/ Прочитано:

1.484

ПРЕСУДА СЛУЧАЈ „ЧЕКАН“: Вкупна казна затвор од 53 години и шест месеци за седуммина обвинети

За седумтемина осудени јавниот обвинител предложи продолжување на мерката притвор до правосилноста на пресудата, ценејќи дека постои законска основа за тоа.

????????????????????????????????????

Затворски казни за седум лица и ослободителна пресуда за едно лице е епилогот од судскиот случај за предметот „Чекан“. Како што информираат од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, за кривичните дела лихварство и изнуда изречени се вкупно 53 години и шест месеци казна затвор за обвинетите, и тоа поединечно:

– на обвинетиот Ф. А. му е изречена казна затвор од 11 години и 6 месеци;

– на обвинетиот А. М. му е изречена казна затвор од 8 години и 6 месеци;

– на обвинетиот  И. А. му е изречена казна затвор од 7 години и 6 месеци;

– на обвинетиот Р. С. му е изречена казна затвор од 9 години и 3 месеци;

– на обвинетиот Ф. М. му е изречена казна затвор од 11 години и 6 месеци;

– на обвинетиот З. А. му е изречена казна затвор од 2 години и 6 месеци и

– на обвинетиот Ш. Б., кој како командир на полициска станица им помагал на другите осомничени во вршењето на кривичните дела во периодот од 2009 до 2012 година, му е изречена казна затвор од  2 години и 9 месеци.

„Во текот на судењето беа изведени многубројни писмени и вербални докази, како и докази прибавени со посебни истражни мерки. Во судскиот процес беа сослушани над 45 сведоци предложени од Обвинителството кои во своите искази јасно и категорично ги потврдија и ги објаснија сериозните закани и употребата на сила на кои биле подложени и кои врз нив ги вршеле сега осудените“, истакна надлежниот јавен обвинител Маја Конеска од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, се наведува во соопштението на Обвинителството.

За седумтемина осудени јавниот обвинител предложи продолжување на мерката притвор до правосилноста на пресудата, ценејќи дека постои законска основа за тоа.

Во предметот „Чекан“  е опфатена криминалната  група која дејствувала во континуитет, почнувајќи од 2008 година, претежно на територијата на Општина Гостивар. Главниот мотив бил стекнување на противправна имотна корист со извршување на повеќе кривични дела. Обвинетите подолго време неовластено се занимавале со давање пари на заем на други лица, со договор. Притоа, искористувајќи ја тешката состојба на лицата, тие договарале за себе несразмерна имотна корист. За враќање на заемот вршеле притисок, користејќи сериозни закани и физички напади врз оштетените, велат од Обвинителството.

Во криминалната група беа гонети 21 лице, од кои со тројца осомничени Обвинителството постигна спогодба за признавање на вина во текот на истрагата. Со едно лице е постигната спогодба во фаза на оцена на обвинителниот акт.

За три лица предметот беше префрлен на надлежно постапување во Основното јавно обвинителство – Гостивар, а за петмина е донесена наредба за запирање на истрагата.​