/ Прочитано:

3.818

НАУЧНА И СТРУЧНА КОНФЕРЕНЦИЈА: „Граѓанскиот законик на Република Македонија: фактор за правната сигурност и владеењето на правото“

Во организација на Институтот за правно-економски истражувања и едукација се одржа научно-стручна конференција насловена „Граѓанскиот законик на Република Македонија: фактор за правната сигурност и владеењето на правото“. Поздравен говор на конференцијата имаше заменик министерот за правда, Оливер Ристовски, а за потребата и значењето од подготовката и донесувањето на Граѓанскиот законик говореше проф. д-р Гале Галев. Свои излагања на настанот имаа и проф. д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска која говореше за уредувањето на облигационите односи,  како и проф. д-р Дејан Мицковиќ и доц. д-р Ангел Ристов кои говореа за реформите во семејното и наследното законодавство.

Во работната верзија на проектот за изработка на Граѓанскиот законик на Република Македонија се вели дека Македонија, како дел од континенталниот европски простор, цивилизациски и културолошки му припаѓа токму на тој дел.

„Оттука, ако на тој простор од древнина до денешен ден правото оставило и остава длабоки траги, кои, би рекле, имаат планетарна вредност и влијание врз вкупниот негов развој, тогаш повеќе од обврска треба да биде, следејќи го примерот на другите европски земји, и Република Македонија да изврши кодификација на своето граѓанско право“, се посочува во предговорот на проектот, проследен  и со мото инспирирано од  мисла на Јустинијан.

„Ќе ме обвинат утре, за апсолутизам, цезаро-папизам, автократија, догматска исклучивост. Ќе се прашуваат дали во системот што го изградив со сеење низ сито и решето на класичните списи го означив на тој начин крајот на една или токму со тоа отворив друга епоха? Тоа е прашање на политичките идеи, а нив ги има колку што сакаш и тие често произведуваат беззаконие. Corpus iuris civilis место тоа ќе произведе правда, а на правда упатува и самото мое име: Justinijanus. Јас немам друг избор. За тоа ако треба подведете ме утре на интерпелација и обвинете ме за сè што сторив, а другите пред мене не сторија“ – „Јустинијан“ (Извадок од монодрамскиот спев на Јустинијан Први, на писателот Јордан Плевнеш.)

Проф. д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска на конференцијата истакна дека при изработката на Граѓанскиот законик во областа на облигационите односи,  работната група тргнала од концептот на Михајло Констатиновиќ, кој е автор на ЗОО од 1978 година и неговата номо-техника, која според работната група не треба да се напушти.

„Имено, ЗОО од 1978 година е филигрански изработен закон со перфектна номо- техника, едноставен јазик со принцип дека секој став треба да биде една реченица и дека не треба да има повикување напред-назад“, подвлече професорката.

Таа посочи дека третата книга на ГЗРМ треба да го задржи единствениот концепт – монистичкиот пристап еден закон за облигациони односи помеѓу физички лица, физички и правни лица и помеѓу правни и правни лица и дека сега-засега нема да има посебна трговска кодификација за трговските договори.

Понатаму, додаде професорката, заземен е став дека потрошувачкото право и потрошувачките договори што се подложни на секојдневни измени нема да бидат составен дел на Граѓанскиот законик. Исто така, додаде таа, постигната е согласност дека областа на право на интелектуална сопственост нема да биде составен дел на Граѓанскиот законик.

Како што образложи Дабовиќ-Анастасовска, во текот на изработката на Третата книга, работната група особено ги имаше предвид решенијата содржани во познатите граѓански кодификации а особено: Германскиот граѓански законик, Италијанскиот граѓански законик, Австрискиот граѓански законик, Францускиот граѓански законик, Швајцарскиот закон за облигацоните односи и др.

Работната група ги анализирала решенијата содржани во скицата на Законот за облигационите односи на Михајло Константиновиќ (Нацрт на српскиот граѓански законик) и постојниот Закон за облигационите односи на Хрватска. Во изработката, посочи професорката,  се имаа предвид и европските искуства.

„Новините во облигационото право во Третата книга на ГЗРМ може да се сметаат за мали по обем, па сепак: новата систематика, инкорпорирањето на новите договори и внесувањето нови различни решенија во одделни посебни договори го демистифицираат убедувањето дека кодификацијата на облигационото право е најмалку спорна, кога се има веќе кодифицираниот систем на македонскиот Закон за облигациони односи. Третата книга на ГЗРМ најнапред е поделена на делови, како поголеми заокружени целини. Во оваа смисла, таа е поделена на начела  (невброен дел), дел први: настанување на обврските, дел втори: дејства на обврските, дел трети: престанување на обврските, дел четврти: разни видови обврски, дел петти: промена на страната на доверителот или на должникот, дел шести: посебни договори. Секој од деловите понатаму е поделен на оддели како поголеми заокружени целини во рамките на делот во кој се уредуваат повеќе сродни прашања. Секој оддел е поделен на повеќе глави во чии рамки се уредува едно поголемо прашање. Понатаму, секоја глава е поделена на отсеци во чии рамки се уредува една целина преку членови“, образложи професорката Дабовиќ- Анастасовска.

Професорот Дејан Мицковиќ истакна дека семејното законодавство на Република Македонија, со изготвувањето на Граѓанскиот законик, треба да претрпи сериозни реформи со кои ќе се обезбеди усогласување на семејноправните норми со промените кои се случуваат во сите сегменти на брачните и семејните односи.

„Оваа реформа е неопходна со оглед на фактот дека од донесувањето на Законот за семејството во 1992 година, семејното право нема претрпено позначајни реформи, и покрај тоа што во изминативе децении во брачните и семејните односи во Македонија се случија драматични промени. Донесувањето на првиот Граѓански законик на Република Македонија има за цел да обезбеди сеопфатно регулирање на сите позначајни граѓанскоправни односи, на еден кохерентен и систематски начин, со цел да се надминат постојните правни празнини и противречности во важечкото право кои создаваат проблеми во практиката. Исто така, Граѓанскиот законик треба да обезбеди правниците, но и сите граѓани да добијат еден законски текст во кој ќе бидат уредени сите прашања од приватната сфера кои се од исклучително значење за граѓаните, вклучувајќи ги и семејноправните односи“, подвлече Мицковиќ.

Со реформата на семејното право, додаде професорот, треба да се надминат постојните правни празнини и противречности кои создаваат бројни проблеми во практиката. Со овие предизвици, кои произлегуваат од правните празнини и застарените решенија се соочуваат судиите, адвокатите, извршителите, нотарите, како и граѓаните при остварувањето на правата од семејните односи.

„Една од основните причини поради кои семејното право, кое ќе биде регулирано во Книга 5 на Граѓанскиот закон на Македонија, треба да претрпи сериозни реформи произлегува од драматичните промени во сите сегменти на брачниот и на семејниот живот во европските земји, а и во Македонија, кои се случуваат во изминативе неколку децении. Овие промени доведоа до длабоки реформи во сите европски семејноправни системи и тука ние многу заостануваме, со оглед на фактот дека Законот за семејството во последниве 25 години не претрпе речиси никакви суштински промени“, истакна професорот Мицковиќ.

Доц. д-р Ангел Ристов на конференцијата посочи дека со донесувањето на Граѓанскиот законик се очекува да се постигне нов квалитет во регулирањето на односите на граѓанското право, како и да се надминат постојните правни празнини, проблеми и противречности во законската регулатива. Ова, нагласи Ристов, особено се однесува на Законот за наследување, кој нема претрпено позначајни промени речиси седум децении.

„Наспроти ова, во современите општества, кон крајот на минатиот и почетокот на овој век, наследувањето претрпе драматични промени. Повеќе фактори влијаат врз промените во наследното право. Во некои постсоцијалистички земји, како што е тоа случајот и со Македонија, тоа беа политичките, правните и економските промени. Во другите европски земји тоа беа промените поврзани со процесот на интеграција. Сепак, најголемо влијание врз наследното право, во речиси сите европски земји, имаат радикалните трансформации во брачните и семејните односи. Со овие предизвици се соочува и македонското наследно право кое треба да биде уредено во Книга 4 – Наследноправни односи на Граѓанскиот законик“, посочи Ристов.

Предлозите за промени на наследноправното законодавство уредено во Граѓанскиот законик на РМ

M.В