/ Прочитано:

636

Сентенца на Врховниот суд за надлежност на ВСРСМ

На 6 ноември 2023 година, Врховниот суд објави сентенца од Пресудата ПСРРГ.бр.8/2021 од 26.04.2021 година од граѓанската област (право на судење во разумен рок – барање за заштита на правото за судење во разумен рок), за надлежност на ВСРСМ.

 

Сентенца

Врховниот суд на Република Северна Македонија, во случај на утврдена повреда на правото на судење во разумен рок, освен определување на рок во којшто судот, пред кого постапката е во тек, е должен да постапи, нема надлежност да му наложи на понискиот суд определен начин на постапување по конкретен предмет.

Образложение

Врховниот суд на Република Северна Македонија, по претходно проучување на поднесеното барање за заштита на правото на судење во разумен рок, најде дека барањето е недозволено.

Според член 35 став 1 точка 5 од Законот за судовите („Сл.весник на РМ“ бр.58/06, 35/08, 150/10, 83/18, 198/18 и „Сл.весник на РСМ“ бр.96/19), Врховниот суд на Република Македонија е надлежен: да одлучува по барање на странките и другите учесници во постапката за повреда на правото на судење во разумен рок, во постапка утврдена со закон пред судовите во Република Македонија во согласност со правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за заштита на човекови права и основни слободи и тргнувајќи од судската пракса на Европскиот суд за човекови права.

Согласно член 36 став 4 од истиот закон, Врховниот суд на Република Македонија постапува по барањето кое ги исполнува критериумите утврдени во ставовите (2) и (3) на овој член во рок од шест месеца од неговото поднесување и одлучува дали понискиот суд го повредил правото на судење во разумен рок, притоа имајќи ги предвид правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за човекови права и основни слободи, а особено сложеноста на предметот, однесувањето на странките во постапката и однесувањето на судот кој постапувал.

Според став 5 од цитираниот член, ако Врховниот суд утврди повреда на правото на судење во разумен рок со решение то ќе определи рок во којшто судот, пред кого постапката е во тек, мора да одлучи за правото, обврската или кривичната одговорност на подносителот на барањето и ќе досуди правичен надоместок за подносителот на барањето заради повреда на неговото право за судење во разумен рок.

Во конкретниот случај, со поднесеното барање за заштита на правото на судење во разумен рок подносителот предлага Врховниот суд на Република Северна Македонија да донесе решение со кое ќе се задолжи Основниот суд Битола веднаш да го земе предметот од нотарот Е.П. и судот да ја води постапката по предлогот за издвојување на оставината од имотот на наследниците на покојната С.М.. Имајќи ги превид цитираните законски одредби, надлежноста на Врховниот суд на Република Северна Македонија е определена во сегментот на заштита на правото на судење во разумен рок односно оцена на разумноста на времетраењето на судските постапки. Во случај на утврдена повреда на правото на судење во разумен рок, надлежноста на овој суд е определена само во рамките на определување на рок во кој ќе се задолжи судот пред кого постапката е во тек, да го заврши предметот. Оттука, произлегува дека согласно член 36 став 5 од Законот за судовите, овој Суд нема надлежност да наложи на понизок суд определен начин на постапување по конкретен предмет, кога се има предвид фактот дека постапката е уредена со Законот за вонпарничната постапка.

Со оглед дека Врховниот суд на Република Северна Македонија не е надлежен да даде задолжение на Основниот суд Битола да го земе предметот од нотарот и судот да одлучи по предлогот за издвојување на оставина, следуваше барањето на подносителот да се отфрли како недозволено.

Решение на Врховниот суд на Република Северна Македонија ПСРРГ.бр.8/2021 од 26.04.2021 година.