/ Прочитано:

1.864

На Правниот факултет „Јустинијан Први” се одржа првиот академски час за бруцошите

Денеска на платото пред Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје се одржа првиот академски час за бруцошите. На првиот академски час пред бруцошите се обратија проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, проф. д-р Горан Коевски, декан на Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје, како и претседателот Стево Пендаровски.

Поздравувајќи ги новите студенти, ректорот Јанкуловски нагласи дека денешниот ден има исклучително значење за нив како генерација.  Овој ден, истакна Јанкуловски, во календарот на вашите животи е еден од позначајните денови.

„Денес, со престижниот црвен индекс, станувате дел од академската заедница и со тоа од денес вие свечено му припаѓате на УКИМ, а тоа е чест“, истакна ректорот на УКИМ.

Деканот на Правниот факултет, Горан Коевски, подвлече дека Правниот факултет „Јустинијан Први“ е подготвен за сите предизвици и дека новите студенти ќе добијат квалитетно образование. Како генерација, истакна деканот, ќе бидете препознатливи со образование изградено на најстариот правен факултет во земјата, кој во изминатите години успешно ја надмина и нелојалната конкуренција.

Коевски образложи дека има бројни новитети во наставата на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и дека студентите ќе ја имаат таа предност да се образуваат со современа настава и со добро подготвени професори.

„Следната година како Факултет одбележуваме 70 години. И додека студирате на овој факултет со толку значаен јубилеј, секогаш имајте го на ум нашето мото – ‘Јустинијан Први’ секогаш први“, истакна Коевски.

На денешниот свечен настан се обрати и претседателот Стево Пендаровски, кој рече дека и тој студирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и дека од овој факултет произлегле многу правници, адвокати, судии, обвинители, новинари, но и политичари. Пендаровски го нагласи значењето на студентите за академската заедница, но и за општеството воопшто, а воедно го нагласи и значењето на професорите за македонското образование. Претседателот упати порака и до студентите и до професорите.

На студентите им порача дека пред нив се најубавите години од животот и дека во овие години како студенти ќе учат и ќе се дружат. Тој им посака на студентите студентски години и студии исполнети со содржини, а  на професорите, пак, им порача да им помогнат на овие млади луѓе, за што изрази увереност дека имаат капацитет и мотивација.

На денешниот настан се обрати и Кристијан Зумровски, претседател на Факултетското студентско собрание, кој на студентите им порача да бидат активни, да се организираат за остварување на своите цели, но и да се борат за своите права и за правдата.

Правниот факултет „Јустинијан Први“ е најстарата високообразовна установа во Македонија од сферата на правните, политичките и комуниколошките науки. Основан е со Уредба на Владата на НР Македонија од 3 ноември 1951 година како отсек на Правно-економскиот факултет на Универзитетот во Скопје, а од 1 јули 1956 година работи како прва, самостојна високообразовна институција од областа на правните науки.

M.В