/ Прочитано:

1.453

Потребно е усогласување на Законот за безбедност и здравје при работа со регулативата на ЕУ

На состанокот на Групацијата за безбедност и здравје при работа се расправаше за изменување и дополнување на Законот за безбедност и здравје при работа и за измените и дополнувањата на Правилникот за висината на надоместоци за услуги за безбедност и здравје при работа.

Во текот на дискусијата, информираат од Стопанската комора, беше истакнато дека е потребно изменување и дополнување на Законот за безбедност и здравје при работа во насока на усогласување со регулативата на Европска Унија.

Притоа беше истакнато дека измените и дополнувањата на Правилникот за начинот на бодување на активното и пасивното учество во обуките за стручно усовршување на стручните лица за безбедност при работа, на формата и образецот на потврдата за стекнатите бодови за учество на обуката за стручно усовршување и на Правилникот за стручно усовршување на стручни лица од областа безбедност при работа, со кој се регулира издавањето лиценци за стручните лица од оваа област, се бараат бидејќи не соодветствуваат со условите во нашата земја. Се истакна дека бодувањето е нефункционално и потребно е градирање на бодувањето.

На состанокот на Групацијата за безбедност и здравје при работа беа усогласени измените и дополнувањата на Правилникот за висината на трошоците за извршување стручни работи за безбедност при работа. Членките на Групацијата констатираа дека донесените правилници се според Законот за безбедност и здравје при работа.

Со Правилникот за висината на трошоците за извршување стручни работи за безбедност при работа се пропишува висината на трошоците за извршување на стручните работи за безбедност при работа врз основа на видот, начинот, обемот и местото на извршените стручни работи.

Се констатира дека периодот на имплементација на овој Правилник во пракса уште на почетокот покажа дека унифицираните цени за услугите не се реални и дека не треба да се унифицираат, односно дека висината на цената мора да биде во правопропорционален однос со обемот и сложеноста на услугата која се испорачува, во зависност од специфичноста на дејноста на работодавачот, односно компанијата во која се извршува.

„Ако се зборува за услугата изработка на процена на ризик, потребното време и потребните човечки ресурси за увид на самото место, снимање на работното место и работните задачи на вработените, разговор/анкета со вработените, увид во постојната документација (на пример, спроведени здравствени прегледи, случени повреди во изминат период, важечки стручни наоди од спроведени прегледи и испитувања на средствата за работа, на условите во работната средина – микроклима, осветлување, хемиски штетности и друго) за давање приказ на технолошкиот и работниот процес, опис на средствата за работа и опис на средствата и опремата за лична заштита при работа, спроведување, препознавање и утврдување на опасности и штетности на работното место и работната средина, одредувањето на нивото на ризик, утврдување на начинот и мерките за отстранување, намалување или спречување на ризикот, апсолутно е различно за работно место административен работник и за работното место инсталатер на телекомуникациска опрема“, беше истакнато на состанокот.

На крајот на состанокот се заклучи да се достави допис до Министерството за труд и социјална политика за поголема соработка со Групацијата за безбедност и здравје при работа при Стопанската комора на Македонија, односно при секое носење закони и други подзаконски акти да биде консултирана Групацијата.

М.В