/ Прочитано:

1.296

Преку имплементација на меѓународниот стандард за здравје и безбедност при работа до поголема ефикасност на компаниите

Во време на глобализација, брза и напредна технологија, а со тоа и зголемена конкурентност, за компаниите не е доволно да бидат само профитабилни, туку клучно е да имаат доверливи системи на внатрешна контрола за покривање на ризиците поврзани со здравјето и безбедноста на вработените, квалитетот во организациска смисла, животната средина, енергетска ефикасност и сл.

Секоја компанија, велат од Стопанската комора,  треба да биде максимално одговорна за здравјето и за безбедноста на своите вработени и сите оние кои можат да бидат погодени од нивните активности. Тие треба да работат етички и во согласност со Законот што ја покрива оваа проблематика.

Некои процени предвидуваат дека повеќе од 40 милиони нови работни места ќе бидат создадени на годишно ниво до 2030 година, следејќи го порастот на населението во светот. Затоа, намалувањето на бројот на инциденти, кои резултираат во еден дел и со смртни случаи, дури и со мал процент, ќе биде големо достигнување. Како последица на тоа, ќе има голема побарувачка и потреба за „најдобри практики“, односно стандард кој се осврнува на подобрување на здравјето и на безбедноста при работа, а кој истовремено покажува и потврдува етичко бизнис-однесување.

Овие трендови доведоа до потреба од развој на признат стандард во сите географски региони, држави, култури и надлежности, како референтна точка за  управување со здравјето и со безбедноста при работа; промовирање на подобра комуникација за заеднички прашања, споделување на најдобрите практики кои се врз основа на принципите на меѓународните пазари. Како додаток на претходното, аспирацијата на Меѓународната организација за стандардизација (ИСО) е дека „името на ИСО и признавањето ќе му даде дополнителен кредибилитет на новиот стандард и ќе доведе до уште пошироко прифаќање на овој систем за управување со здравјето и безбедноста на работното место.“

ИСО 45001 е новиот меѓународен стандард за систем за управување со безбедноста и здравјето при работа, објавен од страна на Меѓународната организација за стандардизација во јули годинава. Тоа е доброволен стандард, со кој организациите можат да го воспостават, да го спроведат, да го одржуваат и да го подобруваат здравјето и безбедноста на своите вработени. Тој произлегува од претходниот Британски стандард – ОХСАС 18001 (здравје и безбедност при работа) и дава рамка за системско управување со ризиците на работните места, односно спречување на смрт, повреди поврзани со работата,  лошо здравје предизвикано од природата на работата, што значи обезбедува безбедна и здрава работна средина  за сите вработени.

Овој стандард го утврдува начинот на континуирано подобрување преку управувањето со системот за здравје и безбедност при работа.

М.В