божиновска-Силјановска.

„Потребно е со закон да се уреди дека се утврдува таков број, со што би се дала законска можност и правна основа службениците на МВР да ги внесуваат тие лица во системот. Сега таа можност не постои. Државата треба да го реши тоа на друго ниво. Од друга страна, ако се обратите во АВРМ, ќе ви кажат дека во согласност со Законот за вработување на странци јасно се укажува дека на барателите им се издава дозвола и имаат право на работа. Но, истите тие кои се надлежни за спроведување на тој закон немаат можност да ги приклучат лицата во системот затоа што немаат матичен број. Накратко, според законите, овие лица можат да работат, но проблемот се јавува во пракса. Оттука, најдобро би било претставниците на релевантните институции, првенствено Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика, односно Агенцијата за вработување, да седнат на маса и да се реши проблемот на подруго, законодавно ниво во делот на меѓународната заштита и матичните броеви за да не се јавуваат проблеми ни во праксата“, образложува Божиновска-Силјановска.

За проблемот со практичното остварување на правото на работа на барателите на азил бил известен и народниот правобранител. Во таа насока, народниот правобранител потврдува дека до институцијата со која раководи има пристигнато претставки и поплаки од баратели на азил кои се соочиле со проблеми во врска со остварувањето на законски загарантираното право на пристап до пазарот на труд.

Законот ги пропишува правата, но не можат да се спроведат практично

„До народниот правобранител има поднесено неколку жалби и постапките се во тек. Да, тука се работи за нарушување на нивните права. Од една страна, правата им се законски утврдени, тие имаат право на работа, а од друга страна, тоа право не може да го остварат пред надлежните институции, односно пред Агенцијата за вработување. Едноставно, Законот ги пропишува правата, но не можат да се спроведат практично“, образложува народниот правобранител.

Експертите по трудово право, исто така, посочуваат дека неусогласеноста на прописите, но и неусогласеноста на законите со практичната имплементација создаваат проблеми со кои се загрозуваат законски пропишаните права.

„Се работи за комплексна материја, која ги опфаќа не само домашните прописи, туку и европската и меѓународната регулатива. Несомнено, овој дел на законодавството, кој се однесува на меѓународната и привремената заштита и пристапот на пазарот на труд, мора да биде хармонизиран и усогласен. Тука првенствено треба да се стави акцент на практичното спроведување на прописите за да не дојде до загрозување на правата, како и до дискриминација на категорија на лица на кои правата веќе еднаш им се дадени“, вели професорот Лазар Јовевски од Катедрата по трудово и социјално право на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Потребно е усогласување на законодавството 

Претседателот на Здружението на млади правници, Зоран Дранговски, посочува дека правната празнина во законодавството е директно на штета на барателите на азил и нивниот пристап до пазарот на труд.

„Унапредувањето на владеењето на правото во државата останува стратешка определба на Македонското здружение на млади правници, а дали и како напредува државата на ова поле се гледа по тоа колку се достапни и колку се почитуваат правата на најранливите категории во едно општество. Во однос на пристапот на барателите на азил до пазарот на труд, намерно или случајно, имаме правна празнина која е на штета на овие лица и потребно е усогласување на законодавството од страна на надлежните, во спротивно повторно сме во ситуација на правна несигурност“, вели претседателот на Македонското здружение на млади правници.

M.В