/ Прочитано:

1.374

СЈО: Продолжуваме со работа и очекуваме Иванов целосно да ја повлече аболицијата

Ристоска потенцираше дека сè уште немаат добиено одговор од Претседателот на прашањето од каде му се податоците и информациите за лица осомничени во постапки што ги води СЈО, кои се тајни. Тие испратиле едно барање на 15 април и една ургенција на 9 мај, но досега сè уште немаат добиено одговор од Кабинетот на Претседателот на РМ.

Ленче Ристоска

На денешната прес-конференција на Специјалното јавно обвинителство не беше соопштен нов предмет на кој работи СЈО. Обвинителката Ленче Ристоска информираше дека, и покрај одлуката за аболиција, која ја донесе претседателот Ѓорге Иванов, предистражните и истражните постапки кои ги води ова обвинителство продолжуваат.

„Рокот за поништување на одлуките сè уште не е изминат и ние очекуваме и веруваме дека претседателот ќе ги исполни своите уставни обврски и ќе постапи во согласност со законските можности и, во насока на духот на владеењето на правото, ќе овозможи реализација на правдата. Нашиот став, како што веќе кажавме е доследна примена на начелото на владеење на правото, што подразбира да не биде тоа начело предмет на селективен пристап и предмет на какви било понатамошни ограничувања бидејќи правдата не смее да има селективен пристап и не смее да се затскрива вистината“, рече Ристоска.

Таа потенцираше дека сè уште немаат добиено одговор од Претседателот на прашањето од каде му се податоците и информациите за лица осомничени во постапки што ги води СЈО, кои се тајни. Тие испратиле едно барање на 15 април и една ургенција на 9 мај, но досега сè уште немаат добиено одговор од Кабинетот на Претседателот на РМ.

Од СЈО велат дека продолжуваат сите активности во однос на предистражните и истражните постапки. Во истражните постапки опфатени се 60 лица, а во предистражните постапки, чиј број се менува постојано, се опфатени многу повеќе, потенцира Ристоска.

Од предметите за кои беше отворена истражна постапка, Ристоска вели дека за предметот „Титаник“ не е повлечена аболицијата за пет осомничени лица, од предметот „Тврдина“ не е повлечена аболицијата за 3 лица. Шест лица сè уште се водат како помилуваи, а се осомничени во предметот „Тортура“, додека во предметот „ТНТ“ не е повлечена аболицијата за две лица кои се осомничени.

Две од лицата обвинетите во предметот „Пуч“ и понатаму остануваат помилувани бидејќи со одлуката за поништување беше повлечена аболицијата за лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за поранешниот разузнавач, Зоран Верушевски и за службеникот во Општина Струмица Бранко Палифров.

Одбраната во одредени предмети, во кои осомничените лица биле аболирани, побарала прекин на истражните постапки, но според Ристоска не постојат законски можности за прекин на постапките, а особено што рокот за повлекување на аболициите сè уште тече. За целосно запирање на постапките ќе почекаат да истече овој рок.

Сепак, Ристоска открива дека е побарано запирање на истражните постапки за предметите, односно дека дел од лицата осомничени во предметите „Титаник“, „Тврдина“, „Транспортер“, „ТНТ“ и „Тортура“ преку своите бранители побарале запирање на постапките. Запирање на постапката било побарано и за една предистрага поврзана со прислушувањето.

„На списокот за аболирани лица имаше осомничени лица, сведоци во постапка и лица за кои во моментот на помилувањата не беа поведени никакви постапки во СЈО. Ова го потенцирам затоа што имавме и лица кај кои беше вршен претрес за потребите на предистражни постапки, а кои беа на листата на аболирани“, рече Ристоска.

Ристоска уверува дека голем дел од работата на СЈО во моментов е фокусирана на финансиските истраги кои бараат одреден временски период за целосно да се собере и да се анализира доказниот материјал за потоа да може да се извлечат заклучоци во однос на тоа што ќе биде производ на самата предистражна постапка.

„Криминалот не е активност која се исплати, така што лицата кои се бават со криминал, освен кривична одговорност, ќе сносат и материјална одговорност, односно материјалната корист, која ја прибавиле незакоски, ќе им биде одземена“, потенцира Ристоска.

М. С.