/ Прочитано:

2.439

Начела до кои обвинителите се должни да се придржуваат според Етичкиот кодекс

Во Етичкиот кодекс на јавните обвинители се пропишува дека обвинителите во извршувањето на својата должност во односите со другите органи, странките и граѓаните, во јавноста, како и во меѓусебните односи должни се да се придржуваат на начелата на законитост; непристрасност и законитост; трудољубивост и стручно постапување; чесност и неподмитливост; професионалност; достоинство и воздржаност.

Законитост

Јавните обвинители се должни да постапуваат законито и стручно, во согласност со Уставот на Република Македонија, законите, ратификуваните меѓународни договори во согласност со Уставот и другите подзаконски акти, така да законитоста и правилноста на нивните одлуки можат да се проверат и секогаш да можат да се утврдат причините поради кои се донесени таквите одлуки.

Непристрасност и независност

Јавните обвинители својата должност ја извршуваат објективно, непристрасно и независно од влијанија, мислењето на јавноста и надворешните притисоци, без предрасуди, со почитување и штитење на основните човекови права утврдени со Уставот, законите и Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, со почитување на достоинството на другите, без оглед на тоа за кое лице станува збор и без оглед на неговиот статус, без дискриминација во поглед на верата, полот, сексуалната определба, националното и регионално потекло, припадност на етничка група, раса, возраст или било која друга основа.

Јавните обвинители не смеат да имаат непримерни врски со законодавната и извршната власт, ниту да дозволат влијание од нивна страна, така да јавноста нема сомневање за постоење на такви врски или влијанија.

Јавните обвинители се должни да се изземат од постапување во предмети за кои постојат причини кои би ја довеле под сомнение нивната непристрасност.

Јавните обвинители се должни при постапувањето да го штитат општиот интерес и да се стремат да постигнат рамнотежа помеѓу општиот интерес и правата и оправданите интереси на поединци.

Јавните обвинители се должни во јавноста да придонесуваат за афирмација на стручноста, чесноста, самостојноста и непристрасноста на својата функција.

Трудољубивост и стручно постапување

Јавните обвинители заради вршење на својата должност мора да имаат високо ниво на познавање на правото и неговата примена. Тоа вклучува обврска за непрекинато стручно усовршување и образование. Јавните обвинители се должни да ги почитуваат роковите во текот на постапката, правилата за приоритет во решавањето на предметите, примените предмети од ист степен на итност да ги решаваат спрема редоследот на прием во работа и во согласност со одредбите од Правилникот за внатрешното работење на јавните обвинителства.

Јавните обвинители се должни пред донесување на мериторна одлука да ги преземат сите потребни дејствија во кривичната постапка со цел да се прибават докази и потполно и вистинито да се утврди фактичката состојба.

Чесност и неподмитливост

Јавните обвинители не смеат да ја користат својата службена положба и углед заради остварување на имотна и друга корист за себе или за други, не смеат да примаат подароци и бесплатни услуги, ако со тоа може да ја доведат во прашање нивната непристрасност и објективност.

Јавните обвинители, како предмет на постојан надзор од јавноста, слободно и доброволно ги прифаќаат ограничувањата кои им ги наметнува функцијата која ја извршуваат.

Јавните обвинители нема да дозволат адвокат, политичка партија, меѓународна или домашна невладина организација која се занимава со набљудување на судските постапки, да ги користат нивните куќи, деловните простории или станови како канцеларии.

На јавните обвинители им е забрането да ја користат својата функција или информациите кои ги добиле преку својата функција за своја лична корист или за лична корист на некој друг.

Професионалност

Јавните обвинители кога ќе примат од повисокиот јавен обвинител напатствија за постапување во одредени предмети, ќе се воздржат за тоа да даваат известувања или коментари на други.

Јавните обвинители пред преземање било какви работи надвор од јавното обвинителство, а кои не се регулирани со одредбите од Законот за јавното обвинителство, мора да го известат за тоа претпоставениот односно повисокиот јавен обвинител и да постапуваат во согласност со добиеното мислење.

Јавните обвинители нема да ги коментираат во јавноста заклучоците, ставовите, препораките, мислењата, упатствата и други одлуки донесени од Јавниот обвинител на Република Македонија, стручниот колегиум или донесени на состаноци на јавното обвинителство.

Јавните обвинители во вршењето на својата функција и во јавноста, ќе ја почитуваат пресумпцијата на невиност, не само за предметите по кои постапуваат, туку и за останатите предмети по кои постапуваат други јавни обвинители.

Достоинство

Јавните обвинители во рамките на работното време и надвор од него, мора да се однесуваат така што нема да го доведат во прашање достоинството и угледот на јавното обвинителство, да се воздржуваат од извршување на активности кои би биле во судир со службените должности или би можеле да го намалат нивниот општествен углед и угледот на јавното обвинителство.

Јавните обвинители ќе го известат повисокиот јавен обвинител за активностите кои во перцепцијата на јавноста би можеле да побудат сомнение во нивната самостојност и објективност и со тоа би го нарушле нивниот општествен углед и угледот на јавното обвинителство во целина.

Јавните обвинители се должни да внимаваат на своето однесување на јавните места и однесувањето воопшто, за да не нанесат штета на угледот на јавното обвинителство или на јавнообвинителската функција.

Во начелото на достоинство влегува и однесувањето и личниот изглед на јавните обвинители во и надвор од работното време, кое нешто ќе се регулира со посебен кодекс.

Јавните обвинители особено ќе внимаваат на однесувањето и личниот изглед кога се учесници или присуствуваат на меѓународни конференции, студиски посети во странство, или преземаат службени дејствија во странска држава.

Воздржаност

Јавните обвинители мора да се воздржуваат од давање изјави или било кои други дејствија со кои може да ја доведат во прашање или сомнение својата независност, непристрасност, лојалност и достоинство.

Должни се спрема колегите, вработените и странките да се однесуваат со внимание, достоинствено и со резервираност, кои се составни компоненти на јавнообвинителската функција. Тоа вклучува и обврска за почитување на државна, службена или деловна тајна и обврска да задржи за себе се што дознале за странките, за нивните права, обврски и правни интереси во рамките на вршењето на должноста, освен ако тоа не би претставувало кривично дело.

Јавните обвинители се должни да ја почитуваат професионалната доверливост во текот на вршењето на функцијата и по престанокот на вршење на функцијата да ги чуваат тајните податоци кои ги дознале при извршување на функцијата.

М.В