/ Прочитано:

3.397

Новините во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и насоките на УЈП за МПИН пресметката од страна на извршител

Управата за јавни приходи објави насоки за начинот на подготовка на МПИН пресметка од страна на извршител, кои се однесуваат на новите измени од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.

akad 7

Од 1.1.2017 година, со стапување во примена на Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување од 17.10.2016 година, извршителите стануваат обврзници за пресметка и уплата на придонеси за обврзник за плаќање за кој имаат спроведено наплата од парични средства за придонеси по основ извршување на судска пресуда.

Законските измени се иницијатива на Комората на извршители, а со цел поефикасно намирување на обврските по основ на придонеси од задолжителното социјално осигурување. Со овие измени, велат од Комората на извршители најголема бенефиција ќе имаат граѓаните чии средства со години не можеа да се уплатат поради системот на интегрирана наплата на бруто-плата.

Правна можност за пресметка и уплата на придонеси од страна на извршители

Со новите измени на Законот за придонеси од задолжителното социјално осигурување се воведува правна можност и законска обврска за пресметка и уплата на придонеси од страна на извршители и се воведува поефикасна постапка за пресметка и исплата на плата и придонеси од страна на стечаен управник и Управата за јавни приходи во специфични случаи.

Во ваквите случаи, се истакнува во образложението, поради работодавачот кој не постапува по судска пресуда, кој најчесто не поднесува ниту месечна пресметка за платата и придонесите, за кои со судска пресуда е задолжен да ги плати, може да дојде до вакуум и наплатените парични средства од извршителот да не може да се уплатат на уплатните сметки за придонеси и тужителите да не може да ги остварат правата од задолжително социјално осигурување, иако за тоа постои судска пресуда.

Надминување на проблемите со наплата на придонесите со спроведување судски пресуди од работни спорови

Имено, извршителот, во согласност со Законот за извршување, извршува судски пресуди од работни спорови и наплатува парични средства за придонеси од должникот – работодавач кои не може да ги уплати на уплатните сметки за придонеси без месечна пресметка на придонесите поднесена до Управата за јавни приходи, без декларација за прифаќање на месечната пресметка и налог за плаќање издадени од Управата за јавни приходи.  Во таа смисла, со воведувањето на правната можност на новите законски измени и работниците кои имале судски спор со нивните работодавачи за неплатени придонеси и кои спорот го добиле на суд, ќе можат да си ги земат средствата за пензиско и социјално осигурување и во согласност со новите измени, извршителите ќе ги уплатуваат тие финансиски средства за нив.

Измените се однесуваат и на проблемите во стечајните постапки

Покрај проблемите со наплата на придонесите со спроведување на судска пресуда, се додава во образложението, во пракса има проблеми и во стечајните постапки кога од стечајната маса во определен процент се распределуваат средства за наплата на стечајните побарувања по основ на плата, надоместок на плата, друг паричен надоместок и придонеси.

„Проблемите произлегуваат од тоа што наплатените средства од распределба на стечајната маса најчесто не се доволни за исплата на целата бруто-плата за определен месец и постои потреба да се направи корекција на месечната пресметка поднесена од работодавачот пред отворањето на стечајната постапка, за што стечајниот управник нема овластување да врши промена.  Со тоа, средствата од распределба на стечајната маса најчесто стојат нераспоредени и неуплатени на уплатните сметки за придонеси, со што вработените не можат да ги остварат соодветно правата од социјално осигурување. За надминување на овие проблеми, со законските новини  стечајниот управник се задолжува да поднесе пресметка за вработените лица кај работодавачот кого го застапува и кого го претставува, за месеците пред отворање на стечајната постапка, сразмерно на делот на стечајната маса што се распределува за уплата на придонесите за соодветниот месец. Конечната обврска за придонеси останува во согласност со пресметката на работодавачот и пријавеното стечајно побарување“, се образложува во законските измени.

Воедно, со новите законски измени Управата за јавни приходи може да врши службено утврдување доколку во постапка на надворешна контрола или во друга даночна постапка утврди извршени исплати или примања кои не се внесени во месечната пресметка на работодавачот и на кои не се пресметани и уплатени придонеси.

Начин на пополнување на МПИН пресметка од страна на извршител

Основица за пресметка и уплата на придонесите од задолжително социјално осигурување, велат од УЈП, е основицата за придонеси која е утврдена во судската пресуда. Во таа насока, извршителот изготвува поединечна МПИН пресметка за секој тужен работодавач и врши пресметка на платата за сите обврзниците за плаќање – тужители по периоди утврдени со судската пресуда.

Поднесувањето на МПИН пресметката, истакнуваат од УЈП, се врши рок од пет дена по денот на спроведеното извршување од парични средства од обврзникот за пресметка и уплата на придонесите, по електронски пат (преземи нова верзија МПИН клиентски софтвер  http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/81), со пополнување на МПИН пресметка со следните комбинации на вид на обврзник/обврска:

Вид на обврзник 310 и вид на обврска 509 – Пресметката се пополнува со податоци поединечно за секој обврзник за плаќање за кој извршителот има спроведено наплата од парични средства за придонеси по основ извршување на судска пресуда. Во полето 2.14 задолжително се внесува податок за ЕДБ на тужениот работодавач кај кој обврзникот за плаќање има заснован работен однос. Овој податок за ЕДБ задолжително се внесува и во полето 3.26 од клиентскиот софтвер. Доколку согласно судската пресуда исплатувате разлика на плата, во тој случај пресметката на придонесите се врши на износот на досудената разлика на плата. МПИН пресметката се поднесува за секој месец поединечно.

Вид на обврзник 310 и вид на обврска 503 – Оваа пресметка се пополнува на ист начин како пресметката со вид на обврзник 310 и вид на обврска 509, а се користи доколку има потреба за исправка на податоците од поднесена и платена пресметка со вид на обврзник 310 и вид на обврска 509.

Други корисни информации во врска со регистрација за добивање на код за идентификација, пополнување и поднесување на МПИН пресметките можете да ги преземете од веб-страницата на УЈП http://www.ujp.gov.mk/mk/vodic/category/132).

Стапија во примена законските измени за поефикасно намирување на обврските врз основа на придонеси од задолжителното социјално осигурување

М.В