/ Прочитано:

2.865

МОН за измените на Законот за наставници: Правна сигурност за наставниот и стручниот кадар

Во насока на подигнување на мотивацијата за работа на наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта, со што директно се влијае и на квалитетот на воспитно-образовниот процес, на предлог на Министерството за образование и наука, Владата усвои нови законски измени со кои се обезбедува економска и правна сигурност на наставниот и стручниот кадар.

„Измените на Законот за наставници и стручни соработници се веќе во собраниска процедура и предвидуваат отсега сите нови вработувања во училиштата да бидат директно на неопределено време, наместо како досегашната практика да се чекаат две години за отпочнување на процес на трансформација, а воедно и сите наставници и стручни соработници кои во овој момент се ангажирани на определено време, вкупно 4.800 лица, со стапувањето во сила на законските измени ќе добијат решение за трајно вработување доколку ги исполнуваат предвидените законски услови.

Со ова значително ќе се намалат грижите за доделување отказ пред работниот однос да се трансформира на неопределено време. Исто така, се обезбедува и континуитет во реализација на наставата, што е важно и за наставникот, но и за учениците, кои ќе немаат грижа дали од следната учебна година ќе им предава друг наставник и ќе им биде потребна повторна адаптација.

Законските измени овозможуваат професионален и кариерен развој за вработените во училиштата, како и следење и оценување на работата уште од првиот ден на стапувањето во редовен работен однос. Воедно, за прв пат законски се дефинираат компонентите на платата на наставниците и стручните соработници, со што се овозможува исплата на додатоците на плата за претходно стекнатите педагошки звања како резултат на успешност во работењето, додатокот за одделенско, односно класно раководство, за работа во комбинирана паралелка и за работа во ридско-планинско подрачје, за кои во минатото имаше реакции дека не се исплаќаат од страна на училиштата.

Целосна плата за неполн неделен фонд на часови ќе добиваат наставниците кои реализираат воспитно-образовна работа според наставен план и програми донесени согласно Концепцијата за основно образование и воспитание, доколку имаат минимум 10 наставни часови во неделата.

Министерството за образование и наука и репрезентативниот синдикат во областа на образованието е предвидено да склучат спогодба, со која се утврдува износoт на вредностa на бодот за пресметување на платата на наставниците и стручните соработници, која за прв пат се поврзува и ќе расте со секое покачување на минималната плата.

Во најголем дел, законските измени се барања на наставниците и стручните соработници и нивното прифаќање значи дополнителен придонес кон заложбите за враќање на дигнитетот и општествената важност на наставничката професија.

Наставниците и стручните соработници се наши сојузници и најважната алка во реализацијата на воспитно-образовниот процес и силно веруваме дека на овој начин задоволството од работењето на избраната професија значително ќе се подигне, а тоа е еден од клучните услови за создавање на што поквалитетни генерации на ученици“, соопштуваат од МОН.

Се подготвуваат измени на Законот за наставниците и стручните соработници