/ Прочитано:

2.227

Каква е перцепцијата за едногодишната примена на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната

Деновиве од печат излезе публикацијата „Практична примена на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната – правна анализа“ од авторите проф. д-р Никола Тупанчески, проф. д-р Александра Деаноска, д-р Џемали Саити, судија и м-р Андреј Божиновски, која претставува резултат на проектот на гореспоменатата тема спроведен од Здружението за кривично право и криминологија на Република Македонија и со поддршка на Секторот за владеење на правото при Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Во анализата се истакнува дека прашањето за одмерување на кривичните санкции веќе неколку години е актуелно меѓу правната фела, при што е направена анализа на процесот на измени во оваа сфера преку измените на Кривичниот законик од 2014 година со кои беше воведена одредба дека судовите ќе ја одмеруваат казната во согласност со посебен правилник донесен од страна на претседателот на Врховниот суд, како и донесувањето посебен Закон за одредување на видот и одмерување на висината на казната кој востанови концепциски реформи во нашето казнено материјално и процесно право и со кој, меѓу другото, се пропишува начинот на кој судиите треба да ја одмеруваат казната во секој предмет.

Натаму, со цел да се утврди перцепцијата за едногодишната примена на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, во јули 2016 година или точно една година од примената на споменатиот Закон, беше спроведена анонимна анкета со доставување на прашалник до вкупно 200 правни практичари (100 судии кои работат на кривичната материја, 50 јавни обвинители и 50 адвокати) од територијата на четирите апелациски подрачја, членови на ЗКПК.

Според резултатите од анкетата, речиси 70% од сите испитаници сметаат дека казнената политика во нашата држава е невоедначена, повеќе од 50% од сите испитаници тежиштето на проблемот го лоцираат во нефункционирањето на механизмите за воедначување кои се во надлежност на повисоките судови, а повеќето од испитаните судии и јавни обвинители сметаат и дека донесувањето насоки и правни мислења би ја олеснило работата на судиите.

Мнозинството од судиите, обвинителите и адвокатите сметаат дека Законот нема да обезбеди правичност во казнувањето и дека ги дерогира начелата на слободно судиско уверување и на индивидуализација и ова, според авторите, претставува уште еден аргумент плус за тоа дека овој закон треба да биде укинат.

Со неуважување на основните вредности и начела, истакнуваат авторите во публикацијата, врз кои се потпира казнено-правниот систем, Законот ги губи својата смисла и легитимитет.

Уставниот суд вчера поведе постапка за Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната. На расправата за уставноста на Законот беше нагласено дека стручната кривична јавност постојано аргументира и образложува за неусогласеноста на Законот со највисокиот државно-правен акт, со законските решенија од казнената област, но и со принципите на индивидуализација на казната и слободното судиско убедување.

Резултатите од анализата го потврдуваат токму она што беше и истакнато на расправата за уставноста на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната.

M.В