/Прочитано:

1.031

Лица од извршната власт и службени лица од УБК осомничени во новите два предмети на СЈО

Обвинителката Фетаи, која ги презентираше случаите, потенцираше дека првиот случај е директно поврзан со неовластеното следење на комуникациите, додека вториот случај произлегува од содржината на прислушуваните разговори.

03 (1)

За разлика од досегашната практика на Специјалното јавно обвинителство за именување на предметите што ги отвораат, на денешната прес-конференција информираа дека се поднесени два обвинителни предлози за два предмети, но тие се без кодно име.

Двата предмети се нови, работени по скратена постапка бидејќи Обвинителството имало доволно докази за да изготви обвинителни предлози и да ги достави до Кривичниот суд. Бидејќи истрагата е целосно завршена, од СЈО нема да предложат мерки за обезбедување на лицата опфатени во предметите.

Едниот предмет се однесува на уништувањето на документи за да се прикрие незаконското прислушување, а вториот предмет се однесува на протестите пред Општина Центар од 2013 година. Во првиот предмет опфатени се 7 лица кои се осомничени за кривичното дело фалсификување на службена исправа, а во вториот предмет опфатени се 14 лица кои се осомничени за кривичното дело насилство.

Првиот предмет е поврзан со предметот „Тврдина“, за кој СЈО отвори истражна постапка и во кој се опфатени пет лица, меѓу кои поранешниот началник на Петта управа во МВР Горан Грујевски и поранешната министерка за внатрешни работи. Меѓутоа, поради заштита на пресумпцијата на невиност, обвинителките Фатиме Фетаи и Ленче Ристоска не сакаа да откријат дали некои од лицата кои се осомничени во „Тврдина“ се дел и од новиот предмет.

„Од седумте осомничени, едно лице е хиерархиски на повисоко ниво, а останатите осомничени се службени лица во Управата за безбедност и контраразузнавање“, рече Ристоска.

02 (5)

Обвинителката Фетаи, која ги презентираше случаите, потенцираше дека првиот случај е директно поврзан со неовластеното следење на комуникациите, додека вториот случај произлегува од содржината на прислушуваните разговори.

„Ова обвинителство прибави доказен материјал и за други кривични дела вршени со цел да се прикрие откривање на тоа кој, како и зошто прислушувал. Од доказите произлезе дека првообвинетиот во својство на службено лице во Петтата управа при УБК незаконито формирал комисија за незаконско ништење на документација и заедно со 6 члена од комисијата уништиле 2 047 службени списи, од кои 22 се однесуваат на системите за следење на комуникациите“, рече Фетаи.

Според доказите, првообвинетиот издал усна наредба за ништење на документи, иако немал никакви законски ингеренции да го направи тоа бидејќи целта била да се уништат списите поврзани со работата на системите за следење на комуникациите. Помеѓу уништените списи имало и класифицирани документи.

„Првообвинетиот ја посочил локацијата, а останатите шестмина на таа локација ги запалиле списите кои биле определени за уништување, иако Законот за кривичната постапка налага тоа да го стори надворешно правно лице“, појасни Фетаи.

Вториот предмет е преземен од Основното јавно обвинителство Скопје, а е врз основа на телефонски разговор меѓу поранешни високи носители на извршната власт на РМ и беше јавно објавен, рече Фетаи.

За предметот се прибавени голем број докази, видеоматеријали, но обезбедени се и изјави од сведоци кои, поради тоа што не можат да го добијат третманот на заштитени сведоци, се водат како анонимни сведоци.

„Од сите прибавени докази произлезе дека разговорот од снимката има свој кривичноправен епилог и Обвинителството очекува да биде донесена осудителна пресуда. Од 14 лица осомничени за насилство, петмина се поттикнувачи на насилството, а 9 лица се директни извршители на насилството. Од доказниот материјал произлезе дека во месец јуни првообвинетиот со умисла побарал, а второобвинетиот прифатил и преку третообвинетиот, четвртообвинетиот и петтообвинетиот поттикнал дел од членството на партијата во група од повеќе лица да извршат грубо насилство спрема градоначалникот на Општина Центар и спрема советниците од советничката група на Општина Центар, но од спротивната политичка опција“, појасни Фетаи.

05 (2)

Мотивите на првообвинетиот за сторување на ова кривично дело биле чисто лукративни, вели Фетаи, заради опстојување на бизнис-интересите на партискиот врв и за интересите на нивните блиски бизнис-партнери. Покрај на веќе објавениот разговор, кривичното дело е базирано на уште еден необјавен прислушуван разговор, кој се одвивал меѓу еден од осомничените и еден познат бизнисмен.

„Според доказите, на денот на седницата на Советот на Општина Центар, на која на дневен ред било поништувањето на неколку детални урбанистички планови, пред општинската зграда се собрала поголема група која почнала насилнички да се однесува кон оштетените. Поради насилничкото однесување, седницата била одложена. На денот кога повторно била закажана седница, пред општинската зграда се собрале стотици лица кои ја скршиле влезната врата и почнале да маваат со повеќе предмети: камења, живи јајца, компири, полни пластични шишиња и со домати во чија внатрешност имало камења. Сите предмети биле носени со возило. Од нападите биле искршени сите прозорци на  зградата на Општина Центар, а едно лице се здобило со повреда на окото “, рече Фетаи.

Сета акција била координирана од лица кои биле во салата за седници и кои им давале инструкции на луѓето од толпата како да се однесуваат, кога да викаат, кога да бидат поагресивни и слично, вели Фетаи.

За овој предмет, како што веќе има информирано Академик, градоначалникот на Општина Центар веќе беше на распит во СЈО.

На крајот, обвинителката Фетаи рече дека правдата не препознава други кодови освен лица за кои постојат докази за сторени кривични дела и лица за кои не постојат докази за сторени кривични дела.

„Нема да има ниту привилегирани, ниту неправилно обвинети. Во ова јавно обвинителство секој кој се огрешил кон Кривичниот законик во РМ ќе одговара“ рече Фетаи.

Како што информираат од Кривичниот суд, до овој момент обвинителните предлози сè уште не се пристигнати. Откако ќе пристигнат, преку електронскиот систем за распределба на предмети ќе бидат распределени кај одреден судија, бидејќи станува збор за предмети за кои е скратена постапката. „Откако ќе го разгледа обвинението и доказниот материјал, судијата закажува главна расправа. Судијата треба да ги достави обвинението и поканите за судењето до странките во постапката“, велат од Судот.

Закажување на главна расправа според ЗКП:

(1) Претседателот на советот со наредба го определува денот, часот и местото на главната расправа.

(2) Претседателот на советот ќе ја закаже главната расправа најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот на обвинителниот акт во судот, а за дела од организираниот криминал најдоцна во рок од 60 дена од денот на приемот на обвинителниот акт во судот. Ако во овој рок не ја закаже главната расправа претседателот на советот писмено ќе го извести претседателот на судот за причините поради кои главната расправа не е закажана. Претседателот на судот по потреба ќе преземе мерки главната расправа да се закаже.

М. С.

Спонзориран текст