/ Прочитано:

1.246

Коалиција за заштита на укажувачите: Улогата на укажувачите во откривањето на корупцијата и заканите за јавниот интерес е од огромно значење

„Ниту бизнис заедницата, ниту пак политичарите немаат интерес да пријавуваат незаконско работење. Успешната борба со корупцијата останува единствено задача на граѓаните. Мислам дека е важно да се укаже на фактот дека обичните луѓе треба да сфатат дека тие се единствените кои успешно може да се спротивстават на корупцијата и измамите. Доколку бројот на укажувачите достигне масовна бројка на глобално ниво, во тој случај компаниите, односно менаџерите и раководните структури не ќе можат така лесно да им се закануваат, да ги отпуштаат, да ги прогонуваат“, вели Марк Ворт, директор на Коалицијата за заштита на укажувачите на Југоисточна Европа .

Спречување политичка пристрасност и корпоративна корупција, банкарски измами, перење пари, алармирање за загадена вода или, пак, небезбедна храна, ваквите активности на укажувачите успеваат да заштедат десетици милијарди евра и да спасат огромни јавни и природни ресурси. Улогата на укажувачите во откривањето и борбата против корупцијата и заканите за јавниот интерес е од огромно значење. Токму затоа, за прв пат оваа година, заедницата го одбележува Меѓународниот ден на заштита на укажувачите.

Марк Ворт, директор на Коалицијата за заштита на укажувачите на Југоисточна Европа, вели дека единствено граѓаните може успешно да се борат против корупцијата и незаконското работење на поединци или цели компании.

„Ниту бизнис заедницата, ниту пак политичарите немаат интерес да пријавуваат незаконско работење. Успешната борба со корупцијата останува единствено задача на граѓаните. Мислам дека е важно да се укаже на фактот дека обичните луѓе треба да сфатат дека тие се единствените кои успешно може да се спротивстават на корупцијата и измамите. Доколку бројот на укажувачите достигне масовна бројка на глобално ниво, во тој случај компаниите, односно менаџерите и раководните структури не ќе можат така лесно да им се закануваат, да ги отпуштаат, да ги прогонуваат. Покрај тоа, и новинарите, односно истражувачкото новинарство може многу да придонесе во справување со овие проблеми. Новинарите имаат огромна улога во правилно спроведување на Законот за заштита на укажувачите и тоа не само во Македонија туку и во светот. Тие го заштитуваат идентитетот на укажувачите, односно на луѓето кои се нивни извори за реализација на истражувачките стории за корупција, измами, проневери. Денеска кога се одбележува и Денот на слободен говор, се препознава вредниот придонес на укажувачите, активистите и истражувачките новинари во Македонија“, вели Ворт.

Тој појаснува дека до 2000 година само две држави во светот, односно само Соединетите Американски Држави и Велика Британија имаа Закон за заштита на укажувачите, до 2010 година нивниот број се зголеми на 25, а сега во 2017 година има точно 50 држави кои имаат Закон за заштита на укажувачите.

„Заштитата на укажувачите е експанзија во светски рамки. Државите усвојуваат законска регулатива за да ги заштитат луѓето кои сакаат да се спротивстават на корупцијата и криминалот, но мора да нагласам дека сѐ уште постои простор за доработување на законите кои го регулираат ова прашање, а се разбира сѐ  со цел да ги охрабрат граѓаните во нивните намери да пријават какви било незаконски активности, без разлика дали станува збор за компании во јавниот или во приватниот сектор. Коалицијата за заштита на укажувачите на Југоисточна Европа креираше и веб-страница на која секој може да пријавува криминал и корупција, без да го открие својот идентитет“, вели Ворт.

Александар Божиновски од Центарот за истражувачко новинарство вели дека овие невладини организации се навистина посветени на подобрување на правата на укажувачите, поддржувајќи ги целосно и работејќи на истражувачки стории врз основа на тоа што укажувачите го обелодениле.

„Тоа што би сакал да го потенцирам е дека истражувачкото новинарство е чувар на демократијата, што подразбира и чувар на правото на граѓаните да носат одлуки засновани на веродостојни информации. Соа тоа што обезбедува проверени информации, базирани на повеќе извори и документи, овој вид новинарство овозможува поголема транспарентност на институциите и помали шанси за нивно коруптивно дејствување“, вели Божиновски.

Меѓународниот ден на укажувачите е ден кога светот им оддава признание на граѓаните кои имаат интегритет и храброст да пријават злоупотреба, додека други молчат. Денот на слободен говор е платформа за граѓаните да ја изразат својата поддршка за своите права за слобода на говорот и граѓанско учество.

А. Б.