Компаниите бараат да бидат вклучени во процесот на измените на Законот за финансиска дисциплина
Проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис-регулатива“ одржа инфо-сесија на тема „Законот за финансиска дисциплина и исполнување на договори”. Во проектот се вклучени четирите најактивни стопански комори во земјата: Сојузот на стопански комори на Македонија, Стопанската комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ и Стопанска комора на Северозападна Македонија со цел да се подобри бизнис-регулативата.
Приватниот сектор бара да биде вклучен во процесот на измените на Законот за финансиска дисциплина со сите досегашни нотирани недостатоци, меѓу кои повластената положба во рокот на исплатата на обврските кај државните субјекти во однос на условите со кои се соочува бизнис-заедницата, недоволните капацитети на инспекцискиот надзор, кој сега ќе се промени во делот на надлежностите, како и ефектите врз исполнувањето на договорите.
„Неопходно е да се обезбеди правна заштита, како и владеење на правото. Врз тие принципи може значително да се подобри бизнис-климата во земјата. Законот за финансиска дисциплина, во кој би биле вклучени и барањата на приватниот сектор за олеснување на наплатата на долговите и правилна имплементација од страна на државните органи, во согласност со европските практики, би добил многу поголема ефикасност“, истакна Павлина Димовска, правен советник на проектот Партнерство за подобра бизнис-регулатива.
На настанот беше поттикната дебата со цел присутните да дадат свој придонес во креирање на квалитетно законско решение, базирано на досегашните искуства на компаниите во делот на исполнување на договорите. Непотребно е блокирањето на фирмите кои се должници. Тоа не им гарантира дека ќе си ги наплатат побарувањата бидејќи се ограничуваат платежните можности на правните субјекти, како и предизвиците со финансиската дисциплина.
Сашо Раденковиќ, експерт во областа, истакна дека пред самото донесување на законот државата евидентирала проблем во наплатата меѓу доверителите и за таа цел е донесен Законот за финансиска дисциплина, како инструмент со кој би се обезбедила сигурна наплата на побарувањата. Но од самото донесување на законот евидентирана е нерамноправна положба на субјектите на пазарот на труд.
„Со стапувањето на сила, законот важеше од самиот почеток за приватниот сектор, додека јавниот сектор беше и сè уште е во повластена состојба, поради одложените рокови. Дополнително, законот треба да дава сигурност кај компаниите дека наплатата ќе биде обезбедена со тенденција да се подобрат роковите за наплата и да не се доцни. Финансиската дисциплина е многу битна и компаниите треба да ги почитуваaт договорените рокови и обврските да ги плаќаме навреме. Деловната заедница апелира дека неопходно е почитување на одредбите од Законот за финансиска дисциплина, кој системски треба да ги регулира меѓусебните плаќања и исполнувањето на меѓусебните договори“, изјави Раденковиќ и додаде дека само на тој начин нема да се нарушува тековна ликвидност на компаниите.
Веќе во процедура е дополнително усогласување на постојниот Закон за финансиска дисциплина со Директивата за борба против задоцнето плаќање во комерцијални трансакции на Европската Унија. Досега се предложени повеќе измени во законот, меѓу кои намалување на надоместокот за задоцнување за навремено плаќање од 3.000 на 2.400 денари, надзорот на законот кој го врши УЈП врз приватниот сектор да се префрли на Државниот пазарен инспекторат при Министерството за економија и прецизирање на условите од договорот дека не се значително неправедни и нефер кон доверителот.
Затоа, пред да се пристапи кон законски измени, потребно е и да се понуди сеопфатна анализа на ефектите, последиците и резултатите од досегашното спроведување на Законот за финансиска дисциплина, кој на сила е од мај 2014 година. Во овој процес неопходно е да се почитуваат постулатите на јавно-приватниот дијалог.
Измените на Законот за финансиска дисциплина со европско знаменце пред пратениците
Ќе се менува и Законот за финансиска дисциплина
М.В