/ Прочитано:

2.087

Објавен Предлог-законот за заштита на потрошувачите

Министерството за економија го објави Предлог-законот за заштита на потрошувачите. Со овој закон се уредуваат правата и обврските на потрошувачите и на трговците во потрошувачките односи, начините и постапките на заштита на правата на потрошувачите, информирањето на потрошувачите, унапредувањето на знаењето на потрошувачите за нивните права и начините и постапките на нивна заштита, правата и обврските на здруженијата и сојузите чија област на дејствување е остварувањето на целите на заштита на правата на потрошувачите, правата и обврските на надлежните органи, тела и други носители на заштитата на правата на потрошувачите, како и други прашања од значење за положбата и заштитата на правата на потрошувачите.

Основни права на потрошувачите се правото на задоволување на основните потреби, правото на безбедност, правото на информираност, правото на избор, правото на здружување и создавање механизми за учество на потрошувачите во создавање политики, правото на правна заштита, правото на едукација и правото на здрава и одржлива животна средина.

„Со Законот за заштита на потрошувачите, којшто е во сила, се уредуваат правата и обврските на потрошувачите. Овој закон е хармонизиран со директивите на Европската Унија и ги следи сите последни измени во нејзината легислатива. Прашањето за надзорот е усогласено со националниот систем на надзор, а воедно усогласено е и прашањето за  имплементација на законот од страна на надлежните инспекциски органи. Во законот е уредено и прашањето што се  однесува на судските постапки. Со новиот Предлог-закон за заштитата на потрошувачите се врши доусогласување и хармонизирање на законот со повеќе директиви на Европска Унија“, велат од Министерството за економија.

Хармонизирањето на законот со директивите на Европска Унија и усогласувањето со новиот Предлог-закон за прекршоци, образложуваат од Министерството, ќе овозможи подобро остварување на правата на потрошувачите преку ефективен надзор на пазарот, подобро информирање и едуцирање на потрошувачите за нивните права, зајакнување на независноста и репрезентативноста на здруженијата за заштита на потрошувачите и ќе обезбеди инструменти за брзо решавање на споровите.

Во подготовка нов Закон за заштита на потрошувачите

Поплаки од граѓаните поради нарушување на нивните потрошувачки права

Потребни се законски измени за колективната заштита на правата на потрошувачите

Организацијата на потрошувачи бара колективна заштита на правата на потрошувачите

М.В