/ Прочитано:

996

Предложени измени на Законот за финансиската инспекција во јавниот сектор

Група пратеници во Собранието на РМ поднесоа предлог-измени на Законот за финансиската инспекција во јавниот сектор. Со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за финансиската инспекција во јавниот сектор, се образложува во законските измени, се обезбедуваат услови за зголемување на административните капацитети на финансиската инспекција со цел заштита на финансиските интереси на субјектите од јавниот сектор од сериозно лошо финансиско управување, измами и корупција.

„Измената и дополнувањето на Законот за финансиската инспекција во јавниот сектор се врши поради негово усогласување со одредбите од Законот за административните службеници и уредување на начинот на лиценцирање на финансиските инспектори.

Целта на овој закон е подобрување на функционирањето на финансиската инспекција како сектор во рамките на Министерството за финансии преку  олеснување на постапката за екипирање и подигање на неговите административни капацитети.

Градењето на административните капацитети на финансиската инспекција е неопходно заради спроведување континуиран и квалитетен надзор во работењето на субјектите од јавниот сектор.

Заради подигање на административните капацитети на финансиската инспекција, се уредуваат начинот и постапката за спроведување на испитот за добивање лиценца за финансиски инспектор. Обуката и испитот за добивање лиценца за финансиски инспектор ќе се врши во согласност со Програмата за начинот на полагање на испитот за добивање лиценца за финансиски инспектор донесена од министерот за финансии“, се образложува во предложеното законско решение.

М.В