/ Прочитано:

1.556

Каталонија прогласи независност, а шпанскиот Сенат го активираше членот 155 од Уставот

Прогласувањето независност на Каталонија беше поддржано од 70 пратеници наспроти 10 опозициски пратеници, кои гласаа против. На само половина час по одлуката на каталонскиот Парламент за прогласување независност, шпанскиот Сенат изгласа активирање на членот 155 од Уставот на Шпанија со кој официјален Мадрид ќе има директна контрола врз Каталонија. Ова значи дека би се распуштила регионалната Влада и би се распишале предвремени избори, а до нивното одржување со Каталонија би раководел посебен орган именуван од страна на кабинетот во Мадрид.

Парламентот на Каталонија прогласи независност од Шпанија. Ова беше поддржано од 70 пратеници наспроти 10 опозициски пратеници, кои гласаа против. Само неколку часа откако претседателот Карлес Пуџдемон изјави дека каталонскиот Парламент е на потег да одлучува за понатамошните чекори кога станува збор за спроведување на мандатот за отцепување од Шпанија по референдумот за независност.

Пуџдемон истакна дека токму регионалниот Парламент треба да одлучи како ќе одговори на планот на шпанските власти за преземање контрола над регионот Каталонија.

„Разочарани сме бидејќи гледаме дека врз некои се поставуваат барања и се вршат големи притисоци. Примената на членот 155 од Уставот на Шпанија којшто денеска ќе биде изгласан од страна на Парламентот во Мадрид, односно којшто ќе биде усвоен од страна на Сенатот е злоупотреба којашто е надвор од сите закони. Затоа, Парламентот на Каталонија треба да одлучи што ќе прави со примената на тој член“, истакна Пуџдемон.

На само половина час по одлуката на каталонскиот Парламент за прогласување независност, шпанскиот Сенат изгласа активирање на членот 155 од Уставот на Шпанија со кој официјален Мадрид ќе има директна контрола врз Каталонија. Ова значи дека би се распуштила регионалната Влада и би се распишале предвремени избори, а до нивното одржување со Каталонија би раководел посебен орган именуван од страна на кабинетот во Мадрид.

Премиерот на Шпанија, Маријано Рахој, во своето денешно обраќање во Сенатот изјави дека доколку сенаторите ги усвојат вонредните мерки што ги предложи Владата во Мадрид за преземање целосна контрола над регионот Каталонија, првиот чекор на шпанската Влада ќе биде смена на каталонскиот претседател Карлес Пуџдемон.

„Тоа што се случува во Каталонија претставува јасно кршење на законите, демократијата, правата на сите нас, а сето тоа ќе има сериозни последици“, истакна Рахој во Сенатот, порачувајќи дека специјалните овластувања што ќе ги има официјален Мадрид врз Каталонија не значи одземање на слободата на Каталонците, туку нивна заштита.

Според Рахој, единствено со вакви мерки што ги предложи неговата Влада може да се надмине актуелната криза во Шпанија.

А. Б.