/ Прочитано:

1.713

Сентенца на Врховниот суд за постапка за разрешување на судија

На 6 ноември 2023 година, Врховниот суд објави сентенца од Пресудата ПСРРУ.бр.38/2020 од 21.09.2020 година од управната област (право на судење во разумен рок – барање за заштита на правото за судење во разумен рок), за разрешување на судија.

 

Сентенца

Постапката за разрешување на судија, поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција, не претставува постапка со која се предизвикува „спор“ во кој се одлучува за граѓански права и обврски на подносителот на барањето и истата не може да се цени од аспект на повреда на правото на судење во разумен рок.

Образложение

Барањето за заштита на правото на судење во разумен рок е неосновано.

Согласно член 35 став 1 точка 5 од Законот за судовите („Сл.весник на РМ“ бр.58/06, 35/08, 150/10, 83/18, 198/18 и „Сл.весник на РСМ“ бр.96/19), Врховниот суд на Република Македонија е надлежен, да одлучува по барање на странките и другите учесници во постапката за повреда на правото на судење во разумен рок, во постапка утврдена со закон пред судовите во Република Македонија во согласност со правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за човекови права и основни слободи и тргнувајќи од судската пракса на Европскиот суд за човекови права.

Согласно член 36 став 1 од истиот закон, странката која смета дека надлежниот суд го повредил правото на судење во разумен рок, има право да поднесе барање за заштита на правото на судење во разумен рок до Врховниот суд на Република Македонија.

Според став 4 од истиот член, Врховниот суд на Република Македонија постапува по барањето кое ги исполнува критериумите утврдени во ставовите (2) и (3) на овој член во рок од шест месеца од неговото поднесување и одлучува дали понискиот суд го повредил правото на судење во разумен рок, притоа имајќи ги предвид правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за човекови права и основни слободи, а особено сложеноста на предметот, однесувањето на странките во постапката и однесувањето на судот кој постапувал.

Според член 6 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права, секој има право правично и јавно, во разумен рок пред независен и непристрасен со закон воспоставен суд да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски или основаноста на какви било кривични обвиненија против него.

Во конкретниот случај, барањето за заштита на правото на судење во разумен рок, поднесено од страна на подносителката на ден 4.05.2016 година, се однесува на постапката за повторување на постапката за нестручно и несовесно вршење на судиската функција, водена пред Судскиот совет на Република Македонија, а согласно член 400 од Законот за парничната постапка и Законот за извршување на одлуките на ЕСЧП. Видно од поднесеното барање за заштита на правото на судење во разумен рок, подносителката наведува дека во постапката биле повредени правата на избран функционер – судија, по донесена пресуда на ЕСЧП, односно дека однесувањето на Судскиот совет на РМ и бавното постапувањето на Меѓуресорната комисија допринеле за одоговлекување на повторувањето на постапката и покрај предвидените кратки законски рокови за постапување.

Овој совет, имајќи ги во предвид наводите во барањето наоѓа дека, повторувањето на постапката се однесува на постапка за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција на подносителката како судија на Основниот суд Скопје I Скопје. Постапката започнала пред Судскиот совет на Република Македонија, а продолжила пред Врховниот суд на Република Македонија, Управниот суд и Европскиот суд за човекови права. Иако, Европскиот суд за човекови права со пресуда од 07.01.2016 година, утврдил повреда на член 6 став 1 од Конвенцијата, во поглед на немањето на потребна непристрасност и независност на Судскиот совет, имајќи го во предвид учеството на тогашниот претседател на Врховниот суд на Република Македонија и Министерот за правда во одлуката на Судскиот совет за разрешување на подносителката, при што на истата и било овозможено повторување на постапката, овој совет наоѓа дека утврдената повредата не се однесува во сегментот на заштита на правото на судење во разумен рок.

Карактеристика на оваа постапка е тоа што од неа не произлегува и не настанува „спор“ како „граѓанско право“, ниту исходот на постапката непосредно е одлучувачки за таквото негово право. Врховниот суд на Република Северна Македонија смета дека под поимот „спор“ од „граѓански права и обврски“ треба да се има во предвид целта на барањето кое мора да значи овозможување подносителката да оствари некое свое граѓанско право, предвидено со законите на Република Северна Македонија. Дали некое право треба да се смета како граѓанско право според значењето на тој поим во Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, треба да се одреди на начин што нема да се цени само неговата правна квалификација, туку и неговата материјална содржина и дејствија. Применливоста на член 6 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи, во споровите помеѓу вработените како лица на именувани функции и државата, зависи од природата на работите што ги има избраното лице во конкретниот случај во правосудниот орган.

Оттука, имајќи го во предвид домашното законодавство и карактерот на засегнатото право, како и ограничениот аспект на постапките на кои се однесува барањето за заштита на правото на судење во разумен рок, Врховниот суд на Република Северна Македонија наоѓа дека постапката спроведена за нестручно и несовесно вршење на судиската функција, не претставува постапка со која се предизвикува „спор“ во кој се одлучува за граѓански права и обврски на подносителот на барањето.

Поради погоре наведеното, Врховниот суд на Република Северна Македонија наоѓа дека барањето за заштита на правото на судење во разумен рок е неосновано поради што следуваше да се одлучи како во изреката на решението, согласно член 6 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи и член 35 и член 36 од Законот за судовите.

Решение на Врховниот суд на Република Северна Македонија ПСРРУ.бр.38/2020 од 21.09.2020 година.