/ Прочитано:

1.580

Мартин Шулц најави борба против популизмот во претстојната трка за канцелар на Германија

Последните анкети од истражувањата за тоа кој е најпопуларен политичар во Германија покажуваат дека Мартин Шулц ја надминал актуелната канцеларка Ангела Меркел. „Европа нема да доживее удар од мене, но нема да дозволам омраза кон малцинствата. Ќе се борам против популистите и антидемократите. Социјалдемократите секогаш се бореле против непријателите на демократијата", истакна Шулц веднаш по преземањето на лидерската функција на СПД и кандидатурата за канцелар на Германија.

Шулц и Меркел

Германија конечно доби достоен противник на канцеларката Ангела Меркел, оценуваат политичките аналитичари во Европа, откако, како што наведуваат, харизматичниот социјалдемократ и досегашен претседател на Европскиот парламент Мартин Шулц застана на чело на најстарата партија во земјата, Социјалдемократската партија на Германија (СПД), а со тоа беше номиниран и за кандидат за канцелар на претстојните федерални избори, кои ќе се одржат годинава на 24 март.

Минатата година за неделникот „Велт“, Шулц изјави дека нема да влезе во трка со Меркел за канцелар на земјата, надевајќи се дека по третпат ќе остане на чело на Европскиот парламент. Но, бидејќи ова не му успеа, неговите блиски соработници коишто добро го познаваат не се ни сомневаа дека тој ќе настојува да застане на висока функција на домашната политичка сцена во Германија. 

Многумина мислеа дека т.н. Господин Европа ќе биде идниот шеф на германската дипломатија, но нештата се променија откако досегашниот лидер на СПД Зигмар Габриел одлучи да се повлече од претседателското место од партијата и да го предложи Шулц за негов наследник. Во интервју за неделникот „Цајт“, актуелниот вицеканцелар на Германија, Габриел, вели дека се одлучил на ваков чекор поради неговата процена дека СПД ќе има многу поголеми шанси на изборите ако некој друг биде кандидат за канцелар.

„Мартин Шулц во моментов е единствениот кој може да го заземе местото на Ангела Меркел, која по четврти пат влегува во трката за канцелар на Германија. Нејзината партија, Христијанско-демократскиот сојуз (ЦДУ), и сега има поддршка од околу 36 отсто од избирачите, наспроти СПД која има поддршка од 21 отсто. Но, јас сум убеден дека нештата ќе се променат“, изјави Габриел за „Цајт“.

Според познавачите на политичката клима во Германија, овој потег на Габриел е во насока на тоа тој, како досегашен лидер, да не биде запаметен по тоа што рејтингот на СПД е на најниско ниво, а милионското членство во партијата уште од времето на Вили Брант е преполовено.

Процената на Зигмар Габриел се потврди како сосема точна, особено поради фактот што во партијата се зачлениле повеќе илјади членови само по неколку дена откако Шулц го презеде водството на Социјалдемократската партија на Германија. Последните анкети од истражувањата за тоа кој е најпопуларен политичар во земјата покажуваат дека тој ја надминал Меркел.

„Европа нема да доживее удар од мене, но нема да дозволам омраза кон малцинствата. Ќе се борам против популистите и антидемократите. Социјалдемократите секогаш се бореле против непријателите на демократијата”, истакна Шулц веднаш по преземањето на лидерската функција на СПД.

Најавувајќи дека СПД ќе ја направи да биде најсилна партија во Германија, Шулц истакна дека ќе треба да работат во насока на повторно добивање на довербата од гласачите.

„Само во општество кое застапува единство можеме да бидеме силни. Се чувствува раздвижување внатре во СПД, но и во целата земја. Ние сакаме и можеме да го искористиме ова еуфорично расположение“, рече Шулц.

Но, и покрај тоа што Мартин Шулц е човек со харизма, посветен и борец за демократските вредности во Германија, политичкиот коментатор на весникот „Шпигел“ Флоријан Гатман во својата анализа истакнува дека најголемиот проблем на Шулц е тоа што тој долги години бил актуелен на политичката сцена во Брисел и во Стразбур, па најголемиот дел од неговиот тим е сè уште таму.

„Освен тоа, неговиот долгогодишен престој надвор од Германија го прави недоволно упатен во најситните детали од внатрешната политика на земјата, како што се реформите во пензискиот систем и државните финансии. За разлика од него, Ангела Меркел го знае секој детаљ во сите области и точно знае како да ја придобие наклонетоста на избирачите“, пишува Гатман во „Шпигел“. 

Во секој случај, иако никој не очекува дека СПД според бројот на гласовите може да ја надмине ЦДУ, партијата на актуелната канцеларка, некои комбинаторики на експертите покажуваат дека единствената можност за политичко пензионирање на Меркел е претпоставката дека трите левоориентирани партии во Германија –  СПД, Зелените и Левицата, ќе успеат заедно да освојат мнозинство пратенички мандати во Бундестагот, а потоа ќе формираат владејачка коалиција, што автоматски ќе ја потисне партијата на Меркел онака како што се случи на ланските локални избори во Берлин.

Сепак, генералната оцена е дека федералните избори во Германија ќе бидат крајно неизвесни. Кандидатите за канцелар на земјата ги очекува тешка кампања, и никој со сигурност не може да тврди дали Меркел по четврти пат ќе остане на оваа функција, или пак тронот ќе го преземе некогашниот книжар Мартин Шулц, кој нема ниту матура, но зборува пет светски јазици и важи за социјалдемократ кој нема влакна на јазикот.

А. Б.