Измени на Законот за адвокатурата за јакнење на адвокатската професија
Министерството за правда подготвува измени на Законот за адвокатурата. Основна цел на измените, посочуваат од Министерството за правда, е јакнење на адвокатската професија која ќе може да одговори на реформираниот правосуден сектор.
„Со донесувањето на овој Предлог-закон се предвидува воведување континуирана обука за адвокатите организирана од страна на Адвокатска комора со законски утврден фонд на часови на годишно ниво, како и сеопфатна анализа на постојната законска поставеност и работа на адвокатската професија и пристапување кон нејзина реформа согласно со реформите во другите сегменти од правосудниот сектор“, посочуваат од Министерството за правда.
Инаку, измените на Законот за адвокатурата, со истото образложение, беа најавени и во месец ноември минатата година.
Со измените на Законот за адвокатурата се уредува обезбедувањето правна помош од страна на адвокатурата на физички и правни лица во остварувањето и заштитата на нивните права и врз закон заснованите интереси во постапката пред судовите, државните органи, други правни лица, органите на единиците на локалната самоуправа, вршењето на адвокатската дејност утврдени со овој и друг закон, како и организацијата на адвокатурата, условите за вршење и престанок и мирување на адвокатска дејност и правата и обврските на адвокатите, како и осигурување на адвокатите од одговорност од штета.
Адвокатурата е самостојна и независна јавна служба која обезбедува и дава правна помош,согласно овој и друг закон. Адвокатите вршат јавни овластувања во согласност со овој и други закони.
При остварувањето на адвокатската дејност, адвокатот се раководи исклучиво од интересите на странката кои ги заштитува на најдобар начин со законски средства.
Законски измени на Законот за адвокатурата за воведување континуирана обука за адвокатите
М.В