/ Прочитано:

635

Сентенца на Врховниот суд во врска со сведок во постапката

На 6 ноември 2023 година, Врховниот суд објави сентенца од Пркривичнаесудата ПСРРК.бр.69/2017 од 23.09.2019 година од кривичната област (право на судење во разумен рок – барање за заштита на правото за судење во разумен рок), во врска со сведок во постапката.

 

Сентенца

Подносителот на барањето, сослушан како сведок во постапката, не е странка во постапката и нема право да бара заштита на правото на судење во разумен рок, за постапка во која не е одлучувано за правото, обврската или кривичната одговорност на подносителот на барањето.

Образложение

Барањето за заштита на правото на судење во разумен рок е недозволено.

Според член 36 став 1 од Законот за судовите („Сл.весник на РМ“ бр.58/06, 35/08, 150/10, 83/18, 198/18 и ,,Сл.весник на РСМ“ бр.96/19), странката која смета дека надлежниот суд го повредил правото на судење во разумен рок, има право да поднесе барање за заштита на правото на судење во разумен рок до Врховниот суд на Република Македонија.

Според став 4 од истиот член, Врховниот суд на Република Македонија постапува по барањето кое ги исполнува критериумите утврдени во ставовите (2) и (3) на овој член во рок од шест месеца од неговото поднесување и одлучува дали понискиот суд го повредил правото на судење во разумен рок, притоа имајќи ги предвид правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за човекови права и основни слободи, а особено сложеноста на предметот, однесувањето на странките во постапката и однесувањето на судот кој постапувал.

Видно од списите во предметот К.бр.313/18 (К.бр.128/17, К.бр.117/11) на Основниот суд Гостивар, подносителот на барањето е сведок во кривичната постапка што се води против обвинетите А.Д., Ј.Б., Ј.Н. и Здружение … за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик и за кривично дело Даночно затајување од член 297 став 1 од Кривичниот законик. Во текот на целата постапка, почнувајќи од истражната па понатаму, подносителот на барањето бил повикуван и сослушан како сведок.

Имајќи го во предвид фактот дека подносителот на барањето не е странка во постапката, туку сведок, согласно горецитираните законски одредби од Законот за судовите и член 6 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, произлегува дека подносителот на барањето нема право да бара заштита на правото на судење во разумен рок, односно не му следи заштита на правото на судење во разумен рок.

Од погоре наведените причини следуваше Врховниот суд на Република Северна Маедонија да одлучи како во изреката на ова решение.

Решение на Врховниот суд на Република Северна Македонија ПСРРК.бр.69/2017 од 23.09.2019 година.