/ Прочитано:

1.597

ПРЕДМЕТ „ТОРТУРА“: СЈО поведе истражна постапка за седум лица поради постапувањето при лишувањето од слобода на Љубе Бошковски

Како првоосомничен во случајот се јавува поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, а останатите осомничени се припадници на полицискта единица-алфи. Моќта на функцијата и, воопшто, општата претстава за личноста на директорот на УБК произвела полициските службеници да постапат без приговор и со сервилна покорност кон неговите наредби, со кои директно се напаѓа човековото достоинство.

Прес Специјално јавно обвинителство предмет „Тортура“

Специјалното јавно обвинителство презентираше нов предмет, „Тортура“, кој се однесува на начинот на лишување од слобода на лидерот на „Обединети за Македонија“, Љубе Бошковски, на 6.6.2011 година по предвремените парламентарни избори.

Сите инволвирани, освен, се разбира, оштетениот, биле заинтересирани целокупната јавност да ја види бескрупулозноста на дел од полициските сили – алфи при апсењето на политички противник на партијата на власт, ВМРО-ДПМНЕ, која во тој период раководи со полицијата.

„Тоа во кривично-правниот речник се нарекува едноставно – тортура. Таквото поведение е казниво според сите меѓународни стандарди. Kазниво е и според Кривичниот законик на Република Македонија, директно со членот 142 од КЗ и членот 3 од Европската конвенција за човековите права“, истакна обвинителката Фатиме Фетаи.

Поради дискриминација врз основа на поинаква политичка определба, директорот ги навел останатите осомничени, полициските службеници во единицата алфи, во вршењето на службата, при лишување од слобода на осомничено лице, оштетениот Љубе Бошковски, да му предизвикаат душевно страдање.

„Првоосомничениот, според разработен оперативен план во МВР за лишување од слобода на лицето Љубе Бошковски поради сомнение дека врши кривично дело злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања од чл.165-а од КЗ,  a заради одмазда спрема поради политичките пораки кои му ги упатил на првоосомничениот во текот на изборната кампања, ги навел полициските службеници задолжени да го извршат лишувањето од слобода, за време на лишувањето кај оштетениот да предизвикаат душевно страдање“, рече Фетаи.

Фатиме Фетаи

Моќта на функцијата и, воопшто, општата претстава за личноста на директорот на УБК произвела полициските службеници да постапат без приговор и со сервилна покорност кон неговите наредби, со кои директно се напаѓа човековото достоинство.

Без да постои каков било отпор од страна на Љубе Бошковски, осомничените употребиле сила и закана и спротивно на Уредбата за употреба на средства на присила и огнено оружје, ги пречекориле законските овластувања за употреба на средства за присила, потенцираше Фетаи,

Од страната на пет полициски службеници – алфи, Бошкоски бил држен на паркингот кај ресторанот „Воденица“ од 14:30 до 16:00 часот и постојано добивал директни закани од началникот на единицата. Пцости, погрдни зборови, закани за бројот на годините што ќе ги одлежи во затвор поради кривичното дело кое го сторил и дека  нема да види бел ден, биле само дел од зборовите што биле употребени за заплашување на Бошкоски.

„Понатаму, половина час тој бил држен со лицето свртено кон полски тоалет додека претставниците на медиумите го фотографирале и го снимале чинот на апсење, со што на Бошковски му било предизвикано душевно страдање и директно му биле повредени човечкото достоинство и личноста“, додаде Фетаи.

Истражната постапка за предметот „Тортура“ е поведена според членот 142 став еден од Кривичниот законик.

Член 142
(1) Тој што во вршењето на службата, како и тој што наведен од службено лице или врз основа на негова согласност, ќе употреби сила, закана или друго недопуштено средство или недопуштен начин со намера да изнуди признание или некоја друга изјава од обвинетиот, сведокот, вештакот или друго лице, или ќе предизвика кај друг тешко телесно или душевно страдање за да го казни за кривично дело што го сторило или за што е осомничен тој или друго лице, или за да го заплаши или да го присили на откажување од некое негово право, или ќе предизвика такво страдање поради каков било облик на дискриминација, ќе се казни со затвор од три до осум години.

Прес Специјално јавно обвинителство предмет „Тортура“

Против сите лица кои се во работен однос во Министерството за внатрешни работи до Основниот суд Скопје 1 Скопје ќе биде поднесен предлог за определување на мерка на претпазливост – забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело. Ваквата мерка е предвидена со членот 146 став 1 точка 7 од Законот за кривичната постапка и сметаме дека во овој момент таа е неопходна како реакција на државата за дејствијата за кои постои основано сомнение дека ги извршиле осомничените.

Иако полициските алфи сѐ уште се на позициите што ги имале и во 2011 година, од СЈО сметаат дека нема потреба за притвор бидејќи со мерката за претпазливост ќе се исполнела обврската за обезбедување на лицето.

Притвор не е побаран ниту за првоосомничениот, кој веќе не е на функцијата директор во УБК, а СЈО не сметало дека постои опасност од бегство, па поради тоа не  е побарано ниту одземање на патната исправа.

Од Кривичниот суд во Скопје велат дека до овој момент сè уште до нив не е стигнат ниту еден предлог од Специјалното јавно обвинителство кој се однесува на конкретниот предмет.

Обвинителката Ленче Ристоска, во одговор на прашањата на новинарите, истакна дека поведената истражна постапка за начинот на апсење на Бошковски при спроведувањето на акцијата „Кампања“ не може да влијае врз неговата затворска казна, која истекува за два месеци, бидејќи предмет на истрагата не е начинот на кој се водела постапката за делото за кое е обвинет Бошковски, ниту, пак, висината на неговата казна.

Ленче Ристоска

За конкретниот кривично-правен настан постојат и снимки кои беа и јавно достапни, исто така, постои и документ кој Љубе Бошковски го потпишал по апсењето во присуство на неговиот адвокат, но тој се однесува на самата постапка во делот на времетраењето и во делот на тоа дали му се нанесени физички повреди.

„Точно е дека забелешки немало според тој документ, но наша одговорност беше да се испитаат другите околности, а токму во Европската конвенција за човекови права во членот 3 се наведува дека начинот на постапување е еден од начните на вршење на тортура“,  истакна Ристоска.

Катица Јанева: СЈО ги почитува европските и меѓународните норми и стандарди за превенција од тортура и третман на лицата лишени од слобода

Претходно, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева истакна дека Специјалното јавно обвинителство во своето постапување континуирано и доследно ги почитува вградените европски и меѓународни норми и стандарди за превенција од тортура и третман на лицата лишени од слобода во насока на што поголема заштита на правата на лицата чија слобода на движење е ограничена.

„Овде би ја спомнала и Европската  конвенција за човекови права која има за цел да обезбеди општо и ефективно признавање и исполнување на правата утврдени во неа, а чија основна цел  е заштитата и развојот на човековите права и основните слободи кои ги чинат темелите на правдата и мирот во светот и чија заштита, од една страна, се засновува врз вистинската политичка демократија, а од друга страна, врз заедничкото сфаќање и почитување на човековите права од кои зависат тие слободи“, рече Јанева.

Таа потенцираше  дека Специјалното јавно обвинителство поведува и води кривични постапки во согласност со Законот за кривична постапка, во чии рамки ќе бидат заштитени и гарантирани правата на сите учесници во постапката, како од аспект на нивна безбедност, така и од аспект на обезбедување на сите процесни права.

„Поради тоа, цврсто сум убедена дека Специјалното јавно обвинителство ќе ги даде очекуваните резултати и секое лице за кое е поведена предистражна, истражна и друга постапка, ќе одговара за дејствијата кои ги презел, доколку со тие дејствија извршил кривично дело во Согласност со Кривичниот законик на Република Македонија“, истакна Јанева

Марија Севриева