/ Прочитано:

1.470

Судиите кои поднесоа претставка против Панчевски на состанок во Судскиот совет

Средбата меѓу тричлената Комисија надлежна за работењето на Кривичниот суд и 13-те судии кои се потпишаа на претставката за состојбите во оваа правосудна институција, а според кои одговорноста треба да ја сноси претседателот Панчевски, е закажана за во 14 часот.

Избор на претседател на Судски совет

Во согласност со заклучокот на Судскиот совет на Република Македонија од последната седница одржана во средата, да се преземат извиди и дејствија за актуелната состојба во Основниот суд Скопје 1 – Скопје, членовите на  Комисијата надлежна за следење на работата на Судот денеска  ги повикуваат судиите потписници на претставката против Панчевски, која беше доставена на 11 ноември, да дојдат во просториите на Судскиот совет.

Членовите на Комисијата ќе остварат средба и со претседателот на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, Владимир Панчевски, а на средбата ќе присуствува и претседателот на Судскиот совет на Република Македонија, Зоран Караџовски.

Средбата меѓу тричлената Комисија надлежна за работењето на Кривичниот суд и 13-те судии кои се потпишаа на претставката за состојбите во оваа правосудна институција, а според кои одговорноста треба да ја сноси претседателот Панчевски, е закажана за во 14 часот.

Инаку, Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција ја отфрли кривичната пријава против Панчевски која ја поднесе судијата Иван Џолев за незаконско влијание врз судија и за поткуп.

„Постапувајќи по поднесената кривична пријава против претседател на основен суд, со која се товари дека сторил кривично дело – примање награда за противзаконито влијание по чл. 359 ст. 3 в.в со ст. 2 од Кривичниот законик, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција веднаш оформи предмет и во текот на постапката прибави докази поврзани со утврдување на фактите и околностите наведени во пријавата. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по сеопфатно проучување на сите прибрани докази, утврди дека пријавеното дело не е кривично дело за кое се гони по службена должност, по што пријавата ја отфрли“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.

Јавното обвинителство информира дека, со цел да се проверат наводите во кривичната пријава, покрај материјалните докази – списи од истражниот предмет и доставеното писмено укажување, беше испитан и осомничениот.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција испрати три покани до подносителот на кривичната пријава за и тој да даде исказ. Подносителот на пријавата во својство на оштетен не се јави на поканите и не е испитан. Според прибавените докази, дејствието преземено од пријавениот не претставува реално или претпоставено влијание за постапување на истражниот судија распореден по истражниот предмет бидејќи истото во себе не содржи наредба. Даденото Укажување дава насока како поефикасно и побрзо да се заврши истражен предмет во согласност со законот, кој многу години не бил завршен. Воедно, со истото се бара од истражниот судија, да го извести претседателот на судот за преземените активности поврзани со решавање на конкретниот предмет. Во согласност со законот, претседателот на судот се грижи за ажурно работење на судот, па неговите насоки биле со таа цел“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција утврди дека од сето ова неспорно произлегува дека Укажувањето е дадено со цел да се активираат можни законски услови за завршување на истрагата во согласност со одредбите од чл. 178 ст. 2 во врска со ст. 1 од Законот за кривична постапка што важел во времето на донесувањето на Укажувањето, а кое пријавениот како претседател на судот имал право да го преземе.

„При извршеното испитување, пријавениот на записник поднесе кривична пријава против подносителот на кривична пријава за сторено кривично дело – лажно пријавување на кривично дело според чл. 366 од Кривичниот законик. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја препрати оваа кривична пријава за понатамошно постапување до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје“, се вели во соопштението.

А. Б.