/ Прочитано:

2.109

СООБРАЌАЈНАТА КУЛТУРА НА ПРВО МЕСТО: Почитувањето на сообраќајната сигнализација и знаци е основно правило за безбедно управување со возилото

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира до сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни и одговорни во сообраќајот, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација, да ги почитуваат сообраќајните знаци, да ги почитуваат правилата за ограничување на брзината и да не управуваат моторно возило под дејство на алкохол. Сообраќајната култура и меѓусебното почитување секогаш треба да бидат на прво место кај секој учесник во сообраќајот.

„Последниот продолжен викенд од месец август е пред нас. Убавото и топло време е идеална прилика за организирање продолжен одмор или пократко патување која ќе ја искористат голем број од граѓаните на Република Македонија. Карактеристично за секој продолжен викенд се зголемениот интензитет на сообраќајот и поголемата фреквенција на автомобили, од вообичаеното.  За жал, црната статистика повторно нѐ потсетува дека за време на продолжен викенд, особено во летниот период, вообичаено се зголемува и бројот на сообраќајни незгоди и секако бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди.

Дали црната статистика и потресните стории за загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди ќе бидат реалност по овој продолжен викенд или не, зависи од секој граѓанин поединечно, од секој учесник во сообраќајот, без разлика дали станува збор за возач, патник, велосипедист, мотоциклист, пешак итн.“, велат од РСБСП.

Почитувањето на сообраќајната сигнализација и сообраќајните знаци, велат од Советот, е основно правило за безбедно управување со возилото и претставува гаранција за безбедно одвивање на сообраќајот. 

„За добар одмор, убаво поминат викенд и безбедно патување, бидете трпеливи во сообраќајот, прифатете го фактот дека е гужва и подгответе се за колоните возила кои ќе ги има на наплатните рампи и на граничните премини. Внимавајте на престигнувањето и никако не практикувајте слалом возење. Приспособете ја брзината кон условите на патот. Не престигнувајте на полна линија или кога немате прегледност на патот. Алкохолот, се разбира, е најголем непријател на возачите. Патувајте одморени и не заборавајте да користите појас. Преземете ги сите неопходни мерки за поголема заштита, за поголема безбедност во сообраќајот, за удобно патување и за убаво поминат празничен викенд“, истакнуваат од РСБСП.

М.В