/ Прочитано:

2.904

Измените на Законот за здравствена заштита пред собраниските комисии

Група пратеници во Собранието предложија измени на измени на Законот за здравствена заштита кои се на дневен ред на Законодавно-правната комисија и Комисијата за здравство.

„Целта којашто треба да се постигне со предложените законски решенија е уредувањето на здравствената дејност во мрежата од страна на  субјектите кои ја вршат дејноста во насока на подобрување на примарната, секундарната и терцијарната здравствена заштита во општините и регионите во кои со постојаниот број на здравствени работници, односно здравствени соработници, или со вршењето на постојаната дејност не може да се оствари начелото на достапна здравствена заштита на сите граѓани, како и нејзиниот континуитет“, се вели во законското образложение.

Со предложените измени и дополнувања се уредуваат и меѓусебните права и обврски за начинот и постапката за вршење на специјалистичко-консултативни услуги  помеѓу здравствените установи со склучен договор како формално правен акт. Со овие измени ќе се опфатат неколку аспекти: уредување на потребата за упатување на здравствен работник, односно соработник, просторот за работа како и склучувањето на договор за правата и обврските меѓу здравствените установите за начинот на вршење на специјалистичко-консултативните услуги.

„Со Предлог-законот се бришат одредбите од Законот кои се однесуваат на полагањето на испит за директор на здравствената установа, од причина што со полагањето на предвидениот испит за директор и начинот и постапката за негово полагање не можеше да се оцени способноста на лицето за вршење на функцијата директор. Оттука, се предлага оваа измена сè со цел да се олесни начинот и постапката за избор на директор во здравствените установи кои вршат важни дејности за животот и здравјето на луѓето и каде е потребно назначување  без дополнителни околности, сè со цел брзо и ефикасно извршување на здравствените услуги.

Предлог-законот, исто така, дава можност здравствениот работник, односно здравствениот соработник кој е именуван за директор и понатаму да ги врши своите работни задачи на здравствен работник сè со цел да се обезбеди непрекинато вршење на здравствената дејност со работа со дежурства. На овој начин професионалните здравствени работници ќе бидат достапни на граѓаните при нудење на здравствени услуги, а од друга страна ќе се обезбеди континуитет во работата и стручно оспособување преку практицирање на дејноста што е од значителна важност за оваа професија.

Со предложените законски измени и дополнувања ќе се доуредат одредбите кои се однесуваат на тоа што преставува цена на здравствена услуга извршена преку дополнителна дејност и под кои услови се врши истата во тек на еден месец“, се објаснува во предложените законски измени.

„Со предложеното законско решение ќе им се овозможи на здравствените работници кои завршиле стаж на специјализација и положиле специјалистички испит или завршиле стаж на специјализација до денот на влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ број 17/16), а специјалистичкиот испит го положиле по денот на влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ број 17/2016), да имаат право да се запишат на супспецијализација и да го спроведат супспецијалистичкиот стаж во согласност со плановите и програмите за супспецијализација на здравствените работници со високо образование од областа на медицината, како и да го полагаат супспецијалистичкиот испит согласно со прописите според кои го завршиле стажот на специјализацијата“, се додава во законското образложение.

Измените на Законот за заштита на правата на пациентите во собраниска процедура

М.В