/ Прочитано:

3.190

Објавени предлог-измените на Законот за сопственост во врска со стекнувањето стварни права на странци

Министерството за правда ги објави предложените измени  на Законот за сопственост и други стварни права. Основната цел на законот е либерализација на прометот на недвижности и стекнувањето на стварни права на странци.

„Со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за сопственост и други стварни права се создава основа за либерализација на прометот на недвижности и постигнување на конзистентност во делот на стварните права на странците“, образложуваат од Министерството.

Со Законот за сопственост и други стварни права се уредуваат правото на сопственост и другите стварни права во согласност со Уставот.

Право на сопственост, се пропишува во законот, можат да стекнуваат сите домашни и странски физички и правни лица, вклучувајќи ја и државата и единиците на локалната самоуправа, под услови и на начин предвидени со овој и друг закон.

Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на сопственикот и на заедницата.

Во Законот за сопственост и други стварни права во делот за  стварни права на странски лица се пропишува дека одредбите на овој закон се применуваат и на странски физички и правни лица, освен ако со закон или меѓународен договор поинаку не е определено.

Како странско физичко лице, според овој закон, се смета она физичко лице кое нема државјанство на Република Македонија, освен ако со закон поинаку не е определено.

Како странско правно лице, според овој закон, се смета она правно лице кое има регистрирано седиште надвор од територијата на Република Македонија, освен ако со закон поинаку не е определено.

Странско лице не може да биде сопственик на недвижност која поради заштита на интересите и безбедноста на Република Македонија со закон е прогласена за подрачје на кое странски лица немаат право на сопственост, освен ако со закон поинаку не е определено.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за сопственост и други стварни права, кој може да се коментира на следниот линк, во целост:

Член 1

Во членот 241, по ставот (1) се додава нов став (2), а ставот (2) станува став (3):

„По исклучок од ставот 1 на овој член, при примената на овој закон,  не се смета како странско физичко лице:

1) физичко лице на кое државјанството на Република Северна Македонија му престанало со отпуст; или

2) физичко лице  кое е брачен другар на држвајнин на Република Северна Македонија; или

3) физичко лице кое е потомок на иселеник до прво колено, а иселеникот е државјанин на Република Северна Македонија, или во моментот на неговата смрт бил државјанин на Република Северна Македонија“.

Член 2

Во членот 243 став (1), зборовите „Европската Унија и Организацијата за економска соработка и развој (во натамошниот текст: ОЕЦД)“ се менуваат и гласат:

„Европската Унија или Организацијата за економска соработка и развој (во натамошниот текст: ОЕЦД)“.

Член 3

Во членот 243 став (2) по зборовите Европската Унија, сврзникот „и“ се брише и се заменува со зборот „или“.

Член 4

Членот 244 се менува и гласи:

„Странски физички лица државјани на држави членки на Европската Унија или на ОЕЦД  и правни лица со регистрирано седиште во држави членки на Европската унија или во ОЕЦД, можат да стекнат право на сопственост на стан, станбена зграда и деловен простор на територијата на Република Северна Македонија под исти услови како и државјаните на Република Северна  Македонија.“

„Странски физички лица државјани на држави кои не се членки на Европската унија или на ОЕЦД и правни лица со регистрирано седиште во држави кои не се членки на Европската унија или на ОЕЦД, можат да стекнат право на сопственост на стан, станбена зграда и деловен простор на територијата на Република Северна Македонија, како и државјаните на  Република Македонија под исти услови на реципроцитет.“

Член 5

Членот 245 се менува и гласи:

„Странски физички лица државјани на држави членки на Европската Унија или на ОЕЦД  и правни лица со регистрирано седиште во држави членки на Европската унија или на ОЕЦД, можат да стекнат право на сопственост и право на долготраен закуп на градежно земјиште на територијата на Република Северна Македонија под исти услови како и домашни правни и физички лица државјани на Република Северна Македонија.“

„Странски физички лица државјани на држави кои не се членки на Европската унија или на ОЕЦД и правни лица со регистрирано седиште во држави кои не се членки на Европската унија или на ОЕЦД, можат да стекнат право на сопственост и право на долготраен закуп на градежно земјиште на територијата на Република Северна Македонија под услови на реципроцитет.“

Член 6

Членот 246 став (1) се менува и гласи:

„Странски физички и правни лица не можат да стекнуваат право на сопственост на земјоделско земјиште на територијата на Република Македонија, освен ако со овој закон закон или меѓународен договор поинаку не е определено.“

Член 7

По членот 246 се додава нов член 246-а кој гласи:

„Ако странско лице не може да стекне право на сопственост на земјоделско земјиште по пат на наследување, по правосилноста на решението за наследување со кое таквото лице е прогласено за наследник на земјоделско земјиште, тоа земјиште преминува во сопственост на Република Северна Македонија по сила на закон, а странското лице има право на надомест согласно прописите за експропријација, на ист начин како недвижноста да е одземена во постапка за експропријација.

Решението од ставот (1) на овој член се доставува до Државното правобранителство на Република Северна Македонија од страна на органот кој го донел решението во рок од 7 дена од денот на правосилност на решението.“

Член 8

Во членот 250, по ставот (1) се додаваат два нови става кои гласат:

„На странско лице кое стекнало право на сопственост на недвижност пред подрачјето на која таа се наоѓа да биде прогласена за подрачје од ставот (1) на овој член, сопственоста на недвижноста на странското лице престанува, а тоа има право на надомест согласно прописите за експропријација.

Ако странско лице не може на подрајчето од ставот (1) на овој член да стекне право на сопственост на недвижност по пат на наследување, странското лице има право на надомест согласно прописите за експропријација, на ист начин како недвижноста да е одземена во постапка за експроријација.“

Измени на Законот за сопственост за либерализација на прометот на недвижности и стекнувањето на стварни права на странци

М.В