/ Прочитано:

255

Писмен одговор на претседателката на Врховниот суд на Република Северна Македонија на поканата од Судскиот совет на Република Северна Македонија

Во врска со поканата од ден 03.11.2023 година до Претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија за одржување на работна средба, би сакала да укажам на некои формално-правни аспекти кои би требало да бидат земени предвид.

На почетокот, како Претседател на Врховниот суд на Република Северна Македонија нагласувам дека Врховниот суд како највисок суд во државата дава целосна поддршка на процесите за унапредување на транспарентноста на судството.

Примената на начелата на отворено и транспарентно судството, како и на слободата на мислата и на јавното информирање како загарантирани права во Уставот и во Европската конвенција за заштита на човековите права, се силна гаранција за осигурување на независноста на судството.

Поаѓајќи од овие заложби, нагласени и во Декларацијата за отворено судство, а во контекст на Вашата покана за работна средба на која би се елаборирале објавени написи во медиумите, потенцирам дека написите за состојбите во судството, вклучително и написите за потенцијални или присутни влијанија, треба да се вреднуваат како суштински придонес за независноста на судството.

Тоа впрочем е и една од целите на заложбите за отвореното судство, но и на напорите за заштита на самостојноста и угледот на судството и за јакнењето на довербата на граѓаните кон судската власт.

Во оваа смисла, би сакала да истакнам дека во согласност со европските стандарди и практики во врска со прашањата од висок јавен интерес, отвореното судство има превентивна улога во спречувањето на обидите за политички или други влијанија.

Исто така, од особена важност е да се истакне дека за политичките влијанија и притисоци во судството, не се говори само во медиумските написи, туку и во релеватните меѓународни извештаи, кои ги оценуваат состојбите во судството.

Констатациите во извештаите се континуирани и крајно сериозни.

Имено, Европската Комисија во последниот извештај истакна дека важно е да се осигури дека судството е заштитено од каков било ризик на несоодветно мешање од надвор.

Политичките притисоци и влијанија се нагласени и во Извештајот на Прибе.

Стејт департментот нотира дека случаите на несоодветниот политички притисок врз судиите продолжиле да ја попречуваат ефикасноста и да влијаат на довербата на јавноста во владеењето на правото.

Последната анкета на ОБСЕ, исто така нотира дека судиите самите укажуваат на присутност на притисоци и несоодветни влијанија. Загрижувачка беше и констатацијата за недовербата кон Судскиот совет, за што мора да се посвети повеќе внимание во иднина.

Политичките притисоци и влијанија како појава се нотирани и од граѓанските организации кои ја следат работата на судството.

Преку медиумски написи, изјави или интервјуа, на постоење на политички притисоци или пак притисоци од другите власти, укажаа и судии, вклучително и судии на Врховниот суд на Република Северна Македонија.

На притисоци преку конкретни изјави и за конкретни случувања укажаа дури и членови на Судскиот совет, но и поранешни претседатели на Судскиот совет на Република Северна Македонија. И покрај ваквите укажувања јавноста не доби одговори дали Судскиот совет презел соодветни дејствија, појаснувајќи за какви притисоци се работело.

Законските одредби на кои се повикувате во поканата до Претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија, иако погрешно цитирани и во двете верзии, беа и тогаш во важност. Претпоставувам и тогаш имаше потреба од итно и без одлагање да се разгледа прашањето за притисоците и влијанијата во органот на судството кој ја гарантира независноста на судството.

Воедно, во врска со структурата и целта на поканата треба да се напомене дека доставувањето покани и организирање работни средби за новинарски написи и интервјуа ниту е соодветно, ниту пак на тоа упатуваат надлежностите на Судскиот совет.

Оттука, ваквиот пристап не е во насока на исполнување на законските цели за заштита на судството, како темелен принцип, утврден и во мислењата на Консултативниот совет на европски судии и во меѓународните документи за независно судство.

Треба да се има предвид дека работата на Врховниот суд позитивно е оцената во меѓународните извештаи и особено е образложена во Извештајот на Европската унија. Утврдувањето на начелниот став за објавување на неправосилни одлуки како голем придонес за транспарентноста и видливоста на правдата во согласност со стандардите и практиката на Европскиот суд за човековите права, беше истакнат и во Извештајот на Стејт департментот. Од тие причини, Врховниот суд има поддршка и охрабрување во остварувањето на своите заложби, а независноста на судството е една од нив.

Би сакала да укажам дека политичките влијанија во судството како присутна појава и важно општествено прашање, потребна е поширока јавна расправа бидејќи се работи за проблем кој ја тангира државата и граѓаните, а со тоа и другите власти и чинители.

Мојот став за непочитувањето на уставното начело на поделба на власта го искажав и при подготовката на новата Стратегија за реформи во правосудниот сектор. Тоа е основата на сите предлози на Врховниот суд за подобрување на законите. Целта е да се минимизираат и елминираат сите обиди за надворешни притисоци.

За мене како Претседател на Врховниот суд како највисок суд во државата кој е носител на судската власт, а согласно член 3 од Законот за судовите, најважно е, посебно во овој клучен период за Република Северна Македонија, да ги остварам и заштитам целите и функциите на судска власт, а тоа е непристрасно применување на правото и на владеењето на правото.

Цврсто сум убедена дека оваа недела и во следниот период, веднаш по добивањето на извештаите на Европската унија и на Оценската комисија за работата на Судскиот совет, ќе се отворат суштинските прашања за проблемите во судството, но и ќе се даде јасен патоказ за чекорите кои треба да се преземат понатаму.

Констатациите од двата извештаи, вклучително и прашањето за политичките притисоци и влијанија набрзо ќе биде повод за размена на мислења и отворање на нова дискусија во рамки на работни настани и средби кои ќе дадат понатамошен придонес за владеењето на правото.

Би сакала да ве информирам дека денеска, во овој предизвештаен период, веќе имам закажано настан со Коалицијата „Сите за правично судење“ на кој ќе биде потпишан Меморандум за соработка во кој се акцентира и значењето на независноста на судството и отпорноста од политичките влијанија и притисоци.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ВРХОВНИОТ СУД
НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Беса Адеми