/ Прочитано:

698

ХК: Протест на текстилните работнички и работници во Штип

Како реакција на барањето на Текстилниот кластер за зголемување на работното време за половина час и други барања кои директно задираат во правата на работниците во текстилната индустрија, на 10 ноември во Штип се одржа протест на текстилните работнички и работници, велат од Хелсиншкиот комитет.

На протестот одржан во кругот на фабриката „Астибо“, работничките оценија дека условите за работа не им се лоши, но дека се против зголемување на работното време, враќање на нормата и кратење на празниците.

Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права изјави дека последните четири години има поголема свесност кај работниците за да ги кажат своите проблеми, но и да си ги заштитат правата.

Поддршката што ја дава Комитетот заедно со „Гласен текстилец” ги смени работите на терен, а работниците се охрабрија.

„Кај нас сега стигнуваат многу повеќе барања и претставки, пријавуваат кога им се прекршени правата. Мислам дека раздвижувањето им е забележително. Меѓутоа таа борба мора да биде уште поенергична од нивна страна. Ние секогаш ќе бидеме тука да им ја дадеме поддршката, но потребно е и тие самите таа битка да ја извојуваат и да бидат многу погласни“, рече Пировска.

Во таа насока, Пировска посочи дека бројот на претставките од страна на работниците за кршење на работничките права е зголемен за 100 отсто во споредба од пред четири години, а Државниот инспекторат за труд многу повеќе работи на терен и постапува по претставките.

Кристина Ампева од „Гласен Текстилец” изрази задоволство што работничките излегоа на протест, и покрај тоа што сѐ уште постои страв кај дел од нив.

„Време е и работниците да се појават да го кренат својот глас и конечно да кажат дека условите во коишто работат, платата што ја земаат не соодветствуваат на нивниот труд. Триесет години беа робови, со лоши услови за работа, со ниски плати, а наспроти тоа работодавачите бараат уште поголемо скратување на нивните права. Денеска се собраа и, еве, да кажеме: Стоп за нивните барања и да почнат повеќе да го ценат работникот и да им ја платат платат којашто ја заработуваат“, изјави Ампева.

М.В