Известување за почеток на процесот за подготовка на Предлог закон за обновливи извори на енергија
Министерството за економија преку ЕНЕР известува за почеток на процесот за подготовка на Предлог закон за обновливи извори на енергија.
Целта на предлог законот е усогласување со дел од законодавниот Пакет на Европската Унија за чиста енергија, односно со Директивата ЕУ 2018/2001 за обновливи извори на енергија и Регулативата ЕУ 2018/1999 за управувањето со Енергетската Унија и активностите во областа на климата.
Како што се наведува во известувањето, Министерскиот Совет на Енергетската заедница донесе Одлука бр. 2021/13/MC-EnC (од 30.11.2021 година) и Одлука бр. 2022/03/MC-EnC (од 15.012.2022) со кои ги обврза договорните страни на Енергетската заедница, меѓу кои и Република Северна Македонија, да го транспонираат Пакетот на Европската Унија за чиста енергија (прилагоден со одлуките на Министерскиот совет) во своите национални законодавства, најдоцна до 31.12.2023 година. Исто така, досегашната примена на одредбите за обновливи извори на енергија од важечкиот Закон за енергетика укажа дека одредени законски решенија треба да се променат за да одговорат на новите потреби и развојни трендови во глобалниот и домашниот енергетски сектор. Имајќи предвид дека во многу други држави во регионот обновливите извори на енергија се регулираат со посебни закони одвоени од другите енергетски закони и дека материјата претставува засебна целина, се пристапува кон донесување на посебен Закон за обновливи извори на енергија.
Временската рамка за изготвување на предлог законот е од 25.10.2023 до 30.11.2023 година.