Месечен извештај за човекови права на мигрантите, бегалците и барателите на азил
Во рамките на мрежата „Помош на рутата“, Хелсиншкиот комитет објави месечен извештај за човекови права на мигрантите, бегалците и барателите на азил во Србија и во Македонија.
Целта на овој извештај е да ја претстави моменталната состојба во врска со заштитата на човековите права и слободи на мигрантите, бегалците и барателите на азил кои поминуваат или престојуваат во Србија и во Македонија. Податоците во овој извештај се добиени од 24 граѓански организации од Србија и Македонија, во рамките на мрежата „Помош на рутата“.
Во текот на јули, се вели во извештајот, рутите и насоките на движење останаа исти: бегалци кои доаѓаа од Грција со намера да продолжат во Србија (и земјите на ЕУ) и бегалци кои доаѓаат од Србија, кои или доброволно ќе бидат префрлени во Грција или се вратени од српската полиција.
Поголеми групи бегалци беа фатени од полицијата на криумчарските рути. Бегалците најчесто доаѓаат од Авганистан, Пакистан и Иран, со помали бројки кои доаѓаат од Ирак, Сирија, Бангладеш, Либија, Мароко, Алжир и Индија.
Бројот на бегалци во транзитните центри на Винојуг, Гевгелија и Табановце и Куманово не надмина 40 во секој поединечен камп. На пример, во Гевгелија, на почетокот од месецот во кампот пристигнаа околу 34 бегалци. Меѓутоа, повеќето од нив беа „депортирани“ во Грција, а бројот на бегалците во кампот беше околу 24 во текот на остатокот од месецот. Меѓутоа, во Табановце има поголема фреквенција на движење, а во текот на јули околу 135 бегалци пристигнаа во кампот. Повеќето од нив многу брзо го напуштија кампот, а бројот на оние кои останаа не беше поголем од 40. Продолжува праксата на нелегална депортација на бегалци во Грција. Според информациите од страна на набљудувачите на терен, најмалку 145 бегалци од Сирија, Иран, Ирак и Мароко биле присилно вратени во Грција од страна на македонската полиција. Меѓу нив имало семејства, бремени жени и деца. Мешаните полициски патролни тимови сè уште се активни во Гевгелија и околниот регион.
На сите бегалци и мигранти кои пристигнуваат во камповите веднаш им се овозможува медицинска помош, сместување и обезбедени се со храна и облека. Можноста за барање азил е достапна и објаснета за сите бегалци и мигранти кои влегуваат во камповите.
Критичен случај, се додава во извештајот, беше регистриран во врска со бегалец од Ирак, кој на почетокот на месецот доживеа електричен удар на железничката пруга во Гевгелија и се здоби со тешки изгореници по целото тело. Првично беше однесен во болницата во Скопје, но наскоро беше пуштен од болницата со сериозни рани по телото. Потоа беше однесен во кампот во Табановце и веднаш беше префрлен во болницата во Куманово поради болка и крвавење. Меѓутоа, лекарите во болницата во Куманово одбиле да го примат, тврдејќи дека болницата во Скопје е одговорна за негово лекување. Потоа беше вратен во транзитниот камп. Неговата состојба останува критична бидејќи има рани од изгореници и болки.
Целосниот извештај можете да го преземете на следниот линк.
М.В