/ Прочитано:

1.690

Правно мислење на Врховниот суд на РСМ за извршување на парично побарување спрема РСМ и нејзините органи – определување минимални средства за вршење на дејност

Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 68 од Судскиот деловник („Службен весник на РМ“ бр. 66/2013 и 114/2014) и член 33 од Деловникот за работа на Врховниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на РСМ“ бр.14/2022), постапувајќи по заклучокот на граѓанските оддели на четирите апелациони судови во Република Северна Македонија, за расправање по правно прашање заради обезбедување на единствена примена на законот и воедначување на судската практика, на седницата одржана на ден 26.12.2022 година, го утврди следното:

ПРАВНО МИСЛЕЊЕ

Претседателот на основниот суд на чие подрачје се спроведува извршувањето за остварување на парично побарување спрема Република Северна Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија е овластен да определи кои средства што се наоѓаат во нивните сметки кај носителите на платен промет, се неопходни за вршење на нивната дејност.

О б р а з л о ж е н и е

До Врховниот суд на Република Северна Македонија – Оддел за граѓански дела доставен е заклучок од работната средба на граѓанските оддели на четирите апелациони судови одржана на ден 06.10.2021 година, со кој поради различна судскапрактика на овие судови, е побарано Врховниот суд на Република Северна Македонија да се произнесе по правното прашањедали во случај кога налогот за извршување е донесен врз основа на член 210 од Законот за извршување, кога налозите за извршување ги задолжуваат трезорските сметки, претседателот на судот, постапувајки по барање за определување на минимални средства за вршење на дејност на должник, има право да ја примени одредбата од член 218 од Законот за извршување, која се однесува на извршување врз подвижни предмети и права спрема Република Северна Македонија и нејзините органи и единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија, и да определи лимит за извршување врз парични средства на сметката на должникот на трезорските сметки, односно на должникот која се наоѓа во рамките на трезорските сметки.

Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Северна Македонија, расправајќи по поставеното правно прашање го утврди правното мислење, поради следните причини:

Согласно член 208 од Законот за извршување, извршување заради остварување на парично побарување спрема правно лице може да се спроведе врз сите расположливи средства на неговите сметки кај носителите на платен промет каде што должникот има сметки.

Согласно член 210 став (1) извршителот со налогот за извршување назначува еден од носителите на платен промет каде што се водат доверителовите и должниковите парични средства, бројот на доверителовата и должниковата сметка и нивните потсметки доколку ги има, доверителовиот и должниковиот даночен број или ЕМБГ и долгуваниот износ. (2) Со налогот за извршување врз парични средства што се водат на сметка на должникот кај носителот на платен промет, на носителот му се наложува паричниот износ за кој е наложено извршување да го пренесе од сметките на должникот на сметката на извршителот предвидена во членот 36 став (5) од овој закон. (3) Налозите за извршување кои ги задолжуваат трезорските сметки, односно сметката на должникот која се наоѓа во рамките на трезорските сметки, носителотна платен промет ги извршува на начин што врз основа на налозите за извршување изготвува налози кои ги доставува до Трезорот при Министерството за финансии, односно Трезорот на Фондот за здравствено осигурување каде што на должникот му се води сметката. (4) Трезорот при Министерството за финансии, односно Трезорот на Фондот за здравствено осигурување налозите од ставот (3) на овој член ги извршува согласно со овој закон и согласно со прописите за платен промет. (5) Извршителот е должен да го достави налогот за извршување до должникот, откако налогот за извршување врз средства на сметката на должникот е евидентиран кај носителот на платен промет.

Во членот 218  став 1 од Законот за извршување е определено дека, врз предмети и права на Република Македонијаи нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи. Според ств 2 од истот член, кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот ќе определи претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство, ако во текот на спроведувањето на извршувањето, странките за тоа прашање не се согласат или инаку се укаже тоа како потреба.

Поаѓајки од содржината на наведените одредби од Законот за извршување може да се заклучи дека претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршувањето е овластен согласно член 218 став 1 и 2 од Законот за извршување да определи кои предмети се неопходни за вршење на дејноста на субјектите – правни лица наведени во истата одредба без оглед што во налогот за извршување од страна на надлежен извршител е назначен носителот на платен промет, паричниот износ за кој треба да се пренесе од сметкатата на должникот на сметка на извршителот и начинот на извршувањето на налогот од страна на носителот на платен промет.

Впрочем во рамките на ова правно прашање Врховниот суд на Република Северна Македонија преку сентенца под бр.71, страна 225, објавена во Збирката на судски одлуки 2001-2004 година, книга X, изразил правен став кој гласи:

Пред донесувањето на решението по предлогот за извршување врз подвижни средства на Република Македонија, судот треба да утврди дали тие средства се неопходни за вршење на нивните основни задачи.

Поради тоа, со самиот факт што извршителот, налогот за извршување врз паричните средства што се водат на сметка на должникот кај носителот на платен промет го донел согласно член 210 од Законотза извршување, не значи дека извршувањето може да се спроведе и врз парични средства кои се неопходни за вршењето на дејност на Република Северна Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија и дека претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршувањето не е овластен согласно член 218 од Законот за извршување да определува кои средства се тие средства.

 

ВРХОВЕН СУД
НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Оддел за граѓански дела