/ Прочитано:

4.165

Како треба да постапуваат возачите кон пешаците на пешачки премин според законските правила

Во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се регулираат и сообраќајните правила за однесувањето на возачите кон пешаците, посебно во делот на преминувањето на обележан пешачки премин.

„Обележан пешачки премин“ е дел од површината на коловозот, наменет за премин на пешаци преку коловозот и обележан со ознаки на коловозот и со сообраќаен знак за известување.

Во таа насока, во Законот се пропишува:

Возачот е должен да обрне внимание на пешаците кои се наоѓаат на коловозот или кои започнале да чекорат по коловозот.

Кога приоѓа кон обележан пешачки премин, возачот е должен да управува со возилото и да вози со таква брзина што овозможува во случај на потреба да го запре возилото пред пешачкиот премин.

На делот од патот по кој се движат деца или се поставени сообраќајни знаци за учество на деца во сообраќајот, возачот е должен да вози со особена претпазливост и со таква брзина што ќе овозможи да го запре возилото во случај на потреба.

Возачот не смее да престигнува друго возило кое се приближува кон обележан пешачки премин, кое преминува пешачки премин или кое застанало заради пропуштање на пешаци на тој премин.

Возачот, односно сопственикот на возилото не смее да запре или паркира возило на обележан пешачки премин, како и на премин на велосипедска патека преку коловозот и на оддалеченост помала од десет метри од тие премини.

Ако сообраќајот на обележан пешачки премин е регулиран со светлосни сообраќајни знаци или со знаци што ги дава полициски службеник, возачот е должен своето возило да го запре пред пешачкиот премин кога со дадениот знак му е забрането минување, а ако на таков премин со дадениот знак му е дозволено минување, возачот не смее да го попречува минувањето на пешаците кои веќе стапиле на пешачкиот премин.

Ако обележаниот пешачки премин се наоѓа на влезот на страничен пат, возачот кој свртува на тој пат е должен свртувањето да го врши со намалена брзина и да ги пропушти пешаците кои веќе стапиле или кои стапуваат на пешачкиот премин, а по потреба и да го запре своето возило.

Ако на обележаниот пешачки премин сообраќајот не е регулиран со уреди за давање светлосни сообраќајни знаци, ниту со знаци на полициски службеник, возачот е должен кон таквиот пешачки премин да се доближува со доволно умерена брзина и да го запре своето возило за да ги пропушти и да не ги загрози пешаците кои стапиле или кои стапуваат на пешачкиот премин.

Возачот кој свртува на страничен пат на чиј влез не постои обележан пешачки премин е должен свртувањето да го изврши со намалена брзина и да ги пропушти пешаците кои веќе стапиле на коловозот.

М.В