Презентиран Законот за враќање на 15% од ДДВ на граѓаните
Претседателот на Владата, Зоран Заев, министерот за финансии, Драган Тевдовски, и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, на прес-конференција информираа за Предлог-законот за враќање на 15% од данокот на додадена вредност на граѓаните, кој беше усвоен на последната седница на Владата и беше доставен на усвојување во Собранието.
Со овој предлог-закон, кој се очекува да се применува од 1 јули, започнува реализацијата на проектот „Мој ДДВ“, еден од најважните проекти од изборната програма и од Програмата за работа на Владата.
„Преку мерката ‘Мој ДДВ’, граѓаните на нашата земја, заедно со финансиските институции, ќе остварат две главни цели: првата цел е да се вратат пари кај граѓаните, а втората цел е да учествуваат во намалувањето на сивата економија и во елиминацијата на даночното затајување“, истакна премиерот Заев.
Оваа можност за поврат на дел од ДДВ ќе биде достапна за сите граѓани на Република Северна Македонија кои имаат наполнети 15 години, кои се регистрирани или ќе се регистрираат на системот на УЈП, и кои од 1 јули ќе ја преземат одговорноста редовно да си ги земаат фискалните сметки на продажните места, а потоа и да ги скенираат преку мобилен телефон.
„Доколку се исполнат нашите очекувања и граѓаните бараат сметки, ќе им бидат вратени околу 50 милиони евра годишно. Максималниот износ на поврат за едно лице ќе изнесува 1.800 денари за три месеци. 98% од домаќинствата ќе можат да направат поврат на ДДВ на нивната вкупна потрошувачка, а за оние најбогатите 2% ќе има лимит“, информираше министерот за финансии, Драган Тевдовски, и додаде дека оваа придобивка е обезбедена за сите граѓани, и дека заради правичност, за да не се случи повратот да оди главно кај најбогатите граѓани, поставени се лимити кои оневозможуваат поврат на дел од ДДВ од сметка над 30.000 денари.
Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, на прес-конференцијата соопшти дека станува збор за нова реформа, којашто за првпат се воведува кај нас, а по начинот на којшто ќе се реализира е прва од ваков вид и на Балканот.
„Целосната дигитализација, кон што се стреми УЈП, ќе им помогне на граѓаните да ги остварат своите права поврзани со надлежностите на УЈП од областа на даноците на брз и едноставен начин. Токму затоа и оваа реформа ќе се спроведе преку системот на УЈП, односно апликација којашто граѓаните ќе можат со своите мобилни телефони да ја симнат и да извршат скенирање на фискалните сметки, кои веќе нема да претставуваат парче хартија коешто ќе ги потсетува граѓаните само на парите коишто ги потрошиле, туку и на парите коишто ќе им се вратат“, потенцираше директорката на УЈП, Лукаревска.
На прес-конференцијата во Владата на РСМ денеска беше презентирана и апликацијата „Мој ДДВ”, којашто граѓаните ќе ја користат од 1 јули, и со која ќе се скенираат валидните фискални сметки. Апликацијата низ 5 едноставни чекори ќе биде алатката преку која граѓаните сега за прв пат ќе се стекнат со можност да вратат дел од ДДВ, и на тој начин да станат партнери во борбата против сивата економија.
Поврат на ДДВ: Само најбогатите домаќинства ќе можат да вратат една просечна плата
М.В