/ Прочитано:

737

Сентенца на Врховниот суд за вонреден правен лек во управна постапка

На 6 ноември 2023 година, Врховниот суд објави сентенца од Пресудата ПСРРУ.бр.66/2020 од 23.05.2022 година од управната област (право на судење во разумен рок – барање за заштита на правото за судење во разумен рок), за вонреден правен лек во управната постапка.

 

Сентенца

Постапката водена по повод вонреден правен лек предвиден со Законот за општата управна постапка и Законот за управните спорови, подобна е за оценка од аспект на разумноста на времетраењето на постапката во смисла на член 6 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, само доколку вонредниот правен лек е ефективен и предизвикува повторување на управната постапка.

Образложение

Барањето за заштита на правото на судење во разумен рок е навремено, дозволено, меѓутоа е неосновано.

Според член 35 став 1 точка 5 од Законот за судовите (“Сл.весник на РМ“ бр.58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/18, 198/18 и “Сл.весник на РСМ“ бр.96/19), Врховниот суд на Република Северна Македонија е надлежен да одлучува по барање на странките и другите учесници во постапката за повреда на правото на судење во разумен рок во постапка утврдена со закон пред судовите во Република Македонија, во согласност со правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за човекови права и основни слободи и тргнувајќи од судската пракса на Европскиот суд за човекови права.

Според член 36 став 4 од истиот закон, Врховниот суд на Република Македонија постапува по барањето кое ги исполнува критериумите утврдени во ставовите (2) и (3) на овој член во рок од шест месеца од неговото поднесување и одлучува дали понискиот суд го повредил правото на судење во разумен рок, притоа имајќи ги предвид правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за човекови права и основни слободи, а особено сложеноста на предметот, однесувањето на странките во постапката и однесувањето на судот кој постапувал.

Според член 6 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи секој има право правично и јавно, во разумен рок, пред независен и непристрасен со закон воспоставен суд да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски или основаноста на какви било кривични обвиненија против него.

Според член 124 став 1 од Законот за општата управна постапка (Сл. весник на РМ бр. 124/15), за ништовен се огласува управниот акт: кој во управната постапка е донесено во работа од судска надлежност, или во работа за која воопшто не може да се решава во управната постапка; кој со своето извршување би можел да предизвика некое дело казниво според Кривичниот законик и во други закони; чие извршување воопшто не е можно; во случаите кога очигледно погрешно е применета определена законска одредба од материјалниот закон на штета на странката; што го донел органот без претходно барање на странката, а со кој управен акт странката дополнително, изречно или молкум се согласила и што содржи неправилност, која според некоја изречна законска одредба е предвидена како причина за ништовност.

Во конкретниот случај, поднесеното барање за заштита на правото на судење во разумен рок се однесува на постапка која била поведена од сега подносителот по вонреден правен лек – предлог за огласување на решение за ништовно согласно Законот за општата управна постапка. Со предлогот, сега подносителот побарал огласување за ништовна точка 2 од изреката на решението бр. И.бр.05200820933 донесено на 19.08.2015 година на Фондот ……… на М., а со која подносителот бил задолжен да се јави на контролен преглед. Подносителот повел управно судска постапка поради молчење на администрација во која судот одлучувајќи без списите од управниот орган, донел пресуда У4.бр.87/2020 од 02.09.2020 година со која го задолжил тужениот орган да донесе решение по жалбата на тужителот поднесена на 08.11.2018 година. Од утврдените факти произлегува дека по предлогот на подносителот од 25.06.2018 година за огласување на решение за ништовно, Фондот ……… на М. донел решение И.бр.82093 на 24.09.2018 година со кое барањето на сега подносителот за поништување на точка 2 од изреката на решението И.бр.05200820933 од 19.08.2015 година е одбиено како неосновано со образложение дека на 22.11.2016 година било донесено решение со кое на сега подносителот му престанало правото на инвалидска пензија. Д. комисија за одлучување …….. во втор степен одлучувајќи по жалбата на подносителот изјавена на 08.11.2018 година донела решение УП.бр.1101-943 од 28.02.2019 година со кое жалбата на сега подносителот поради недонесување на решение од првостепениот управен орган ја отфрлил со образложение дека отпаднал основот бидејќи првостепениот орган веќе одлучил по барањето за огласување на решението за ништовно односно донел решение И.бр.82093 од 24.09.2018 година.

Карактеристика на вонредниот правен лек – предлог за огласување на решение за ништовно, предвиден со Законот за општата управна постапка е тоа што странката или органот по службена должност може да ги употреби во секое време по донесување на оспореното решение. Законот за општата управна постапка не предвидува временско ограничување во кое може да се поднесе. Целта на вонредниот правен лек е поништување на правните дејствија кои ги произведува оспорениот управен акт и негово ставање вон сила во случаи кога е повреден законот, а утврдената повреда може да биде причина за обнова на управната постапка.

Врховниот суд на Република Северна Македонија наоѓа дека во конкретниот случај неможе да се прифати дека подносителот на барањето се стекнал со статус на „жртва“ од долгото траење на конкретната постапка, бидејќи во конкретниот случај не настанал „спор“ во кој се одлучувало за граѓанско право или обврска на подносителот на барањето во смисла на член 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи. Конкретната постапка во која била ценета само законитоста на оспореното решение, не резултирала со утврдување на повреда на законот ,која би била основ за обнова на управната постапка. Со оглед дека се работи за неефективен правен лек, според овој Суд, сега подносителот неможе да истакнува дека е „жртва“ од долгото траење на управно судската постапка во која тој не успеал во спорот.

Врховниот суд на Република Северна Македонија укажува дека постапката водена по повод вонреден правен лек предвиден со Законот за општата управна постапка и Законот за управните спорови, подобна е за оценка од аспект на разумноста на времетраењето на постапката во смисла на членот 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи само доколку вонредниот правен лек е ефективен и предизвикува обнова на управната постапка.

Имајќи го предвид наведеното, Врховниот суд на Република Северна Македонија наоѓа дека барањето за заштита на правото на судење во разумен рок е неосновано и следуваше да се одлучи како во изреката на решението, согласно член 6 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи и член 35 и член 36 од Законот за судовите.

Решение на Врховниот суд на Република Северна Македонија ПСРРУ.бр.66/2020 од 23.05.2022 година.